Со месеци матичниот лекар ни велеше дека не ни требаат прегледи ниту снимање, а сопругот мој имал рак на белите дробови. Вака ја започнува својата приказна Соња Петровска од Кочани. Таа се жалише дека со таквото однесување на матичниот лекар, здравствената состојба се усложнила и поради тоа изгубиле месеци во битката со ракот, која се одвивала во скопската клиника за онкологија, каде што по хемотерапија нејзиниот сопруг примал и радиотерапија. Патот до пристапот до медицинска нега за семејството Петровски изнесувал 82 километри во еден правец, од Кочани до Скопје, па поради тоа морало да биде хоспитализиран во скопската клиника.
„Не водеа докторите сметка, матичниот лекар од Кочани не ни даваше упат за снимање, ни велеше дека не е проблем, а маж ми имаше висок притисок, и дојдовме во Скопје каде утврдија дека има канцер“ вели таа.
Насоките за тоа што треба да направат и во кои здравствени институции да си го бараат чарето дознале од социјалните мрежи и групи за поддршка на болни од канцер. Искусни луѓе ги посочиле каде да бараат лекари и какви снимки им биле потребни. Термини за ехо снимки можеле да најдат и во други градови, но не и во близина на нивното живеалиште.
„ Имаше само во Штип, но претходно за побрзо не праќаа во Гостивар или во Охрид, за побрзо, но никој не праша дали и како можеме да стигнеме, дали имаме доволно пари, а џебот е краток, лекарствата се хаотични, не знам како ќе излеземе на крај, “ вели Петровска.
Таа објаснува дека стотици километри поминале во потрагата по чаре за болеста, термини за снимање и здравствена установа каде што може да ги направат потребните прегледи, пред да стигнат со скопската клиника за онкологија. А скопската клиника за онкологија е единственото место во земјава каде што пациентите кои што имаат канцер може да примаат радиотерапија. Додека во Штип и Битола со години здравствените власти ветуваат дека во целост ќе профункционираат како онколошки центри, но пациентите и натаму минуваат стотици километри за терапија.
Директорот на скопската онкологија Нино Васев вели дека скопската клиника стана главен центар за лекување на пациенти болни од рак кои можат основната терапија да ја примаат и во Битола и Штип. Тој ги повикува своите колеги од Штип, Битола и Тетово да се вклучат повеќе во лекувањето на пациентите со канцер.
Според Васев проблемот е и во организацијата, но и во желбата да се менаџира целата ситуација. Тој додава дека повеќе Битолчани заболени од рак се лекуваат во Скопје, наместо во Битола.
„ Смешно е во 21 век да доаѓаат во Скопје за истата терапија што може да ја примаат во Битола“ вели Васев.
Апарати за зрачење – линеарни акцелератори се набавени уште во 2013 година за клиничките болници во Битола и Штип, но нашето истражување покажа дека тие веќе една деценија собираат прашина во магацин, затоа што не се изградени бункерите во кои треба да бидат сместени.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Проблемот на недостиг на медицинска нега во внатрешноста е честа појава. Со преглед на системот „Мој Термин“ е забележливо дека македонските пациенти чекаат со месеци за прегледи. На пример во единствениот ПЕТ скен центар во Скопје нема термин за снимање на пациенти кои боледуваат од рак. Во групите за поддршка на социјалните мрежи пациентите коментираат дека проблемот бил во не набавени реагенси и дека добиле ветување дека во текот на следниот месец ќе бидат пуштени термини. Но тој проблем може скапо да ги чини пациентите на кои им е потребна таква снимка која ќе им покаже колку метастази има и на кои органи се тие, за да им се утврди каква терапија треба да примаат за да се спасат од ракот.
Во здравствениот систем нема ни термин за снимање на циркулација, ниту во Гостивар, ниту во Прилеп, нити во Охрид. Во таква ситуација граѓаните од внатрешноста кои имаа одредена болест поврзана со крвните садови ќе мора да патуваат до Скопје, каде ќе им се утврди терапијата што може да им го спаси животот.
Жените кои ќе наполнат 40 години по превентивниот протокол треба да прават редовни прегледи на дојка со ехо снимка или мамографија, но тоа не можат да го направат нити во Охрид, Неготино, Гостивар, Штип, Велес, Кратово или Свети Николе, затоа што е затворена опцијата – закажи термин. Од друга страна во Ресен, Куманово Радовиш или Делчево можат да си закажат термин, ама најрано за две до 4 недели од сега.
За гастроскопските прегледи за пациенти кои си имаат мака со дигестивниот тракт мора да чекаат и до две недели ако сакаат прегледот да си го завршат во скопската, тетовската или гостиварската болница. Но, за останатите граѓани од внатрешноста таа опција ја нема. Иако има апарати во болниците во Куманово, Велес, Охрид, Битола и Штип, термини за такви прегледи нема.
