Вашингтон го отфрли предлогот на Варшава за испраќање полски борбени авиони МиГ-29 во Украина преку американската воена база во Германија.
Според извештајот на Ројтерс од 10 март, додека бара начини да му помогне на Киев во борбата против руската инвазија, Западот стравува дека би можел да влезе во војна со нуклеарно вооружената Москва.
Москва ги нападна украинските градови, принудувајќи речиси два милиони луѓе да ги напуштат своите домови.
Ова доведе до воведување на уште построги санкции на Европската унија за руските банки и трговија, како и ставање на нивните функционери и олигарси на црната листа.
Еве ги ставовите на некои од земјите членки на НАТО за испраќање борбени авиони во Украина, која беше нападната од воздух, од море и од копно на 24 февруари.
Видете и ова: Русија продолжува со нападите, Украина обвинува: Гранатираа детска болницаПОЛСКА
Полска е најголемата поранешна комунистичка земја во НАТО и Европската унија. Има долга историја на борба против Русија и настојување да се интегрира со Западот. Се граничи со двата блока, како и со Украина, со која има многу културни и историски врски.
Сепак, Полска одби сама да испрати авиони во Украина, плашејќи се дека ќе се изложи на руска одмазда и дека НАТО нема да застане зад неа до крај.
„Толку сериозна одлука како испораката на авиони мора да биде донесена едногласно и недвосмислено од целата Северна алијанса“, изјави полскиот премиер Матеуш Моравјецки.
Варшава претходно предупреди на Ахиловата пета на НАТО - коридорот Сувалки. Станува збор за граница долга 100 километри која минува низ обработливо земјиште и шуми меѓу Литванија и Полска и е единствената територија што го дели рускиот сојузник Белорусија од Калининград, московската енклава на Балтикот.
Видете и ова: САД ја отфрлија понудата на Полска за отстапување на руските авиониГЕРМАНИЈА
Во 2003 и 2004 година, Германија ѝ предаде 22 авиони МиГ-29 на Полска, а според клаузулата за препродажба, на Полска ѝ треба одобрение од Берлин за да ги проследи до Украина.
Руската инвазија на Украина веќе го принуди Берлин да ја преиспита својата долгогодишна одлука да го забрани извозот на оружје во воените зони, политика дизајнирана да стави крај на историјата на војување на земјата во Европа во изминатиот век.
Германија најави дека од своите воени резерви ќе испрати противтенковско и противвоздушно оружје од Киев и дека ќе ја овласти Естонија да им препрати стари источногермански хаубици. Тие, исто така, ја одобрија холандската испорака на рачни минофрлачи (RPGs) од германско производство.
Иако ова е голем чекор повеќе од 5.000 шлемови кои првпат ѝ беа понудени на Украина кон крајот на јануари оваа година, Германија, исто така, сака да избегне потези што рускиот претседател Владимир Путин би можел да ги протолкува како провокација што бара воен одговор.
Германија е дом на воздухопловната база Рамштајн, која е воена порта на САД кон Европа и дел од најголемата американска воена заедница во странство со околу 50.000 воен персонал, државни службеници и семејства кои живеат таму.
Видете и ова: Германски обвинител истражува за можни руски воени злосторства во УкраинаНАТО
Сите 30 членки на НАТО законски се обврзаа да се заштитат една со друга доколку некоја од нив биде нападната. Сепак, поради нуклеарните закани на Путин, сојузниците се многу претпазливи и веќе го отфрлија повикот на Украина за воведување зона на забранети летови над таа земја, а со тоа и помогнаа да се заштити од руските ракети и борбени авиони.
„Ние не сме дел од овој конфликт“, изјави минатата недела генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Сликата преземена од видеото објавено од градскиот совет на Мариупол ги покажува последиците од нападот на болницата во тој град, во среда, 9 март 2022 година.
Два извори од НАТО потврдија за Ројтерс оваа недела дека испраќањето борбени авиони во Украина носи ризик западната воена алијанса да биде вовлечена во целосна конфронтација со Русија.
„Можеме да ги смениме боите на тие авиони, но сè уште не можеме да го скриеме тоа од Русија“, рекол еден од изворите, кој сакал да остане анонимен.
„Прашањето е дали сме подготвени Русија да ги истрела своите ракети кон Талин или Рига или некаде во Полска. Мислам дека нема политичка подготвеност за такво нешто“, заклучи тој.