Тролови, ботови и црна кампања на социјалните мрежи

Илустрација: Интернет трол

Армии од стотици партиски активисти ги репродуцираат пораките на политичките лидери за да добијат поголема видливост на социјалните мрежи. Голем дел од нив се таканаречени „живи ботови“ и нивната улога е само да ги споделуваат или лајкуваат објавите кои доаѓаат „од горе“.

Капчиња, маички, пенкала, запалки, па дури и танга-гаќи со партиското лого. Партиски активисти делат кафе, локум и пропаганден материјал или честат пиво пред кооперација – сè со цел да ве убедат да гласате за нивната партија. Други, во зависност од позицијата во партиската хиерархија, лепат плакати или пишуваат политички графити по ѕидовите.

Ова е сликата на речиси сите досегашните предизборни кампањи. Во последните десетина години, пак, кампањите се проширија и во дигиталниот свет. Речиси и да нема политичар кој не ги користи социјалните мрежи за пренесување на пораките.

Официјалната кампања пред парламентарните избори најавени за 12 април трае 20 дена, но неофицијалната, особено на социјалните мрежи, веќе е во полн ек.

Армии од стотици партиски активисти ги репродуцираат пораките на политичките лидери за да добијат поголема видливост. Голем дел од нив се таканаречени „дигитални лепачи на плакати“ или „живи ботови“ и нивната улога е само да ги споделуваат или лајкуваат објавите кои доаѓаат „од горе“.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Партиски ботови за битка на социјалните мрежи

Влијателни твитерџии – човечкиот лик на партиите

Сепак, на двете најголеми партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, во изминативе години им се приклучија и луѓе кои веќе беа популарни и влијателни на социјалните мрежи. Со духовитите забелешки и саркастички коментари 33-годишниот архитект Богдан Илиевски, на Твитер познат како (@BatmanSaysT) и 35-годишниот политикологот Влатко Васиљ (@VlatkoVasilj) се стекнаа со илјадници фанови на социјалните мрежи. Илиевски, кого го следат скоро 25 илјади луѓе на Фејсбук и уште 17 илјади на Твитер, му се приклучи на ВМРО-ДПМНЕ, а беше и член на Извршниот комитет на партијата, а Васиљ, кого го следат 24 илјади луѓе на Фејсбук и 27 илјади луѓе на Твитер, е во СДСМ и сега работи во ПР-тимот на скопскиот градоначалник Петре Шилегов.

Изјави за медиумите на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“. Борис Дамовски, Богдан Илиевски и Игор Дурловски на 4 март 2017

И двајцата велат дека се членови на партиите уште од нивните подмладоци, но оти не биле партиски активни до пред неколку години. Свесни се дека со политичкиот ангажман стануваат мета на критики дека партиите ги „купиле“, но оти во политичката приказна влегле зашто веруваат во таа идеја која не се купува со пари. Илиевски вели дека партиски се активирал од патриотски причини, кога „насетил“ дека СДСМ планира промена на името, додека Васиљ посочува дека „ако тие што знаат и можат стојат настрана, никогаш нема да тргнеме напред“.

„Јас сум воспитан во духот на патриотизмот. Страста никогаш не ми била за пари, туку за Македонија“, вели Илиевски.

„Јас напуштив поплатена работа во ПР агенција за да работам за помалку пари во Град Скопје“, вели Васиљ.

На средбата во кафуле на улица Македонија, Илиевски доаѓа насмеан, облечен во бел џемпер. Од препознатливиот чегеваровски имиџ од протестите „За заедничка Македонија“ од почетокот на 2017 година, каде што беше еден од водачите, сега ја носи само долгата брада. Тие протестираа против таканаречената „Тиранска платформа“, односно против воведување двојазичност во земјата, за која велеа дека ќе дојде по промената на власта.

Насилствата во Собранието на 27 април 2017 година, кога демонстрантите упаднаа во Парламентот и тепаа пратеници во обид да спречат избор на нов претседател на Собранието се неизбежна тема.

Цврсто стои на ставот дека нема никаква вина за насилствата ниту било каква поврзаност со нив, за кои, по обвинението за тероризам, во притвор во Шутка помина три месеци, а потоа уште 10 месеци во домашен притвор.

„Повеќе од 60 дена организиравме мирни протести. Сè уште не ми е јасно што се случи тој ден, како нештата излегоа од контрола. Ниту сме планирале, ниту сме сториле нешто за што нè обвинуваа“, вели тој.

