Величковска: Со вистината напред

Јулијана Величковска

Препорачувам секоја можна прилика за одмор луѓето да ја поминат со книга, особено во овие времиња, кога не можеме да отпатуваме, кога ни се бега од реалноста. Не бадијала нашиот слоган е „Исклучи се со книга!“, вели Јулијана Величковска, писател, преведувач, основач и уредник во ПНВ Публикации.

Со три книжевни објави, поетските збирки „Комарци“ и „Отворена книга“ и романот „Годишни времиња“, застапеност во антологии на македонската современа поезија објавени во земјава, во Србија, Чешка, Италија и во Кина, преводи на проза и поезија од англиски на македонски јазик и над се со уредништвото во издавачката куќа ПНВ публикации, Јулијана Величковска влегува во редот на македонските творци чие време е овде и сега. Згора на тоа таа, години наназад, е еден од потписниците на програмата на една од стожерните наши летни културни манифестации „Поетска ноќ Велестово“ и авторка која успева вешто да еквилибрира помеѓу желбата да ја живее литературата и да биде над обичноста на секојдневието и сите негови стапици во ова наше модерно живеење.

За релативно кратко време, во пресрет на празниците, ПНВ Публикации обнароди дури три книги – прозната „Ова не е книга на Вандер Луст“ на Мане Манушев, стихозбирката „Двоумење“ на Ива Дамјановски и изборот на поезија „Достава до дома“ од Сигурбјорг Прастардотир во ваш препев. Што е она што во вакви времиња ја движи издавачката куќа и Јулијана Величковска како автор, оснивач и уредник?

Она што ме движи и во ова и во сите други времиња е желбата да направам нешто, да помогнам некако, да се случи некаква промена. Макар и ситна, во мојот мал круг на делување, за малку луѓе, но да е позитивна, да е конструктивна, да израдувам некого. Го правам ова за авторите. Нема ништо поскапоцено од нивната насмевка кога за првпат ќе си ја погледнат испечатената книга.

На книгите работам заедно со нив. Учиме едни од други, се трудиме печатената книга да е најдобрата верзија од ракописот. Во ПНВ работиме еснафски, посветено и трудољубиво. И преводите ги работам со многу љубов и посветеност, така што на некој начин си ги доживувам како свои дела.

Но овој пат, насмевките беа емотикони во пораки, книгите беа пратени во .pdf и .jpeg формат, границите се затворени, па Мане и Сигурбјорг ќе мора да почекаат за по пошта да си ги добијат своите примероци, а Ива ќе ја гушнам кога сево ова ќе помине.

А, каде е сега во приказната Јулијана Величковска? Зад неа се две поетски збирки и еден роман, многу преводи... и претпоставувам ракопис кој полека се испишува. Кои страници ги испишува и врти сега немирниот дух на авторката?

Веќе работам на нов превод, се работи за еден извонреден поет од Латвија – Сергеј Тимофеев. Неколку песни од авторот веќе објавивме и на Окно, како најава за книгата што се надевам за некој месец ќе излезе од печат. Работам и на редакции на неколку други преводи и книги од домашни автори. А кога ќе почувствувам потреба да раскажувам, работам на својот нов роман „Часови по пеење (или како повторно да станеш дете)“.

Ако „Годишни времиња“ беше книга во која темата на некој обопштен начин беше растењето, сега ова е едно обратно патување. Патување наназад. Раскажувам за суровиот свет на возрасните, за тоа како разните животни улоги се нанесуваат слој по слој врз нас, сѐ додека не распукаме како стари варосани ѕидови. Како стануваме крути. Како забораваме на малите радости, како ни ја одземаат или несвесно самите си ја одземаме слободата, како забораваме да се смееме од срце, како забораваме да пееме, како заборавивме да бидеме деца.

Во основата на романот е една трилер приказна, но не е раскажана на тој начин. Ова е интимна приказна за тоа што станува од нас кога ќе сфатиме дека и покрај нашите усилби да останеме свесно шрафче во „машината“, сепак, во меѓувреме сме се претвориле во месо, мелено месо! Раскажувам за тоа какви промени се случуваат кај луѓето што избираат нивниот свет да го да го врти материјалното. Колку тоа ги менува, како ги уништува однатре, а потем и како поради тоа се распаѓаат долгогодишни пријателства, се уништуваат семејства... Приказната е слатко-горчлива, романот ќе биде објавен до крајот на годинава и се надевам дека ќе им се допадне на читателите.

Живееме во време на крајно изместени вредности, кој е вашиот мотив во него да се оди исправено напред? Да се креира, да се живее литературата.

Ако треба да одговорам со еден збор, тогаш би рекла само - вистината. Вистината во смисла на искреноста пред себеси, а потоа и пред светот. Ако човека го движи вистината, нема како поинаку, освен исправено напред!

