Во годината кога Сојузот на композиторите на Македонија ја одбележува 75-годишнината од формирањето постојано стремејќи се да ги обедини, заштити, презентира и промовира културните и духовни вредности на македонското музичко творештво ќе се случи и 45-то издание на манифестацијата „Денови на македонска музика“. А, на овој убав јубилеј на единствениот Фестивал на нашите простори што овозможува македонското музичко творештво да живее и да се создава во континуитет, како традиција, сведоштво за минатите, сегашните и идните времиња, овојпат е планирано да се одржат 16 концерти и пет музички средби и трибини. Отворањето ќе биде со со Гала концерт на солистите, хорот и оркестарот на Националната опера и балет на кој се дела инспирирани од богатата македонска фолклорна ризница, исткаени во уметнички бисери преку творечките пера на композиторите Тодор Скаловски, Стојче Тошевски, Љупчо Константинов, Тодор Трајчевски и Драган Даутовски. Под диригентската палка на маестро Вања Николовски – Ѓумар, како солисти ќе настапат сопранот Катерина Стојановска, тенорот Никола Стојчески, виртуозот на македонските народни инструменти Драган Даутовски на гајда и Ратко Даутовски на тапани.
А, во пресрет на „Денови на македонска музика“ одговори побаравме од Валентина Велковска Трајановска, композитор и актуелен претседател на СОКОМ.
Велковска, како претседател на СОКОМ и еден од творците на програмата за 45 издание на „Денови на македонска музика“, што ви беше целта таа да понуди овојпат? На што го ставивте овојпат акцентот?
- Најпрво, Ви благодарам за Вашиот интерес за континуирано следење на настаните и состојбите во областа на културата и можноста да го најавиме ова 45то фестивалско издание. Нашата желба како уметнички совет беше да ги одбележиме сите 75 години на постоење на СОКОМ, но и јубилејот на „Деновите на македонска музика“. Во нашите стремежи, ни се придружија и најголемите музички институции, своевремено формирани од членовите на СОКОМ (композитори, музиколози, етномузиколози, музички публицисти..) меѓу кои Националната опера и балет, Филхармонија и НУ „Танец“. Сакавме да овозможиме изведба на дела од што повеќе композитори, како своевиден преглед на дела што на некој начин го одбележуваат нивното творештво, со акцент на опусот на починатите композитори и во тој контекст може да го споменам Концертот за пијано и оркестар на Академик Властимир Николовски, Мадригалите на Стојче Тошевски, Балтепе на Академик Тодор Скаловски и многу други. Секој концерт носи своја различна концепција и приказна што веруваме дека ќе и биде интересна на публиката да ја проследи, а секако може и да споменеме дека изведбите на овие дела најчесто се еднаш во дваесет или повеќе години со што нивното проследување претставува на некој начин и учество во своевиден историски чин.
Што како посебност, концерти, трибини, изданија ... би издвоиле од вкупната целина на двете сезони – априлската и онаа планирана за наесен?
45-тото издание на „Деновите на македонска музика“ опфаќа 16 концерти и пет дополнителни настани (музички средби и трибина). Имаме многу концерти што ќе прикажат различни аспекти на македонската уметничка музика. На програмата за отварањето на Манифестацијата и на концертот на Оркестарот на Македонска музичка младина се дела инспирирани од богатата домашна фолклорна ризница, исткаени во уметнички бисери преку творечките пера на композиторите Тодор Скаловски, Стојче Тошевски, Љупчо Константинов, Тодор Трајчевски, Драган Даутовски, Благој Цанев, Кирил Македонски и други композитори. Доминантен елемент на творештвото на постарата генерација композитори е вокалната и вокално-инструменталната музика, поради што освен на отварањето, солисти ќе настапат и на концертот на МММ. Имаме два концерти со соло песни насловени Избор на уметникот и концерт на женскиот хор ПроАрс. Неколку вечери ни се посветени на младите изведувачи, како на пример во Првата сезона ќе настапи гудачкиот квартет АТАКА, во втората сезона ќе го реализираме концертот со студенти-изведувачи што овојпат го проширивме па така освен Факултетот за музичка уметност од Скопје и учество ќе земат и студентите од музичките академии од Штип и Тетово. Како гости од странство во првата сезона ќе настапат извонредните МЕИТАР од Израел, а во втората сезона публиката ќе може да го проследи прогресивниот германски дувачки квинтет КУНСТ КВИНТЕТ.
На трибините и средбите со композиторите сакаме да ги дискутираме секогаш отворените прашања за состојбите со македонското современо музичко творештво и композиторите, прашањето на духовната потреба од творење, но и да говориме за егзистенцијалните, загрижувачки аспекти на состојбите директно поврзани со можностите за создавање, стимулација, изведба на делата и нивна заштита.
Колку реално „Денови на македонска музика“ и во едно вакво време на скудност успева да ја оствари својата иницијална мисија, идејата водилка промовирана пред четири и пол децении? Каква е визијата на современите творци за растот на манифестацијата која има убава традиција на афирмација на домашното творештво?
