Борел: ЕУ не е комплетна без Западен Балкан, честитки за С. Македонија за НАТО членството

ЕУ не е комплетна без Западен Балкан, напиша денеска на Твитер, високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел.

„Со отворањето на преговорите за пристапување во Северна Македонија и Албанија, ЕУ испрати јасна порака: ЕУ не е комплетна без Западен Балкан. Исто така, сакам да ѝ честитам на Северна Македонија што стана 30-та членка на НАТО. Сојузнички, со нетрпение очекуваме да работиме заедно на соработката на ЕУ и НАТО“, напиша Борел.

Минатата недела лидерите на земјите членки на ЕУ, на конференцијата која ја одржаа преку видео врска поради пандемијата со коронавирусот, ги потврдија заклучоците на Советот на министри за отворање на преговорите за зачленување во Унијата со Северна Македонија и Албанија. Давањето зелено светло за Северна Македонија тие го објавија во заедничката декларација, на која ѝ претходеа заклучоците на Советот на министри, во кои се наведува дека Европската комисија, без одложување, ќе поднесе предлог за преговарачката рамка, а првата меѓувладина конференција треба биде свикана без одложување, веднаш по усвојувањето на рамката.