Прислушуваните разговори или популарно наречени „бомби“ ќе пукаат и за овие избори. Снимките со години во земјава се користат како орудие во партиските пресметки, но нема да имаат големо влијание врз изборите, оти нема завршница на најголем дел од предметите кои произлегоа од прислушувани разговори, вели професор Никола Дујовски.
Деновиве министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, назначен во техничката влада од страна на опозицијата, обвини дека поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК), а сега Агенција за национална безбедност (АНБ) ја задржала техничката можност за следење на комуникациите, што според него е прекршување на законите. Агенцијата негира дека има опрема за прислушување, а и Оперативно-техничката агенција(ОТА) ги отфрли обвинувањата на Чулев.
„За нас е најважно што сега можеме, барем во една голема доза да веруваме дека државата не стои зад тоа. УБК повеќе не постои. Ја имаме ОТА што е браната или мостот која може да не заштити барем од „големото уво“ на државата. Но прашањето по однос на снимките секогаш ќе биде отворено. Сведоци сме дека не мора да има телефонска комуникација преку мобилните оператори, се снимаат на маса, се снимаат разговори на состаноци, на седенки итн. Тоа ќе продолжи да биде, некако се наметна во последните години како дел од нашата субкултура и менталитетот води кон тоа дека сме многу лабави во однос на тоа, секој може да снима секого, секој може да фотографира секого, тоа апсолутно ќе биде без судска завршница“, вели Дујовски.
Видете и ова: Бомбите нелегални, но партиите не бараат истрага
Не престанува ниту објавување на нелегални снимки. На Јутјуб во изминатиот период се објавуваат снимени разговори и за лидерот на СДСМ и за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Таа со Христијан Мицкоски е со понов датум, таа со Заев е од пред неколку години. Во март, пак, на прагот на предвремените парламентарни избори, кои беа одложени поради пандемијата на Ковид-19, се објавија снимки со пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски. Тој претходно пак пушташе снимки за лидерот на СДСМ, Заев. Преку разни извори на интернет се објавуваат прислушувани разговори, а еден од поистакнатите, кој доби и обвинение од кичевското Обвинителство е „Ел Чека“, кој објавуваше аудио снимки за наводни коруптивни дејства на високи челници од ДУИ.
Генералниот секретар на владејачкиот СДСМ, Љупчо Николовски во интервју за Радио Слободна Европа запрашан дали стравува од објавување на бомбите во предизборниот период, вели дека тоа е метод на функционирање на ВМРО-ДПМНЕ.
„За сè она што неовластено излегува во јавноста, за сè она се случува во тој поглед ги повикуваме сите институции да преземат дејствија и постапки“, вели Николовски.
На истото прашање неговиот колега од ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев вели дека не стравува од објавување на бомбите.
„Дали очекувам, би ставил дека шансите за тоа се 50-50. Дали стравувам, не воопшто не стравувам“, рече тој во минатонеделното интервју за РСЕ.
Професор Дујовски вели дека објавувањето на снимени разговори нема да има никакво влијание врз гласачите.
„Тоа се политички разговори кои апсолутно не водат кон ништо во општеството, ниту има во нив докази за какви било криминали, ниту пак има за нарушување на угледот, но сепак тоа ќе биде наше секојдневие неповрзано со изборите. Сигурно во овој период ќе се зголеми, но нема да има некакво посебно влијание, затоа што луѓето што се определени не ги слушаат овие работи. Ако се сеќавате дека дури и оние бомби на Заев од 2015, половината од населението вели дека никогаш не слушнале, не виделе ништо, така ќе биде и со ова“, вели Дујовски.
Видете и ова: Бомбите на Милошоски индиции или средство за политички поени?
Поранешниот министер за внатрешни работи, Павле Трајанов вели дека институциите треба да стават крај на ваквата практика, казните да се заострат, јавниот обвинител и полицијата да реагираат на време, а сите они што ги злоупотребуваат овие разговори, неовластено снимаат и објавуваат да понесат одговорност.
„Долго време во нашата држава неовластено се снимаат разговори и се објавуваат, а за жал двете најголеми политички партии коишто треба да инсистираат на почитување на Уставот и на законите ги користат тие „бомби“ за политички поени и веројатно затоа обвинителство е пасивно и не реагира, вели Трајанов.
Во меѓувреме во центарот на Скопје се поставени билборди со дел од „бомбите“ кои во 2015 ги објавуваше тогашниот лидер на опозицијата Зоран Заев, а се однесуваат на разговори меѓу тогашниот премиер Никола Груевски и тогашниот министер за транспорт Миле Јанакиески за проектот Шпански скали, кој требаше да се гради на плоштадот во центарот на градот.
Заев тврдеше дека прислушуваните разговори докажуваат нелегални активности на функционери на тогашната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ, образложувајќи дека снимките ги добил од вработени во македонските служби, а дека за прислушувањето биле одговорни тогашниот премиер Никола Груевски и директорот на УБК Сашо Мијалков кои незаконски прислушувале над 20 илјади граѓани. „Бомбите“ беа причина за формирање на Специјалното јавно обвинителство. Но, сепак правна разрешница за тоа кој прислушувал и натаму нема. Во меѓувреме СЈО замина во историјата, а се промени и законот.
Членот 110 од Законот за Јавно обвинителство сега предвидува дека Јавното обвинителство не може да го заснова обвинението врз основа на незаконски прислушувани материјали. Материјалите и транскриптите од незаконски прислушуваните материјали за предметите покренати по 30 јуни 2017 година можат да се користат само како индиции за покренување постапка.