Ако немате за патарина, јадете колачи

Француската кралица Марија Антоанета и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски

Ако ви е скапа патарината од Скопје до Штип може да одите по регионалните патишта, рече министерот Благој Бочварски. На социјалните мрежи има бројни критики дека неговата изјава потсетува на изјавата на француската кралица Марија Антоанета „Ако немаат леб, нека јадат колачи“.

По најавата за отворање на две нови патарини од 50 и 70 денари на автопатот Скопје – Штип, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски рече дека ако граѓаните не сакаат да плаќаат патарина, може да патуваат преку Велес или преку регионалните патишта каде што воопшто нема патарини. Неговата изјава наиде на бројни критики на социјалните мрежи. Некои граѓани потсетуваат на изјавата „Ако немаат леб, нека јадат колачи“, која ѝ се припишува на последната француска кралица која живеела во 18 век Марија Антоанета.

Автопатот Скопје – Штип беше пуштен во употреба пред година и половина, и тогаш беше најавено дека граѓаните ќе можат да го користат една година без плаќање патарина, а потоа ќе бидат отворени две наплатни рампи, кај Преод и кај Кадрифаково.

Дел од граѓаните велат дека е јасно оти патарини мора да се плаќаат и на тој автопат како и на секој друг, но она што ги испровоцира, како што велат, е ароганцијата во изјавата на Бочварски.

Досега за патување од Скопје до Штип се плаќаше само една патарина кај Миладиновци од 40 денари. Со новите две, патувањето во еден правец ќе биде 160 денари.

Дел од граѓаните се шегуваат дека ако се патува до Штип преку Македонски Брод не треба да се плаќа патарина.

Бочварски рече дека цените на патарините на сите автопати во земјава се исти и изнесуваат околу 2,5 денари по километар. Некои иронизираат дека патувањето со авион е поевтино.

Други го правдаат министерот, посочувајќи дека патарините се плаќаат за одржување на автопатите.

Некои аргументираат дека патарини воопшто не треба да има, туку само вињетки, како што има во други држави.

Од следната недела со одлука на Владата ќе биде пуштена во употреба една од предвидените две наплатни станици на автопатот Демир Капија – Смоквица и ќе чини 100 денари. Другата ќе биде готова до крајот на годинава и таму ќе се наплаѓаат 80 денари. Делницата Демир Капија – Смоквица беше завршена во 2018 година, и досега граѓаните можеа да патуваат без плаќање патарина.

Инаку, ковид-пандемијата негативно се одрази и ги намали и приходите на Јавното претпријатие за државни патишта.