Судскиот процес за него не заврши, туку тој побара амнестија според законот кој го донесе Собранието за таканареченото помирување.

„Веќе бевме осудени од јавноста, уште пред да почне судењето. Немавме никаква прилика да ја кажеме нашата вистина“, вели тој, додавајќи дека процесот наликувал на „преки суд“ кој неизбежно завршил со џелатски казни.

Сега работи во семејната фирма како архитект, а ангажманот во ВМРО-ДПМНЕ повеќе му е советодавен. Тој вели дека политичката кампања на социјалните мрежи е важна, но таа не ги решава изборите.

„Одлучуваат оние што „не ги гледаме“ меѓу најгласните на социјалните мрежи, оние кои не гласаат најредовно или гласаат зависно од личните непартиски убедувања. Овие луѓе не се најмногу подложни на влијание на социјалните мрежи, туку ставовите ги градат пред сè искуствено“, вели тој.

„Кај социјалните мрежи има опасност од создавање „меури“ каде што луѓето се опкружуваат со слични на себе, и мислат дека тоа е целиот свет кој постои. И во таквите „меури“ има огромна опасност човек да помисли дека ако има 1000 лајка на објава, може да се кандидира за јавна функција. Многу примери од последните години го докажале спротивното“, вели тој.

Влатко Васиљ на протестите на Шарената револуција на 5 мај 2015

Со Васиљ, кој често можеше да се види на антивладините протестите од 2015 година кои доведоа до пад на владата на Никола Груевски, познати како Шарена револуција, по неколку одложувања се среќаваме на крајот на работното време.

Тој, пак, смета дека кампањата на социјални мрежи е најважна, зашто е секојдневна, но оти има опасност од контраефект ако дојде до презаситеност на луѓето.

„Социјалните мрежи имаат огромно влијание во градењето на политичките ставови на луѓето“, вели тој, но додава дека политичарите генерално не ги користат како што треба.

„Треба да покажат повеќе од себе лично, да станат поблиски со граѓаните. Социјалните мрежи не служат за еднонасочна комуникација“, вели тој.

Вистински ботови ретко, партиски ботови насекаде

Светски позната стана руската „фабрика за тролови“ од Санкт Петерсбург, која креира дигитални профили, односно ботови, на социјалните мрежи кои треба да засилат одредена порака или лажна вест. Во Македонија, пак, според упатените, речиси е незабележително користењето целосно автоматизирани профили во политичка кампања, туку оваа работа сè уште ја прават луѓе, таканаречени „живи ботови“. Партиски активисти имаат отворени и по десетици профили на социјалните мрежи, кои служат некогаш да ја засилат пораката, а некогаш да го засилат шумот за да „закопаат“ одредена содржина.

„Има партиски агитатори, но нивното влијание е ограничено. Луѓето препознаваат кој споделува свои ставови, а кој е „партиски бот“ и престануваат да го следат, така што тие се затвораат во сопствен круг во кој меѓусебно се споделуваат“, вели Васиљ.

Според државниот завод за статистика, над 80 отсто од граѓаните на возраст од 15 до 74 години користат интернет. Над 99 отсто од граѓаните до 24 години барем еднаш користеле интернет во првото тримесечје во 2019 година. Според истражувањето на Еуростат, пак, Македонците најмногу, или 68 проценти, го користат интернетот за социјални мрежи, додека просекот во ЕУ е 57 отсто. Неодамнешното истражување на Вестминстер фондацијата за демократија и Младинскиот образовен форум покажува дека 35 отсто од младите на возраст од 15 до 35 години се информираат за политичките случувања на социјалните мрежи. Според последната анкета на ИРИ, 29 отсто од граѓаните се политичките случувања се информираат на интернет или на социјалните мрежи. Тоа ги прави социјалните мрежи многу моќни во креирањето на јавното мислење.

Груевски сè уште најпопуларен македонски политичар на Фејсбук

Фејсбук е убедливо најпопуларната социјална мрежа во Македонија. Во држава со околу 2 милиони жители, има над 1 милион фејсбук-профили.

Официјалната страница на владејачкиот СДСМ на Фејсбук ја следат 88 илјади луѓе, додека страницата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја следат 126 илјади луѓе.

Број на луѓе кои ги следат политичарите на Фејсбук

Официјалната Фејсбук страница на доскорешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев, ја следат 220 илјади луѓе, додека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски го следат 55 илјади луѓе. Претседателот Стево Пендаровски го следат 80 илјади луѓе.

