Ако нема влада ќе се продлабочи кризата

Илустрација - Луѓе со заштитни маски поради Ковид-19 на Камени мост во Скопје

Скромните соопштенија и изјави на политичарите за формирањето на владиното мнозинство не кажуваат многу дали земјава наскоро ќе добие влада, која, според аналитичарите Клековски и Муслиу е неопходна за да се справува со коронавирусот

Помина речиси еден месец од предвремените јулски избори, на кои инсистираше особено владејачката СДСМ, барајќи тие да се одржат брзо за да се добијат функционални институции во време на пандемијата од коронавирусот. Но, изборните резултати кои донесоа тесно водство на коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ и барањата на ДУИ, кои освоија најмногу пратеници од албанскиот електорат, го одолговлекуваат договарањето владино мнозинство до последниот уставен рок в петок, кога истекуваат десет дена од конституирањето на Собранието и претседателот Стево Пендаровски треба да го додели мандатот за формирање влада.

Видете и ова: Можна ли е влада без Зоран Заев?

ДУИ во официјалните изјави останува на инсистирањето за Албанец премиер, нешто што беше и нивно главно предизборно ветување, а СДСМ останува на ставот дека тоа е неприфатливо за нив, секојдневно повторувајќи дека нивниот лидер Зоран Заев е кандидат за мандатар и премиер.

Двете партии заедно со ДПА, која веќе се согласи на коалиција со СДСМ би имале 62 пратеници, за еден повеќе од потребното мнозинство. Ако не дојде до договор меѓу СДСМ и ДУИ, отворена е можноста и за разговори со Алијансата за Албанците и Алтернатива, но тие имаат 12 пратеници, недоволно за мнозинство, што би отворило покомлицирани разговори за добивање на уште неколкумина.

И покрај ваквата ситуација политичкиот аналитичар Алберт Муслиу смета дека нема да дојде до политичка криза и дека досегашните владини коалициони партнери СДСМ и ДУИ ќе дојдат до договор.

„Мислам дека ова е дел од преговарачката политика која ја водат. Мислам дека на крај ќе постигнат решение, ако пак не постигнат, секако ќе се најде друг начин, но не верувам дека ќе влеземе во долга политичка криза, дури сум убеден дека владино мнозинство ќе имаме пред крајот на месецот“, вели Муслиу.

Аналитичарот Сашо Клековски, пак, не е толку оптимист. Нагласува дека како надворешен набљудувач, без да ги знае деталите од преговорите, идејата за премиер Албанец му наликува на Тиранската платформа по изборите во 2016 година, па сите вели кружат околу неа, ама не ја прифаќаат. Но за разлика од тогаш, додава тој, сега државата нема време за губење поради неопходните функционални институциите кои би се справувале со пандемијата од коронавирусот и последиците од него.

„Ние влегуваме во здравствен и економски предизвик оваа есен, веќе гледаме дека јавноста е жестоко поларизирана за започнување на училишната година и веројатно ќе влеземе неподготвени во една таква важна ситуација и немаме ние време за еден, два, три круга намигнувања. Мислам дека она што требаше уште во старт да го направат ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ е да започнат директни разговори кои не треба да ги исклучат другите партии туку да водат кон влада на широко мнозинство која ќе има мандат да ја изведе земјата низ кризата која не очекува оваа есен“, вели Клековски.

Видете и ова: Што доколку партиите не договорат владино мнозинство

Истовремено, додека партиите излегуваат со скромни соопштенија за разговорите за формирање влада, бројките на новозаболени од коронавирусот се уште се троцифрени, а дел граѓани не се задоволни од институциите кои треба да креираат политики поврзани со кризата предизвикана од пандемијата.

На пример, на социјалните мрежи може да се забележи поларизираноста за почетокот на учебната година, која ја споменува и Клековски, а и има и критики што напомалку од дваесет дена до почетокот на учебната година Министерството за образование и здравствените власти разговараат како таа да се одвива. Друга институција, Агенцијата за вработување доцни со податоците за бројот на луѓе кои изгубиле работа меѓу другото и поради коронавирусот оти во меѓувреме директорката е на одмор.

Клековски вели дека поради ваквата ситуација земјава веќе сериозно се поткопува и здравствено и економски.

„Еве за оваа плата, за јули, веќе нема субвенции за фирмите, значи голем дел од луѓето ќе мора да одлучат што ќе прават понатаму, значи дали ќе продолжат со сите вработени со намалени плати или ќе одат на отпуштање. Завчера беа објавени откупните цени за грозјето за бербата што ни престои во септември, цените се преполовени во однос на минатата година затоа што винариите се полни со старо вино. Поради ваквите работи ни треба влада со полн капацитет час поскоро“, вели Клековски.

Видете и ова: Стојанов - Младите кои ќе завршат на респиратор имаат големи проблеми


Инаку, покрај очекуваните економски последици, наесен се очекува и зголемен број заразени со ковид19. Тоа често го најавува и министерот за здравство Венко Филипче нагласувајќи дека се подготвуваат за многу полошо сценарио и дека интензивно работат за справување со ситуацијата.

И самите избори се одржаа во ек на пандемијата и под посебни мерки. Првично беа закажани за на 12 април, а распишани по инсистирање на ВМРО-ДПМНЕ поради тоа што државата не доби датум за преговори за членство во Европската унија во октомври лани, потоа беа одложени за 15 јули, ден кој не донесе многу појасна слика на македонската политичка сцена.