Додека научниците работат на пронаоѓање на вакцина, на повеќе од 100 проекти во светски рамки, истовремено работат и на подготовка на јавноста дека сè уште е рано за резултати.
Паралелно со пронаоѓањето на вакцина, започнати се и повеќе клинички тестирања на можни вакцини за Ковид-19.
Иако и до сега науката и експертите предупредуваа дека откривањето и тестирањето на вакцина е долг процес, се поизвесно е дека истото ќе важи и за вакцина за коронавирусот.
Прва со ваква прогноза излезе Европската здравствена агенција. Најоптимистично сценарио е вакцина за Ковид-19 да биде одобрена за една година.
Шефот на агенцијата Марко Кавалери вели дека е скептичен вакцината да биде готова до септември оваа година.
„За вакцина, поради тоа што развивањето на една мора да почне од почеток, можеби треба да почнеме да гледаме на оптимистичната страна за една година од сега, значи почетокот на 2021 година“, изјави Кавалери.
Покрај тоа, агенцијата работи и на уште 115 различни терапии или третмани за коронавирусот. За нив, Кавалери вели дека можат да бидат одобрени во Европа најрано летово, но не открива кои се тие.
Извршниот директор на швајцарскиот фармацевтски гигант Новартис е поскептичен.
Во интервју за Франкфурт Алгемајне Цајтунг тој наведува дека вакцина за борба со коронавирусот би можела да не биде подготвена за употреба ниту за две години.
„Резултатите од првите клинички испитувања треба да бидат готови на есен“, вели извршниот директор на Новартис, Вас Нарасиман.
„Доколку се оди според тоа како што се надеваме, ќе ни бидат потребни 24 месеци пред да имаме вакцина“, додава тој, пренесува Ројтерс.
Тоа значи дека откако ќе се пронајде одредена вакцина ќе биде потребно распространето тестирање пред таа да биде достапна за милијарни луѓе со цел да спречи понатамошно заболување од Ковид-19.
Претседателот на САД Доналд Трамп пак е пооптимистичен. Тој најави дека вакцината ќе биде пронајдена до крајот на годинава.
Видете и ова: Трамп: вакцина против коронавирусот до крајот на годинава„Мислам дека дистрибуцијата ќе се одвива паралелно затоа што за тоа ќе биде ангажирана и армијата“, изјави Tрамп и најави дека повеќе детали ќе бидат објавени подоцна.
Со него не се согласува истакнатиот епидемиолог во САД, Ентони Фаучи, според кој неостварлива е идејата вакцина да биде достапна до есен.
Оксфорд тестира вакцина на мајмуни
Научниците од универзитетот Оксфорд, кои работат на пронаоѓање на вакцина за коронавирусот, за првичните пронајдоци веќе направиле мало тестирање на шест мајмуни.
Според првичните резултати од тестирањето, таа се покажала како заштитна, пренесува Ројтерс. Според извештајот од истражувањето, некои од мајмуните на кои им била дадена вакцината развиле антитела против вирусот за 14 дена, а сите развиле антитела за 28 дена, пред да бидат изложени на висока доза на вирусот.
По изложувањето на вирусот, резултатите покажале дека вакцината придонела за намалување на оштетувањата на белите дробови и од тоа вирусот да се мултиплицира иако сè уште бил активен.
Сепак, успешни вакцини на мајмуни во минатото се покажале како неуспешни за луѓето.
Но нешто што охрабрува, според Стивен Еванс, професор по фармакологија на лондонската школа за хигиена и тропска медицина, е тоа дека вакцината не предизвикува влошување или забрзување на болеста.
Британските научници почнаа да даваат дози од сè уште експерименталните пронајдоци на вакцина на луѓе волонтери. До средината на месецов, 1.000 лица веќе примиле ваква вакцина, велат научниците.
Тестирање на луѓе прават и американските Модерна Инк, Физер Инк и германската БиоНТек СЕ како и КанСино Биологикс од Кина.
Кавги за сè уште неоткриена вакцина
Нетрпеливост деновиве имаше помеѓу извршниот директор на Санофи, француската фармацевтска компанија, Пол Хадсон и Франција. Имено, Хадсон најави дека доколку биде откриена вакцина, таа ќе биде прво наменета за САД бидејќи тие учествуваат во финансирање на истражувањето за пронаоѓање на вакцина.
На ова реагираше министерот за здравство на Франција Оливиер Веран кој истакна дека добил уверување дека нема да биде така.
„Верувам дека тоа е само фаза, колку што јас можам да разберам, тоа беше малку несоодветно, и веројатно извадено од контекст, и добив уверување за тоа од разговорот со шефот на Санофи“, изјави Веран, пренесува Ројтерс.
Доколку се развие вакцина надвор од Европската Унија треба да се обезбедат интелектуалните права за неа.
Видете и ова: Борел бара независна истрага за потеклото на коронавирусот„Доколку првата вакцина биде откриена надвор од Европа, мора да направиме сè што е возможно за да бидеме сигурни дека таа ќе биде достапна на сите земји“, смета Петер Лис, член на германската Христијанската демократска партија, партијата од која доаѓа канцеларката Ангела Меркел.
„Ги продолжуваме соработката и дијалогот, но исто така мора да очекуваме дека некој и нема да прифати дијалог и соработка“, додава тој, пренесува Ројтерс
САД и Кина беа претпазливи во поддршката на глобалната донаторска кампања која ја организираш Европска Унија, а на која беа собрани 8 милијарди долари за пронаоѓање на вакцина или третман за Ковид-19.
Кавги за вакцината има и помеѓу САД и Кина. Американското Федерално биро за истраги (ФБИ) објави дека кинески хакери се обиделе да украдат истражување за развој на вакцина.
Подготви Марија Севриева