ВАСКО МАРКОВСКИ: Најголемата борба е самиот со себе

Македонскиот писател, новинар, преведувач, професионален туристички водич Васко Марковски / фото Виктор Поповски

„Кога би се обиделе некако да ги дефинираме, ми се чини дека сепак финалните текстови малку повеќе гравитираат кон литерарен, отколку кон новинарски жанр“, вели писателот Васко Марковски за својата нова книга со репортажи „Непозната Македонија“ што како издание на „Бегемот“ се појави неодамна.

Со три книги како „Корпоративно утро“, „Урбани легенди“ и актуелната „Непозната Македонија“ кои едноставно со леснотија ве тераат на повторно навраќање на нивните страници, писателот, новинарот, преведувач, професионален туристички водич... Васко Марковски влегува во редот на македонските творци од новата генерација кои со умешноста на перото и со едноставноста на своето битие ја освојуваат публиката. Згора на тоа, тој е еден од оние со кои е милина да се разговара. Да се превртува наопаку и наново да се исправа реалноста, да се глаголи за ова или она и најмногу од се човек да му се радува на баш на тој и таквиот момент. На средбата што ја краси радост и која си пожелувате да се повторува и повторува. Интересно, но Васко независно колку километри минал тој ден по градските улици, дали го врнело и веело... или си ја стоплил душата со случаен минувач или познајник патем или на чашка муабет, секогаш има насмевка на лицето и убава мисла да сподели со вас. Од таму и овој запис е некако така со радост обоен иако во основа е плод на средба на двајца колеги кои новинарскиот леб го делеле во различни, понекогаш и не весели опкружувања ... На луѓе кои се затекнале и раснеле на скопскиот асфалт и никогаш не се заситиле од рокенролот како светски процес и нивна наивна мисла за бунт.

Кога и како започна испишувањето на твојата „Непозната Македонија“? Каде е коренот на едно вакво патешествие до себе, до сопствените корени?

- Пишувањето, најпрвин во себе самиот, почна одамна, во средношколските денови, откривајќи го своето опкружување и со некаков стремеж да се систематизираат информациите. Шансата да почнам да го правам тоа јавно, како редовен предизвик ми беше доверена во 2007, со доаѓањето во неделникот „Форум“; по шест години откако почнав професионално да се занимавам со новинарство.

Имаше ли Васко Марковски одреден концепт при испишувањето на книгата и колку притоа остана доследен на себе во потрагата?

- Книгата е, наједноставно кажано, колекција од репортажи создавани под заеднички наслов „Непозната Македонија“ за неколку неделни и месечни списанија, во периодот од 2007 до 2011 година. Можам да бидам само благодарен за довербата што ми беше дадена од претпоставените уредници, така што речиси не остана нешто што посакав да го истражам и да го напишам, а да не беше поддржано и направено. Истото се однесува и на стилската слобода што ми беше дадена, така што можев да дишам со своето темпо и да бидам тој што сум во напишаното. Кога би се обиделе некако да го дефинираме, ми се чини дека сепак финалните текстови малку повеќе гравитираат кон литерарен, отколку кон новинарски жанр. Како мој некогашен уредник, во еден период од создавањето на серијалот, ја користам приликата и лично да ти заблагодарам што беше таков, кроток и полн со љубов и доверба.

Која му беше целта на авторот со заокружувањето, укоричувањето на „Непозната Македонија“? Се убеди ли конечно дека остава документ за препрочитување, сведошто за пејсажот, луѓето и навиките, за традициите и талкањата.

- Желбата постоеше подолго време. Уште кога ги објавував патешествијата по печатените медиуми, многумина ми укажуваа дека би сакале, дека би вредело серијалот да се собере во книга. На моја голема радост, пред неколку години се случи запознавањето со луѓето од издавачката куќа „Бегемот“ и не можам да се изнарадувам колку срдечна соработка се разви. Сега, гледајќи го материјалот во книга, не можам да ја сокријам радоста, дека в раце имам нешто што ми е многу драго и колку е, и тактилно, пријатен допирот со книгата. Дополнително ме радува што решивме текстовите да одат неилустрирани, што им даде можност да ја стават на тест својата визуелност, што, според првите реакции, ни оддава впечаток дека сме процениле исправно.

Книгата завршува со писанието „Вруток, кај што почнува се“ од јули 2011 и размислата за поврзувањата. Со тоа како да се отвора портата на условно земеното нејзино „допишување“ со новите доживувања и бележења на пределите и навиките на луѓето и нивната грандиозна и херојска обичност.

- Би бил радосен кога би продолжил понатаму. Материјалот што е објавен во книгата е 2/3 од вкупниот материјал што беше во план да го издадеме, но кога ја видовме дебелината на книгата што требаше да ја пратиме во печат, решивме 1/3 да отпадне. Што ќе биде со тие, сега не е ни толку важно, но би сакал да можам, да си го организирам повторно животот во таква дисциплина, да можам секој петок да излезам на пат, секоја среда да имам завршено нова репортажа, а уште поголем е предизвикот да може одново да се видат местата што се веќе поминати и да се дополни мапата со места што не сум ги откривал претходно. Колку убав опис на тој магнетизам е „херојската обичност“.

