Стотици луѓе веќе ги креваат ракавите и чекаат да примат вакцина за коронавирусот. Но не вакцина која значи победа на вирусот туку експериментална вакцина која треба да покаже дали светот е блиску до пронаоѓање на лекот за Ковид-19.
Седум од повеќе од 90 проекти кои ги водат владите, фармацевтските компании, биотехнолошките иноватори и универзитетските лаборатории се во фаза на клиничко тестирање на вакцина.
Видете и ова: Светот во трка по вакцина за ковид-19„Не се натпреваруваме меѓу себе. Во трка сме со вирусот, и навистина ни се потребни многу играчи во оваа игра“, вели д-р. Ендру Полард кој го води истражувањето за вакцина на Универзитетот Оксфорд, пренесува Асошиејтед Прес.
Обезбедување на вакцина секаде во светот
Но дури и да се пронајде вакцината најголемиот предизвик ќе биде таа да се произведе во огромни количини и да се дистрибуира.
Одредени компании во САД и во Велика Британија, кои работат на пронаоѓање на вакцина, ги зголемуваат и своите производствени капацитети уште пред да имаат што да произведат.
„Ќе започнеме да го зголемуваме производството со компаниите кои се вклучени. Не треба да чекаме да го добиеме одговорот за да почнеме со производство“, вели Ентони С. Фаучи директор на Националниот институт за алергии и инфективни болести за Ен-би-си.
Во САД, Џонсон и Џонсон и Модерна објавија дека во партнерство со производствените компании ќе испорачаат една милијарда дози на сè уште неразвиената вакцина до крајот на годината.
Видете и ова: Трамп: вакцина против ковид-19 до крајот на годинаваВо Велика Британија, фармацевтскиот гигант АстраЗенека објави дека работи со Универзитетот Оксфорд и планира да произведе десет милиони дози до крајот на годината.
Национализам на вакцини
И додека Светската здравствена организација, научниците и докторите зборуваат за „глобална вакцина“ која ќе биде достапна подеднакво за сите, лидерите во светот повеќе зборуваат за имунизација на својата популација.
Видете и ова: СЗО- мора да се осигура еднаков пристап на сите до вакцината за Ковид19
Деканот на факултетот по медицина на Универзитетот Харвард, Џорџ Дејли, смета дека размислувањето земја по земја пред размислувањето глобално би било неправилен пристап затоа што тоа би значело дека првите дози на вакцината ќе бидат достапни на популација од помал ризик на одредено место наместо на оние од висок ризик во светот – како на пример здравствените работници и постарите лица.
„Политичката реалност е дека ќе биде многу тешко за која било влада да дозволи вакцината која се произведува во нивната земја да биде извезена во друга пред да биде решен проблемот дома“, вели Сенди Даглас истражувач од Универзитетот Оксфорд. Решението, додава тој, би било да се произведат огромен број на вакцини на многу различни места, пренесува Њујорк Тајмс.
Тимот од Оксфорд кој работи на пронаоѓање на вакцина покрај со британската АстраЗенека има склучено договор за производство со компании во целиот свет, меѓу кои и Кина и Индија.
„Мора да градиме повеќе производствени капацитети веднаш. И мора да прифатиме дека некои од овие капацитети ќе бидат направени и за вакцини кои нема да бидат успешни“, вели Чарли Велер, раководителка на програмата за вакцини во Фондацијата Велкам, пренесува АП.
Ова е ставот и на д-р Ричард Хачет, извршен директор на Коалицијата за иновации за епидемиска подготвеност, која финансира неколку обиди за пронаоѓање на вакцина во светот.
„Загрижен сум за она што јас го нарекувам национализам на вакцини. Тоа е тензијата што ќе се создаде помеѓу обврската на лидерите да ги заштитат своите граѓани наспроти императивот на еднаков пристап за сите на глобално ниво“, вели Хачет.
Земјите во развој веќе апелираат сите да имаат еднаков пристап до лекови и вакцина.
„Мора да се бориме за еднаков и навремен пристап до лекови и вакцина за Ковид-19 кои можеме да си ги дозволиме“, вели претседателот на Индонезија Јоко Видодо.
Оваа изјава тој ја даде на состанокот на 39 шефови на земји од Движењето на неврзаните.
Донаторска конференција
Трката за вакцина ги обедини лидерите на земјите во светот и собра 8 милијарди долари за истражувањата кои ќе значат потенцијална победа на Ковид-19.
Видете и ова: Светските лидери ветија 8 милијарди долари за борба против коронавирусотЛидерите на најголемите европски сили, заедно со Јапонија и Канада беа најголемите донатори меѓу кои беа и Бил и Мелинда Гејтс.
Тие повикаа на соработка, а не натпревар во барањето на лек кој не само што може да им донесе профит на оние кои ќе го произведуваат туку може и да предизвика борба за тоа кој прв да има пристап до лекот.
„Ова беше моќна и инспиративна демонстрација на глобална солидарност“, вели генералниот директор на СЗО Тедрос Аданом Гебрејесус.
Тој пред неколку денови потенцираше дека не смее да се дозволи кога работите се достапни тие да не бидат достапни за секого подеднакво.
Подготви Марија Севриева