Од училишни клупи на работа - неисполнет предизвик

Архивска фотографија - Посета на млади на фабрики

Владините мерки за вработување и за вештини потребни на пазарот на трудот не се доволно ефективни, покажува ревизорскиот извештај. Главниот предизвик за државата е да се обезбеди кадар каков што бара пазарот и да се намали одливот на луѓе од државата.

Не се доволно ефективни владините мерки, политики и активности со кои треба да се обезбеди поголема вработеност, потоа да се обезбедат вештини какви што бара пазарот и да се надмине трендот на континуиран одлив на кадар од државата, е заклучокот на извештајот на Државниот завод за ревизија ефективноста на мерките со кои треба да се наминат предизвиците на пазарот на трудот.

Во мерките и програмите за вработување учествувале само околу 5 проценти од активните баратели на работа. Од околу 100 илјади активни баратели на работа годишно, во мерките учествувале околу 6 илјади годишно, од кои околу 4 илјади луѓе се вработувале.


Главен предизвик на државата треба да биде надминување на јазот меѓу образованието и вештините од една и понудата на пазарот на труд од друга страна и справувањето со заминувањето на висококвалификувани кадри од земјата, стои во извештајот кој го опфаќа периодот 2017 - 2020 година.

Треба многу време и пари младите да се спремаат за работа

Видете и ова: Затворени фирми во рамки на просекот, но раст на отпуштени работници

Бизнисмените постојано го нагласуваат овој проблем. Претседателот на Организацијата на работодавачи, Ангел Димитров вели дека се потребни промени во образовниот систем кои ќе придонесат до тоа кога средношколците или студентите завршат со образованието, нивното знаење да им овозможи да работат и на пософистицирани работни места кои ќе бидат и подобро платени.

„Нивото на знаење кај нашите дипломирани студенти и средношколци мора да се подигне, за жал, тоа е на многу ниско ниво, тие не се самостојни во размислувањето, креациите, одлуките, и треба и многу време и големи трошоци за доедукација за да отпочнат со работење. Недоволно едуцираниот кадар не е мотивиран и нема храброст да започне сопствен бизнис, така што го уништуваме претприемачкиот дух и иницијатива кои се основен предуслов за развој на земјите кои градат капитализам“, вели тој.

Според анкетите, стои во ревизорскиот извештај, работодавачите барале како вештини кои се потребни да бидат воведени и таканаречените меки вештини како способност за извршување комплексни задачи, критичко размислување, комуникација, креативност, аналитички и организациски способности, но овие вештини не се опфатени преку активните мерки за вработување. Кај дел од мерките имало целосна опфатеност, додека кај друг и остануваат неискористени пари.

Секој трет млад човек е невработен

Вкупната невработеност бележи пад од 22,4 отсто во 2017 на 16,5 проценти во 2020, но сè уште е далеку повисока од стапката во ЕУ, која во 2019 изнесува 6,7 проценти. Од вкупниот број на активни баратели на работа 20 проценти се млади луѓе до 29 години. Извештајот покажува дека има намалување на младинската невработеност и од 39, 2 отсто во 2017, на 30, 5 во 2019, но тоа, освен на мерките кои се преземаат, се должи и на тоа што многу млади се отселиле, стои во извештајот.

Во извештајот на Заводот за ревизија меѓу другото е оценуван процентот на успешност на проектот Гаранција за млади, еден од проектите за надминување на младинската невработеност, со која на младите им се обезбедува понуда за вработување, континуирано образовани и обука или практиканство. Во 2018 и во 2019 преку оваа мерка се вработиле околу 8000 млади.

Во извештајот се наведува дека младите луѓе имаат тешкотии да го преминат мостот од завршување на образование до вработување, а со долготрајното чекањето работа ги губат стекнатите знаења и вештини, а со тоа и можноста за вработување.

Невработените млади лица во најголем дел имаат средно образование, потоа следуваат со основно образование и тие без образование. Но, податоците покажуваат дека се намалува невработеноста кај високообразованите млади луѓе, од 28 проценти во 2017 на 18 во 2019, но тоа може да се должи и на иселувањето, стои во извештајот.

Од Младинскиот образовен форум (МОФ), организација кој се занимава со младински политики, велат дека во програмата на Владата се забележува зголемен интерес за млади, но проблемот е во тоа што нема видливи резултати.

„Ставот на младите е дека мерките не дале резултат, дури во голем дел дека беа и непостоечки, колку и да беа рекламирани во некои медиуми, нивниот ефект е незабележителен. Невработеноста е на исто ниво како и во изминатата деценија“, рече неодамна за РСЕ Георги Божиновски од МОФ.

Видете и ова: Илјадници граѓани се откажале од македонското државјанство

Ревизорите во извештајот посочуваат дека проблем е и одливот на квалификувана работна сила, односно во земјата недостасуваат медицински кадар, инженери, ИТ експерти, стручни лица и научници, студенти од техничките и природните науки, оти таквите кадри емигрирале од земјава.

Ревизијата утврдила дека дефинирањето на програмите, мерките и услугите за вработување не се темели на детални анализи за одржливоста и ефикасноста на активните програми и мерки со што би се потврдиле придобивките или слабостите на истите. Од тие причини неопходно е континуирано оценување на успешноста на активните мерки за вработување и услуги на пазарот на труд, како и поставување на таргети и следење на нивното исполнување, стои во ревизорскиот извештај.

Агенцијата за вработување им помага на луѓето да се вработат, но во Агенцијата во периодот од 2017 до 2019 опаднал бројот на вработени. Недостатокот од човечки ресурси се ублажува со ангажирање на вработени на определено време.