Најпопуларен македонски политичар на Фејсбук сè уште е поранешниот премиер и сегашен азилант во Унгарија, Никола Груевски. Неговата страница на Фејсбук ја следат 227 илјади луѓе. Груевски избега во Унгарија откако беше осуден на две години затвор за нелегалната набавка на владиниот мерцедес. Унгарските власти потоа му дадоа политички азил. Повремено на Фејсбук се јавува со свои ставови за политичката ситуација во Македонија, а неговите објави имаат илјадници лакови и стотици коментари.

Поранешниот претседател Ѓорге Иванов, пак, на Фејсбук го следат 121 илјади луѓе.

И во ВМРО-ДПМНЕ и во СДСМ прашавме колку луѓе во партиите работат на партиската промоција на социјалните мрежи, но и од двете партии не добивме одговор. Партите не одговорија и дали користат алатки за автоматизација на објавите, односно ботови, или целата работа ја прават луѓе.

Сепак, следејќи ги само официјалните партиски страници, очигледно е дека на партиската комуникација на социјалните мрежи работат десетици, па и стотици луѓе.

Според алатката за транспарентност на Фејсбук страниците, официјалната фејсбук-страница на ВМРО-ДПМНЕ ја менаџираат 31 луѓе од Македонија и еден од Србија. Страницата на СДСМ, пак, ја менаџираат 11 луѓе од Македонија.

Страницата на Груевски ја менаџираат четворица луѓе – еден во Унгарија и тројца во Македонија. Страницата на Заев 11 луѓе од Македонија, на Мицкоски 8 луѓе од Македонија, на Иванов исто толку, а на Пендаровски 6 луѓе од Македонија.

Дополнително, свои страници на социјалните мрежи имаат и градските или општински организации на партиите, па се доаѓа до бројка од стотици луѓе кои работат само на официјалните канали за комуникација на партиите на социјалните мрежи.

Број на луѓе кои ги следат политичките партии на Твитер

На Твитер, пак, СДСМ го следат над 8 илјади луѓе, а ВМРО-ДПМНЕ илјада помалку. Заев на Твитер го следат 18,4 илјади луѓе, додека Мицкоски има четири пати помалку. Твитер профилот на претседателот Стево Пендаровски го следат 10,6 илјади луѓе. Груевски на Твитер, каде што не објавил ништо повеќе од една година, го следат 9,6 илјади луѓе.

Според аналитичкиот софтвер Сошалбејкерс, Твитер профилите на Заев, Пендаровски и на шефот на дипломатијата Никола Димитров се меѓу петте најбрзорастечки македонски профили на оваа социјална мрежа.

Според аналитичкиот софтвер Спаркторо, пак, 44 отсто од следбениците на Заев и 45 отсто од тие на Мицкоски на Твитер се лажни.

„Партиските ботови“ поважни од реклама на Фејсбук

Политичкиот аналитичар Владимир Божиновски вели дека светските искуства покажаа дека влијанието на политичките кампањи на социјалните мрежи е огромно, а во некои случаи дури и пресудно.

Видете и ова: Политичката кампања на Фејсбук во „сива зона“

„За македонски услови колкаво е влијанието може да се види преку одредени посредни податоци, на пример од каде граѓаните ги добиваат вестите за политика. Некаде на 10-15 проценти од граѓаните, според повеќе истражувања, главниот медиум преку кој ги добиваат информациите се социјалните мрежи, што е на некој начин позначајно од дел од традиционалните медиуми“, вели тој.

Дарко Булдиоски, специјалист за дигитален маркетинг, за разлика од Васиљ смета дека стотиците „партиски ботови“ кои на социјалните мрежи споделуваат некоја содржина некогаш се дури и поважни од плаќањето реклама на Фејсбук.

„Самиот факт што има армии на ботови, односно луѓе коишто имаат креирано стотици или илјадници профили на Твитер и на Фејсбук, коишто имаат за задача да ја шират или засилуваат таа порака којашто одредени политички елити ја комуницираат, всушност е помоќна отколку самата реклама. Мислам дека имаат моќ, дури и локално, тие таканаречени партиски ботови да засилат одредена порака, дури и да сме свесни дека станува збор за наменски ангажирана група на луѓе коишто го прават тоа со одредена политичка цел“, вели тој.

Социјалните мрежи досега се покажаа како многу погодни за водење „црна кампања“ против политичкиот противник. На тој начин партиите остануваат „со чисти раце“, зашто официјално стојат настрана.

Засега кампањата се води со „низок интензитет“, но се очекува, како што ќе се доближуваат изборите, да добие на жестокост.