Со поздравно ракување на поранешните разузнавачи Зоран Верушевски и Сашо Мијалков во судскиот ходник стартуваше и рочиштето за високопрофилниот предмет на поранешното Специјално обвинителство Таргет-Тврдина. Во делумно мирна атмосфера помина рочиштето на кое адвокатите на обвинетите за нелегалното прислушување и незаконско уништување на опремата во УБК се откажаа од вкрстеното испрашување на сведокот Верушевски и со блага насмевка го следеа неговото одговарање на дополнителните прашања на обвинителството.
Во двочасовното рочиште честопати одбраната приговараше не дозволувајќи сведокот да одговори на прашањата на обвинителката Ленче Ристоска. Неодговорени останаа прашањата како и од кого Верушевски во 2010 година ги добил првичните информации и документи за нелегалното прислушување во УБК.
Видете и ова: Судска битка на разузнавачките титаниВерушевски ја искористи приликата како сведок во судницата да им посочи на обвинителите од поранешното СЈО дека погрешно ја воделе истрагата, односно дека погрешен човек е првообвинет, вината требало да ја бараат во побегнатиот азилант во Унгарија, Никола Груевски, за кого рече дека со тешко срце го именува. Верушевски обвини и дека побегнатите во Грција, поранешни разузнавачи Горан Грујевски и Никола Бошковски заедно со поранешниот премиер Груевски се мозокот на ова кривично дело.
„За разлика од 2001 година кога политичарите извлекоа поука од таа хаварија (со прислушување) овој пат човекот којшто имаше најголем мотив да ја задржи власта по секоја цена настапи со некакви идеи за Пуч, за странски служби и предавство. Поради неговата патолошка опседнатост со задржување на власта преку злоупотреба на институциите, голем дел од обвинетите тука во судницата ја плаќаат цената“, рече Верушевски во судницата.
Тој обвини дека тројцата избегани обвинети се клучните играчи кои сè уште поседуваат многу поголем дел документите од прислушуваните разговори што СДСМ му ги предаде на СЈО и дека комуницираат со други тајни служби со што ѝ нанесуваат и натаму штета на државата, информација за која рече дека ја добил од неговата практика и контакти со лица надвор од државата.
„Оваа документација што ја поседува СЈО е минорна во однос на тоа што го поседуваат овие три лица. Само еден Господ знае што сè друго поседуваат. Поседуваат и друга документација која не е предмет на ова обвинение“, рече Верушевски.
Тој го обвини СЈО што дозволи Груевски, Грујовски и Бошковски да побегнат од државата, потенцирајќи дека „токму тие тројца се главни виновници“.
Тој кажа дека во Унгарија и Грција тамошните разузнавачки служби не ги прашувале овие тројца за туризмот или пак за придонесот на овоштарството во БДП, туку за нив предмет на интерес е арсеналот од прислушуваните разговори кои тие ги поседувале.
Судијата Владимир Туфекџиќ побара од Верушевски конкретен одговор на прашањето на каква компромитација мислел во неговиот исказ од минатото рочиште дека документацијата по неговото притворање за предметот „Пуч“ добила страотна модификација и конпромитација.
Видете и ова: Дали Верушевски „ги пушти бомбите низ вода“?„Базичната документација, нејзиниот обем, нејзината целосна структура се наоѓа во рацете на луѓето кои се во Грција и во Унгарија. Со тешко срце ќе го именувам тој што требаше да биде првообвинет Никола Груевски, кој ја направи примарната деструкција на таа документација на прес-конференција по моето приведување нарекувајќи ја Пуч, затоа што тој ја поседуваше таа документација и имаше монопол врз неа“, рече Верушевски и нагласи дека „мандатот на СЈО од тоа време до денес е со цел да се урне митот дека таа документација е сечена и лепена“.
Обвинителката Ристоска во неколку наврати бараше, но не доби конкретни одговориод екс-разузнавачот Верушевски како на пример на прашањето во каква форма конкретно ја добил првата докуменација и во што формат дали на УСБ, хард диск или слично, каде била складирана и анализирана истата.
„Анализите се мисловен процес и се предодредени од интелектуалниот капацитет на поединецот и илузорно е да се фокусираме на локацијата каде и кога почнува и завршува мисловниот процес. Не само во просториите на СДСМ може човек да добие поттик за размислување и таму да заврши процесот на расудување“, одговори со професорски наратив сведокот Верушевски.
По завршувањето на рочиштето Верушевски пред новинарите кратко најави прес-конференција на која ќе објаснел подетално. Адвокатот на Мијалков и дел од обвинетите, поранешниот обвинител Љупчо Шврговски, избегнувајќи ги медиумите искоментира само дека е задоволен од сведочењето.
Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, пак, изјави дека неговото сведочење не се однесува на неа и нема што да биде задоволна или незадоволна од неговото сведочење. Следното рочиште е закажано за 24 октомври на кое се очекува во својство на сведок да се појави премиерот Зоран Заев кој ќе треба да одговара и на вкрстени прашања од одбраната на Мијалков. Исходот од предметот „Таргет-Тврдина“ треба да покаже кој нелегално прислушувал над 20.000 граѓани преку три системи за следење на комуникации во УБК.