Поранешниот генерален секретар на Владата и доскоро висок владин службеник Драги Рашковски ја поминува првата недела во домашен притвор откако во петокот судот одлучи да му изрече таква мерка. Обвинителството го сомничи за злоупотреба на службената положба во случајот со набавката на софтвер кој што МВР со месеци не го користело. И по неговото приведување премиерот Зоран Заев остана на тврдењето дека јавната набавка на софтверот била спроведена согласно со законите и деловникот за работа на Владата.
Видете и ова: Рашковски оди во куќен притворДруг поранешен соработник на премирот Ден Дончев, пак, лани се соочи со обвинувања во медиумите во кои беше прикажана и снимка на која се гледа како од едно лице зема купче со пари и ги става во торба. За поранешниот директор на Фондот за здравство нема информации што се случува, а последна вест од месецов е дека Државната комисија за спречување корупција го казни со 150 евра затоа што и покрај неговите тврдења дека 3-те милиони денари од австралиска фирма му биле префрлени законски не ги пријавил како промена на имотната состојба.
Често повторувана реченица од премиерот и од другите владини претставници е дека никој не е недопирлив и дека крајниот збор го имаат правосудните органи.
Неопходна судска разврска
Но, како и да е, сето ова ќе влијае врз рејтингот на власта, ако не се види докрај судска разврска вели политичкиот аналитичар Сашо Клековски, кој додава дека почнување на истраги не е доволно. Тој нагласува дека сепак на добрата страна за рејтингот на Владата е дека има коруптивни афери за власта кои се истражуваат додека таа е актуелна.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
„Тоа што мислам дека Заев го пропушта е да застане на еден понеутрален став бидејќи исказите дека се е законски и нема ништо спорно е влијание врз правосудството. Би очекувал Заев да не ги коментира овие случаи во јавноста и да ги остави судските органи без јавен притисок да ги водат постапките“, вели Клековски.
Слаѓана Тасева е директорка на Транспаренски интернешнл за Македонија, меѓународна организација која во извештајот објавен годинава ја рангираше Македонија најлошо досега во однос на перцепцијата за борба против корупцијата. За Радио Слободна Европа таа вели дека го следат ваквиот развој на настаните.
Видете и ова: Афери и скандали го „тресат“ македонското тлоСе работи за афери, а афери имало и порано, додава таа нагласувајќи дека прашањето е да се види како ќе се расчистат овие афери до крај, дали ќе биде тоа селективно или не и дали ќе се оди до откривање на вистинските креатори на тие афери без разлика дали се блиски до власта или не. Тасева набројува дека за да се подобри ситуацијата треба да се покажат ефективни резултати, а институциите да покажат дека функционираат во насока на нула толеранција на корупцијата.
„Ваквите поединечни случаи, без оглед дали се блиски до власта или не нема да ја подобрат сликата за перцепцијата за корупцијата затоа што секогаш ќе постои прашањето дали е ова се и дали е ова селективно и дали треба да бидеме задоволни само со волку“, вели Тасева.
Кои афери се поврзуваат со власта?
Министрите Венко Филипче и Оливер Спасовски периодов во јавноста беа поврзувани со афери. Италијанскиот весник „Ла верита“ објави дека комуникацијата меѓу македонската влада со кинескиот производител на вакцини „Синофарм“ се вршела преку кинеска фантом фирма „Старби Интернешнл“ која немала никаква врска со фармацевска ниту медицинска дејност. Филипче и премиерот Заев изјавија дека „при напорите да се обезбедат вакцини против ковид е направено се, но ништо на незаконски начин“.
За министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски пак ВМРО-ДПМНЕ изнесе низа тврдења. Прво од таму тврдеа дека министерството издавало пасоши на регионални криминалци, а дека зад сето тоа стоеле Заев и Спасовски. Таа афера која опозицијата ја нерекува Мафија, а министерството Двојник е во постапка откако МВР соопшти дека заедно со Американската амбасада во Скопје работеле на расчистување, па обвинителството поднесе обвинение против 11 луѓе, од кои 10 се обвинети за Злоупотреба на службена положба и овластување, а едно лице за поттикнување при извршувањето на истото кривично дело.
Видете и ова: МВР- проблемот со двојните матични броеви е од 1981 годинаВтората афера која ја отвори ВМРО-ДПМНЕ е за двојните матични броеви кои вели дека ги поседувале повеќе од 20 000 луѓе кои ги имало и по два пати во избирачкиот список. Од МВР соопштија дека проблемот е од стар 40 години, дека бројката е далеку помала а дека досега се обработени дупли матични броеви за тековни години од 1954 до 2019 година. Во Скопје, велат од МВР, од 660 дупли матични броеви, поништени се 580, а за 80 постапката е во тек.
Третото тврдење на ВМРО-ДПМНЕ е поврзано со заплената на марихуана вредна речиси 800 000 евра. Таа акција МВР ја спроведе заедно со американската агенција ДЕА, во неа се приведени шест лица, а опозицијата тврди дека, повторно, во се ова е замешано семејството на премиерот Заев.
Од поодамна пак, лично со Заев опозицијата ја поврзуваше и аферата Рекет во која осудени се поранешната јавна обвинителка Катица Јанева и неформалниот сопственик на 1ТВ, шоуменот Бојан Јовановски.