Борбите беснеат додека Украина ја одбележува годишнината од инвазијата

Луѓе се собраа на воените гробишта во Лвив на настанот „светлина на меморијата“ во чест оние кои загинаа борејќи се против руската инвазија, 23 февруари 2023 година.

Ова ќе биде година на нашата победа, вели украинскиот претседател Володимир Зеленски на годишнината од почетокот на руската инвазија во Украина. На истокот од земјата продолжуваат тешки борби. Украинските воздухопловни сили денеска се во зголемена готовност поради можни руски провокации.

Руската инвазија на Украина на 24 февруари влезе во својата втора година, а во меѓувреме со несмален интензитет продолжуваат тешките борби на исток и југ.

„На 24 февруари, милиони од нас направивме избор: не бело знаме, туку сино-жолто знаме“, рече претседателот Володимир Зеленски во пораката на социјалните мрежи.

„Не бегство, туку отпор. Отпор против непријателот. Отпор и борба. Тоа беше година на болка, жалење, верба и единство. И ова е година на нашата непобедливост“, рече Зеленски во својата порака на 24 февруари. додавајќи: „Знаеме дека ова ќе биде година на нашата победа“.


Зеленски треба да одржи прес-конференција подоцна на 24 февруари.

Јуриј Ихнат, портпарол на украинските воздухопловни сили, изјави дека воздухопловните сили се во зголемена готовност на 24 февруари поради можни руски провокации.

Годишнината доаѓа во време кога беснее целосна војна на истокот, каде што украинските сили ги одбиваат брановите руски напади долж линијата на фронтот во изминатите 24 часа.

„Руската Федерација ја продолжува целосната вооружена агресија против Украина веќе една година“, објави рано на 24 февруари Генералштабот на вооружените сили на Украина.

Видете и ова: Една година руска инвазија врз Украина - светот веќе не е ист


Руските сили продолжија со нови офанзивни дејства во и околу Бахмут, централната точка на битката за источниот регион Донецк, како и за Купјанск, Лиман, Авдијивка и Шахтарск.

„Во текот на изминатиот ден нашите бранители одбија околу 100 непријателски напади во посочените правци“, соопшти Генералштабот.

Русија се надеваше дека нејзината неиспровоцирана инвазија на Украина, која претседателот Владимир Путин ја нарече „специјална воена операција“ ќе заврши за неколку дена, бидејќи силите на Москва се обидоа да го окупираат Киев и да ја соборат прозападната влада на Зеленски.

Но, окупаторската армија наиде на украински отпор и беше принудена да се повлече од главниот град поради големи загуби на луѓе и опрема.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Мариупол - уништен град


Руските сили во моментов контролираат околу 20 отсто од територијата на Украина по серија украински контраофанзиви, но војната се претвори во рововска војна бидејќи ниту една страна не успеа да направи значителен напредок на исток, каде што жестоките гранатирања ги претворија Бахмут и градот Вухледар во урнатини.

Олексеј Данилов, секретар на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, рече дека Украина мора постојано да биде подготвена, но во моментов нема знаци дека какви било активности од Русија ќе бидат во размер на она што се случи минатата година.

„Не гледаме дека во блиска иднина [Русија] може да изврши инвазија на таков начин како што се случи на 24 февруари 2022 година“, рече Данилов на украинската телевизија.

Руска инвазија врз Украина: Една година низ фотографии


Британското Министерство за одбрана објави во својот дневен билтен за разузнавање на 24 февруари дека руската кампања во моментов се чини дека сака да ја истроши украинската војска, наместо да приграби повеќе територија.

„Руското раководство најверојатно ќе продолжи со долгорочна операција во која смета дека предностите на Русија во население и во ресурси на крајот ќе ја исцрпат Украина“, се вели во извештајот на британското разузнавање.

Во пресрет на годишнината, Зеленски вети дека ќе ја продолжи борбата, велејќи дека Украина надминала многу искушенија и дека ќе победи, додавајќи дека Украина „ќе ги повика на одговорност сите оние кои го донесоа ова зло, оваа војна во нашата земја“.

Набргу по изјавата на Зеленски, Генералното собрание на ОН гласаше за резолуција со која се бара сеопфатен, праведен и траен мир и повторно ја повика Русија да престане со борбите и да ги повлече своите сили од Украина.

Резолуцијата, која не е обврзувачка, ја поддржаа 141 земја, Кина и 31 друга земја беа воздржани, а шест ѝ се придружија на Русија во гласањето против.

За нови санкции кон Русија разговараа и министрите на Групата седум (Г7), а Белата куќа соопшти дека САД ќе објават „опширни“ нови санкции на 24 февруари.