Инаку, во голема мера ми се чини дека вредностите се изместуваат тогаш кога луѓето посакуваат да бидат нешто што не се, па се водат според девизата “fake it till you make it”, а добар дел од нив не успеваат да стасаат до врвот што во своите мотивациски говори и мемиња го проповедаат.

Другата група се луѓе што имаат лажна претстава за себе, сметаат дека се успешни и дека се посебни, а во CV имаат можеби само дека биле дел од некоја училишна работилница. Имаше едно меме, се ширеше вирално по социјалните мрежи, претпоставувам извадено од контекст, но, сепак, беше снимка од телевизиска емисија и на телопот стоеше името од младиот човек што го интервјуираат и до него како звање стои – „бившо дете“. Ете тие на пример, има една цела генерација млади луѓе што не оствариле ништо, и не се ни трудат да совладаат какви било вештини, се перчат со својот најнов „Ајфон“ за кој нивните родители морале да подигнат кредит, едноставно, паразитираат. Многу ми е жал за тие млади, дури повеќе и од оние што питачат, оти ваквиот живот е рецепт за осаменост што потем води до анксиозност, до депресија. Потребен е вистински социјален контакт и мора да совладаат некаква вештина, еден ден ќе ги снема мама и тато, еден ден самите ќе станат родители, ќе мора сами да се снајдат, животот не е ни фер ни лесен.

И на крајот, или требаше да ги ставам на почетокот, политичарите. Не знам кога почна ова, не следам политика на дневна база... Се мислам, изгледа Берлускони повлече нога и сега живееме во свет што го владеат кловнови, ние сме ги избрале! Нѐ водат лидери без знаење, без визија, без вистински идеали, без достоинство, без интегритет, без ’рбет, смеам да кажам и без љубов? Смеам! А зошто и како токму литературата? Затоа што сум бескрајно љубопитна, замислете ме како Алиса во земјата на чудата, а книжевноста нуди бескрајно многу одговори!

Јулијана Величковска

Во последниве два месеца, во деновите од светската пандемија, се чини дека мнозина од немај каде како да беа принудени да и се вратат на книгата. Да ја реоткријат како извор на мудроста и најубавото нешто да се ре-обмисли времето. Како идавач сметате ли тоа дека е само момент, привид, или реална ситуација? Каде се во неа македонските творци? Имате ли вие лично сега повеќе време за пишување?

Јас немам повеќе време. Мајките немаат повеќе време. Особено мајки на мали деца. Но и покрај тоа, јас сум од оние луѓе што постојано имаат чувство дека немаат доволно време за сето она што сакаат да го направат. Да трае денот и 72 часа, пак ќе немам време! Постојано брзам, овој пат замислете ме како белиот зајак од „Алиса во земјата на чудата“!

А што се однесува на читателите, можеби е така како што велите, но не верувам дека се мнозина. Деновиве се споделуваше едно меме што вели: „Чудно како светската економија пропаѓа само затоа што ги купуваме работите што навистина ни требаат.“ Ми се виде тоа многу тажно. Само храна и тоалетна хартија ли ни требаат?! Не ни требаат ли кино, театар, концерти, изложби, патувања?

Исто така не верувам дека некој избира книга под принуда. Кон книга посегнува само вистински читател. А читателите се една посебна категорија луѓе, барем во тој нивен однос со книгите, дури и кога, како што Џони Штулиќ пее „а и то што читају, криве ствари читају“, дури и кога читаат лимонади, уживаат во нив.

Не мислам дека пандемијата создаде значајно поголема бројка читатели, ниту писатели. Можеби малкумина автори го уживаат тој луксуз, можеби навистина имаат повеќе време, следам дека дел од авторите веќе пишуваат и за пандемијата како тема, можеби и си крадат од сонот за да пишуваат, како мене, оти тоа е тешко изводливо за луѓето што продолжуваат да работат на работа или од дома, за луѓето со мали деца, за луѓето што останаа без работа, за луѓето што се директно погодени од оваа криза, материјално, но и духовно.

Ситуацијава е претерано неизвесна и несигурна, никој не може да биде имун на тоа. Да, на почетокот луѓето сметаа дека проблемот е далечен, дека нема да се случи таква трагедија и кај нас, онаа мисла дека такви нешта само на некои други им се случуваат, тоа е некој механизам да се справиме со стресот, некој неразумен оптимизам, се правеа и многу шеги на сметка на ситуацијата во другите земји, но и црниот хумор во ситуацијава сметам дека беше одговор на стравот. Откако се јави потребата од социјално дистанцирање, она што го гледам по социјалните мрежи е само тоа – страв. А тој носи стрес што води кон анксиозност. Потоа следат разни манифестации на стравот, па разни обиди да се надмине. На почетокот, дел од луѓето можеби и се порадуваа што малку повеќе време се дома со семејството, но тоа беше онаа прва фаза на неверување дека ова се случува и дека долго ќе трае, а и не се сите семејства среќни. Сведоци сме на пријавите за семејно насилство, а кој знае уште колку непријавено има. Нема ништо убаво тука, се справуваме со непознатото, лишени сме од слободата, а тоа е голема загуба за секој од нас. И секој од нас ќе ги помине сите оние психолошки фази кога ќе доживееме каква било голема загуба: неверување, гнев, па се ценкаме, бараме вина во себеси, во другите, па чувство на голема тага и на крајот би дошло прифаќањето.

