Нема да има пари за повисоки плати на вработените во јавниот сектор следната година, ќе има „трошки“ за наука и десеткуван буџет за студентски стандард, предупредуваат синдикатите и студентите, коментирајќи го предлогот како треба да изгледа државната каса за 2023.
Собранието на 23 ноември ја почна расправата за буџетот на државата за следната година. Собраниската дебата за Предлог-буџетот трае 10 дена.
Ќе добијат ли работниците поголеми плати?
Подобар стандард за работниците преку писма упатени до пратениците побараа и двата најголеми синдикати во земјава – Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) и Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС).
Од ССМ во кој членуваат 70 илјади работници велат дека во Буџетот нема пари за усогласување на платите со порастот на минималната плата.
„Нема предвидено средства ниту за ублажување на инфлацискиот шок како што тоа го прават европските држави, оние европски држави каде што нашите работници забрзано се иселуваат поради ваквите лоши владини политики“, велат од ССМ.
Инфлацијата во октомври годинава во споредба со истиот период лани изнесува 19,8 отсто. ССМ пресметува минимална кошница, која за октомври изнесува 51.514 денари. За една година кошницата е потешка за речиси една минимална плата.
Минималната плата во државата сега е 18 илјади денари.
И од ККС се загрижени дека работниците во јавниот сектор повторно ќе бидат изиграни од страна на власта и тоа во услови на скапа храна и струја, кога како што велат, „работникот е доведен на работ на егзистенција“.
Од овој синдикат укажуваат и на тоа дека проекциите за пораст на минимална плата во буџетот не се правени според законот за минимална плата.
„Минималната плата би требало да биде усогласена и зголемена за минимум 2700 или 2800 денари, а проекциите во буџетот се дека минималната плата ќе порасне од 1600 до 1800 денари“, велат од КСС.
„Трошки“ за наука и кратење на студентскиот стандард
На пратениците им пишаа и студентите кои изминатата недела двапати протестираа незадоволни од тоа што не се инвестира во студентскиот стандард и во квалитетот на образованието. Тие реагираат што во Предлог-буџетот за 2023 година се намалени речиси сите ставки за студентите и за инвестиции во образованието.
За речиси 20 проценти се намалуваат парите за ученички стандард, околу 18 отсто помалку има за студентски стандард, за исто толкав процент се намалуваат инвестициите во образованието. За изградба и реконструкција на студентски домови се предвидува кратење за 31 проценти, а за енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови се предвидуваат дури 46 отсто помалку пари, наведуваат од движењето „Студентски отпор“.
„Само за студентски стандард, ученички стандард и инвестиции во образованието Владата за 2023 година предвидува речиси 500 милиони денари помалку отколку со Буџетот за 2022 година“, реагираат од студентското движење.
Следната година државата планира да потроши 268 милиони денари за наука, што е најмалку во последните десет години. Наука се запоставува со години, па така во 2023 за таа ставка ќе се одвојат само 0,08 отсто од целиот буџет, додека на пример во 2014 за наука биле издвоени 0,45 отсто од буџетот.
Видете и ова: Ќе остане ли празно ветувањето за подобар студентски стандард?
Министерот за финансии Фатмир Бесими вели дека буџетот треба да помогне во ублажувањето на последиците од енергетската криза, да обезбеди исполнување на ЕУ и НАТО стандардите, но и да постави основа за економско заздравување.
При правењето на буџетот се следеше златното правило да се позајмуваат пари само за финансирање на инвестициските проекти, вели министерот.
„А при реализацијата ќе се внимава парите на граѓаните да се искористат таму каде што ќе даваат најголеми ефекти во остварување на целите за повисок квалитет на животот“, рече Бесими пред пратениците преставувјаќи го Буџетот за следната година.
ВМРО-ДПМНЕ - Буџетот е како надуен балон
Партиiте со 263 амандмани ќе се обидат да интервенираат во Предлог буџетот за следната година. Најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ поднесе над 200 амандмани. Тие преку амандманите ќе бараат повеќе пари за плати, за студентите, за енергетика и за здравство, но и за локални проекти, оти велат дека централната власт ги заборавилa општините откако изгуби на локално ниво.
Буџетот е како надуен балон, прашање на време е кога ќе пукне, вели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски, кој е и претседател на собраниската комисија за финансирање и буџет.
„Буџетот за 2023 е за 75 отсто поголем од тој за 2016, кога беше „режимот“ и кога сегашната власт обвинуваше за грчко сценарио и 50 отсто поголем од 2019. Дали живееме подобро од тогаш е прашањето“, вели Стојаноски.
Половина од буџетот оди за социјални трансфери, со тоа се рушат сите розови лаги на властa и директно се укажува дека сиромаштијата расте, додава пратеникот.
ВМРО-ДПМНЕ укажува дека се намалува и ставката за привлекување странски директни инвестиции, за животна средина каде одредени ставки се намалуваат и за над 90 проценти, ќе има и помалку пари за поддршка на земјоделците, а за ставката „владеење на правото“ во владините програми се одвоени нула проценти. Ќе се крати и од парите за реформи во јавната администрација, како и од парите за регионален развој.
Како ќе изгледа државната каса?
Државната каса за следната година ќе тежи 5,3 милијарди евра. Владата очекува постепено стабилизирање на инфлацијата и за 2023 се прогнозира стапката на инфлација да изнесува 7,1 процент.
За следната година Владата предвидува економски раст од 2,9 проценти на домашната економија.
За следната година Владата очекува да собере повеќе приходи, но и да има повеќе расходи. Буџетската дупка е планирана на речиси 700 милиони евра или 4,6 проценти од Бруто домашниот производ.
Догодина државата ќе се задолжи за нови над 1,5 милијарди евра, најмногу ќе се зајмува од странство.
Надворешниот долг се очекува да биде под 60 проценти од Бруто домашниот производ.