Градежен техничар, новинар, литературен преведувач, патеписец, дипломиран филолог со студии по турски и чешки јазик и книжевност, музичар што свири на неколку жичани инструменти и некогаш член на бројни македонски рокенрол групи, колекционер на аналогни фотоапарати и на поезија интерпретирана на радио, професионален туристички водич...има ли крај? Кој е Васко Марковски? Во која кожа се чувствува најудобно?

- Еден од најубавите начини на кои ме ословуваат луѓето, го доживувам „брат Василиј“, како што ме ословуваат духовниот отец, браќата и сестрите по литургија и неколку другари. „Тато“, секако. Исто, ми се допаѓа еден одговор што го дава Мајка Тереза, кога ја прашуваат „Ти што си? Која си?“. „Јас сум само едно моливче во раката Божја.“

Но, и „бендмејт“ ми е посебно драг.

Својата кожа е најудобна. Туѓата не може да ги трпи нашите табиети, како нашата сопствена, отрпната, намачена кожа.

Може ли во едно вакво време, време на лажни вредности, човек со толку многу интереси како Марковски да живее опстојува само од своето парче небо? Од благодетите на светот што сам си го создал?

- Слава на Бога и бериќатврсан! Потешко е во тој, поамбициозниот свет. Другото, ќе излезеш некако на крај. Најголемата борба е самиот со себе.

Во 2013 ја објави „Корпоративно утро“, пет години подоцна „Урбани легенди“, а лани есента излезе и „Непозната Македонија“. Овде не ги рачунаме другите објави и списанијата во кои се најдоа твоите писанија. Значи, три различни објави – хаику поезија, легенди, репортажи. Кој и каков ќе биде идниот твој исчекор?

- На десктопот од мојот компјутер веќе неколку години ми стои фолдер „4 книги“, со ракописи од коишто сакам што побргу да се ослободам, за да отворам место на нови пишувачки предизвици, за кои веќе имам некои скици. Од четирите, две се веќе објавени. Пред една недела од „Бегемот“ ме израдуваа со веста дека се подготвени до крајот на пролетта да ја објавиме третата, збирката поезија „Скопски улици“, а во моментов, што не беше планирано, пишувам уште една книга, биографска. Од фолдерот, ќе остане за објавување еден пообемен хаику ракопис, по што, конечно, ќе можам да се зафатам за две колекции раскази, кои ги имам скицирано, а и збирка хаибуни ми е предизвик, веќе некое време.

А кога сме веќе тука, какви се реакциите на читателите на „Непозната Македонија“. Се чита ли кај нас? Генерално каков е третманот на литературата во земјава во која политичкото подбивање со културата е очебијно? Како да се чуе гласот на писателот?

- Малку сум самоизолиран, па не би можел многу да зборувам за општата состојба со македонската литература, од аспект на статусот на македонските писатели денес. Што се однесува на делата што се објавуваат, имам впечаток дека на сцената се случува смена на генерации при што е забележлив подемот на една исклучително добра генерација автори. Што се однесува на „Непозната Македонија“, многу сум пријатно изненаден од нарачките што пристигнуваат за книгата речиси од сите краишта на земјава, но и нарачки од пријатели и познајници иселени во Англија, САД и нивни пријатели.

Колку домашното литературно творештво го следи она што се случува во регионот, во Европа? Колку вистински тоа може да отвора мостови за взаемно разбирање и почитување? Да биде брана пред атаците врз нашиот јазик, идентитет и државност... нашата опстојба?

- Имам впечаток дека движечката генерација на литературната сцена денес сè повеќе се вмрежува, нашите автори престојуваат на литературни резиденции во соседните земји, соседни автори престојуваат кај нас, а и многумина споделуваат искуства од интересни книжевни или поетски фестивали на кои учествувале, пред сè низ Европа. Моето мислење е дека помладата генерација е порастоварена од политичките сплетки и е поотворена за да се прифатиме едни со други какви што сме, како луѓе што се почивуваат.

И, по се кога Васко Марковски ќе се осмели да не почести со своја фото изложба или да ни ги даде на преслушување музиките што ги создавал низ годиниве наназад?

- Многу нешта се изменија, како планови, во 2020 година, како последица од пандемијата на Covid-19. Така, 2020 требаше да биде годината кога ќе имам прва самостојна изложба на фотографии, како проект на „Културниот центар 750“, фамозното „фиќо“. Како што се изменија многу планови, така претрпе промена и начниот на кој требаше да се презентираат фотографиите — наместо физички да бидат изложени, на крајот ги отпечативме и како комплет разгледници беа инсертирани во поштенски сандачиња во неколку скопски населби.

Како надоврзување на „есапот од дома и есапот на пазар“ во 2020, криво ми е што не успеав да одбележам еден мој личен музички јубилеј — 35 години откако почнав да свирам гитара. Сепак, 2020 беше убава година за ВИС „Тркалезна маса“, бендот во кој се заигрувам најубаво. Минатата година ни се случија неколку убави настапи. Два од нив — со различен материјал — се одлично снимени и нешто нè чеша годинава еден од нив да објавиме.