Ако веќе бараме нешто позитивно, тогаш најдоброто што би можело да се случи како резултат на пандемијата е ако ова е онаа фаза на катарзата по хаосот од добро познатата матрица, па ако потоа следи некој период на космос. Многу авторитети велат дека по ова сѐ ќе биде поинаку, дека ова е крајот на либералниот капитализам, иако јас сум песимист по ова прашање, но ако е навистина така, тоа би било добро за нашите деца, ни треба поинаков поредок, нова доктрина.

А дотогаш, препорачувам секоја можна прилика за одмор луѓето да ја поминат со книга, особено во овие времиња, кога не можеме да отпатуваме, кога ни се бега од реалноста. Не бадијала нашиот слоган е „Исклучи се со книга!“, исклучете се од социјалните мрежи, исклучете ги телевизиските канали, особено оние за вести или со шунд сапуници и теле новели, украдете сосема малку време за тоа, пред спиење или со утринското кафе, читањето докажано го намалува стресот, нема подобра терапија од добра книга!

Наоѓате ли време да го прочитате она што долго сте го пожелувале но можеби и не сте имале можност да го сторите?

Па, не баш. Пред некој ден се разбудив рано, па додека се разбудија домашните успеав да прочитам еден кус роман што од поодамна ми стоеше на списокот за читање. И тоа е сѐ. Мислам дека не освоив поени на ова прашање.

Поетска ноќ Велестово

Што се случува во ваквите околности со новото издание на манифестацијата „Поетска ноќ Велестово“, која рака на срце во последниве години реално како да е заборавена од институциите во државата? До каде сте со подготовките и кои творци сте со ниет да ни ги донесете во Македонија летово? Каков концепт на ПНВ ќе понудите годинава?

Програмата е речиси готова. Концептот е сличен со претходните изданија. Традиционалната прва вечер е посветена на претставувањето на еден македонски поет, годинава тоа е Зоран Анчевски. Со изложба на скулптури ќе се претстави Димитар Филиповски, а втората интернационална вечер е посветена на современата исландска поезија. Наши гости ќе се Сигурбјорг Прастардотир, чијашто стихозбирка тукушто излезе од печат, и Кристин Омарсдотир, што исто така ќе ви ја претставиме и со стихозбирка, но поради ситуацијата со корона вирусот ќе биде издадена по одржувањето на фестивалот. Впрочем, целиот настан е во неизвесност, ќе видиме како ќе се одвиваат нештата, дали ќе се отворат границите и дали и годинава по триесет и втор пат ќе можеме да донесеме врвна поезија и уметност во Велестово, на Галичица, над Охрид.

А тоа што, години наназад сме невидливи за институциите не е новост за нас. Копнеам по едно функционално Министерство за култура во кое за политиката и политикантсвото ќе нема место. Копнеам по тоа Министерството за култура и другите културни институции да функционираат како еден поврзан систем, како организам! Систем што активно ќе ја селектира културната програма во полза на квалитет, за граѓаните, а особено младите, да имаат репер за квалитет, без разлика дали е литература, музика, филм или која било друга форма на уметност. Министерство за култура на една ваква мала или (во споредба со водечките) дури и микрокултура, треба да е мајката што ќе се грижи за сите свои деца, да е водилка, да е потпора, да создава услови за раст и развој, да помогне еден ден да го напуштиме гнездото, па дури тогаш ќе може да говориме за себеодржлив пазар, па да чуе некој за нас и надвор од Македонија, откако ќе се создадат клима и услови за пласман на нашите квалитетни културни „производи“.

За Поетска ноќ во Велестово веќе многу се знае во фелата и надвор од републикава. Од сите учесници што дошле, никој не останал рамнодушен! Објавена е и цела стихозбирка со песни за Велестово, за Охрид и за манифестацијата, пред две години ја објавивме и монографијата „30 Години Поетска ноќ во Велестово“, во која се опфатени имињата на сите учесници на манифестацијата низ годините наназад. Тука има имиња од врвот на македонската и европската поезија! Па ако некој политичар сака, нека ја разлиста, нека види што сме сработиле со тие микробуџети и тогаш нека размисли што сѐ би можеле да направиме за македонската култура кога би ја имале и потребната поддршка. Но тоа знам нема да се случи.

За среќа, секоја година добиваме поддршка од Општина Охрид, иако скромна за фестивал од овој ранг и квалитет, но, сепак, добредојдена и значајна. Тука се и нашите пријатели што несебично нѐ поддржуваат сиве овие години во нашата можеби налудничава упорност и тврдоглавост. Но нашиот став е таков. Култура мора да има! А литературата и уметноста се, барем за нас, über alles!