- Создавањето на музичкото творештво без негова презентација и изведба останува само запис што го чека вистинскиот момент да биде оживеан. „Деновите на македонска музика“ се единствениот фестивал на нашите простори што овозможува македонското музичко творештво да живее и да се создава во континуитет, како традиција, сведоштво за минатите, сегашните и идните времиња. Токму поради тоа, оваа година при конципирање на програмата нè водеше желбата да се претстави творештвото на што повеќе композитори, особено на композиторите што ја формираа македонската музичка култура и СОКОМ, но и да се задржи основното мото на фестивалот – премиерна изведба и презентација на новосоздадени музички дела. Вклучувањето и на странски ансамбли и солисти му носи нова димензија на компаративност со светските текови, но и присутност понатаму на светските сцени. Сакам да споменам дека иако времињата се исполнети со неизвесност, надминувајќи неброени предизвици, СОКОМ сепак успева да опстане 75 години, постојано стремејќи се да ги обедини, заштити, презентира и промовира културните и духовни вредности на македонското музичко творештво. „Деновите“ се оддржуваат под покровителство на Претседателот, а се финансиски поддржани од Министерството за култура, оваа година со предвидени средства што овозможуваат соодветна реализација на фестивалот.
Своевиден предизвик е и структуирањето на Фестивалот, секоја година со исчекување на конкретните средства што ќе бидат одобрени од стручните комисии за проекти од национален интерес, што уште повеќе ја комплицира, а некогаш и целосно ја оневозможува соработката со странските ансамбли и изведувачи кој веќе следните најмалку две години имаат испланирани концертни сезони и настапи. Освен за изведбите, мора најпрво да се погрижиме и за условите во кои се наоѓаат материјалите, партитурите на композиторите, се обидуваме да ја подигнеме свеста за историското значење на овој вид културно наследство, да ги собреме, да ги заштитиме, дигитализираме и да им овозможиме достапност не само на изведувачите туку и на сите заинтересирани истражувачи на македонската современа уметничка музика. Генерално се стремиме „Денови на македонска музика“ да не биде единствениот фестивал на кој ќе одзучи ова творештво, па така оваа година ќе реализираме своевидни авторски портрети со еден концерт во Прилеп, два во Струга во соработка со Центрите за култура во овие градови и концерт на „Охридско лето“.
И, конечно како Манифестацијата да и се приближи на младата публика, да ја натера да им се сврти на вистинските вредности и на домашното музичко творештво? Може ли ( треба ли) концептот на „Денови на македонска музика“ да се ревидира и прилагоди на времево во кое твори вашата генерација на композитори и музички уметници?
- Секогаш стои отворено прашањето за младата публика. Секако треба да ги запознае и препознае вредностите на домашното современо музичко творештво. За таа цел оваа година маркантни дела од опусот на починатите композитори им го доверивме на млади изведувачи, како на пр. композиции од Михајло Николовски, Драгослав Ортаков, Благоја Ивановски, Благој Цанев, Тоде Новачевски и многу други. Според мене лично проблемот има повеќе аспекти, од професионалната незаинтересираност на колегите, композитори, изведувачи, и сите чинители на музичкиот живот во Македонија. Мислам дека полека успеваме да ја подигнеме свеста за значењето на „своето“ музичко наследство, иако сме сеуште многу далеку доколку споредам со сите земји каде што сум имала можност да ми биде изведено дело. Сметам дека фестивалот нема и не треба да добие во гледаност и посетеност со „популаристички“ обиди за привлекување на публика, бидејќи не се осврнува на комерцијална музика, туку едноставно да успееме што посоодветно да го презентираме и прикажеме творечкото современие и се што било создадено и што го создаваат нашите и помладите генерации композитори за сите творечки медиуми.
А кој е следниот исчекор на композиторката Валентина Велковска Трајановска по објавувањето на албумот „Чекор пред темнината“? Има ли готови композиции за новиот носач на звук? Дали дел од нејзиното актуелно авторско творештво ќе може наскоро да го чуе и публиката?
- Времето и условите во кои живееме не ми остава многу „минути“ за пишување, но потребата за творење ми помага да ги измислам минутите и часовите што ќе ги посветам на создавање на нешто ново. Нова музика. Што се однесува до авторскиот компакт диск имам повеќе композиции, со извонредни изведби што може да го оформат. Имам и дела што ја чекаат својата изведба. Напишав голем ораториум во траење од еден час за рецитатор, солист, мешан хор и голем симфониски оркестар, големите дела за жал многу тешко се поставуваат на нашите сцени, во просек оркестарските се изведуваат еднаш во десет години, а за вокално-инструменталните и многу повеќе време, што севкупно многу влијае на вкупниот опус на музичко-сценски дела од македонските композитори. Потоа создадов неколку камерни композиции што се изведоа во Македонија и во Белгија. Како дел од проектот „Патување на композиторки жени“ во Виена, Австрија ми побараа да напишам нова композиција што во моментов ја снимаат и ќе биде издадена од издавачката куќа Нахос. Огромна чест ми претставуваше тоа што тимот на проектот ме вброја во избраните композиторки од Австрија, Јужна Африка, Канада, Чешка, Хрватска, Иран, Израел, Унгарија, Косово, Италија, Јордан, Албанија, Мексико, Бугарија, Палестина, Србија, Сирија, Франција, Германија, Турција и САД.
Во овој период сите изведби на дела ми се планирани на концерти во странство. На „Деновите на македонска музика“ најверојатно ќе ми се изведе дело во втората сезона бидејќи сметам дека треба да се проследат најпрво сите приоритети, да се одбележат јубилеите, да се изведат капитални дела што повеќе од дваесет години чекаат да бидат повторно поставени на сцена, да се изведат премиерни дела и да бидат изведени делата што самите композитори ги предложија како значајни за нивно поставување на нашите концертни сцени.