Видете и ова: Кочанската болница пациенти има, лекари специјалисти-нема
Пациентот кој го сретнавме пред кочанската болница Коле Дуплев, од село Оризари, вели дека најголем проблем е недостиг на здравствен кадар и апарати во внатрешноста, поради кој наместо во најблиската болница оди дури до Скопје.
„Тоа е ужас, еден хирург, еден интернист, имаше една жена интернист од Виница, мислам дека отиде во пензија, тоа е најголемиот проблем. Треба барем да ги има сите прегледи во Штип, јас на пример сум доаѓал во Скопје 50 евра ми се трошоците. Барем еве во Штип, тука ни е блиску 30 километри за да ги направиме потребните анализи и да не одиме до Скопје“ вели Дуплев.
Живко Стаменков од Кочани вели дека главен проблем во нивната болница е недостигот на специјалисти и интернисти.
„Нема термини, сега ќе барам за ренген да ми дадат упат за Пробиштип или Виница, кај нас нема, не работи апаратот “ вели Стаменков.
Поранешниот министер за здравство Арбен Таравари вели дека проблемот е во тоа што во пракса никогаш не проработе обидот за децентрализација на здравството. Тој вели дека околу 60 проценти од вкупните здравствени услуги ниво на држава се даваат исклучиво во скопскиот клинички центар, градската болница 8 септември и по некоја скопска поликлиника.
„Во периферијата општите болници за жал се претворени во амбуланти кои што во комунизмот беа како селски амбуланти. Велам дека тоа е така за жал, имаме човечки ресурси и капацитети кои само треба само да се мотивираат за да работат повеќе. Секундарното здравство скоро е атрофирано за жал“ вели Таравари.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Директорот на охридската болница Горан Балевски вели дека се свесни за проблемот и дека се трудат охридските пациенти да не ги праќаат на прегледи во Скопје. Тој додава дека летната сезона имаат полни раце работа.
„Ај ковидов ќе намали, ама во лето знаете ли што е во болницата. Која мајка изгубила дете, во Охрид ќе го најде во болница. Лани тоа што го видов, значи 28 години сум на хирургија, лани тоа што беше на хирургија, на педијатрија никогаш го немам видено“, вели Балевски.
Тој додава дека на колегиум често разговараат зошто се препраќаат пациентите од охридската болница во скопските клиники.
„ Охридската болница релативно ретко праќа пациенти за Скопје. И тоа што го праќаме е затоа што немаме тораковаскуларни хирурзи или немаме некои поспецифични работи или интернистички процедури кои не можеме ги работиме. Стално сум со тој став дека не може се во Скопје да се праќа, затоа што клиниките се преоптоварени“ вели тој.
Видете и ова: „Женскиот рак“ убива 40 пациентки годишноБалевски решението го гледа во регионализација на здравството, за да не се праќаат сите пациенти во Скопје. Според него министерството за здравство треба да си направи регионални центри според стручноста и квалитетот на болниците и да ги укрупни во една.
„ Во Охрид на пример има расштркани болници, имате кардиолошко, костозглобно, општа болница Охрид, општа болница Струга, нефрологија Струга. Тоа се 5 болници на 14 километри, немате потреба, во ниеден здравствен систем тоа не може да го издржи. Тоа се пет управни одбори, пет директори, пет заменици, пет лаборатории. Треба една болница да се направи на ранг на клинички центар, ви гарантирам дека од охридскиот регион мноу ретко се ќе праќаат за Скопје“ вели Балевски.
Таравари објаснува дека дел од решението на проблемот е да се принудат општите и клинички болници надвор од Скопје да го спроведат тоа што им е по статут на болница и она што им е како работна задача.
„Во Тетово има Клиничка болница, исто во Штип и Битола има клиничка болница. Ако ги анализирате и видите што здравствени услуги даваат ќе видите дека ни половина од тоа што е предвидено. Не успеавме да направиме бариери да не доаѓа се во клиничкиот центар во Скопје и болницата 8 ми септември. Има кадар, има човечки ресурси а не им се дозволува, не им се дава на здравствените работници таму да работат повеќе отколку тоа што го прават актуелно. А имаат капацитет за повеќе, не мора за секоја хернија или за секоја холитизијаза да доаѓаат до Скопје. Има одредени операции кои може и мора да се направат во клиничките болници“ вели Таравари.
Здравствените реформи од почетокот на 2000-тите години беа фокусирани кон подобрување на користењето на здравствените ресурси, со истовремено одржување на географски добрата дистрибуција на системот на
превентивно, примарно, секундарно и терцијарно ниво на заштита, наследена од периодот пред независноста. Предизвиците со кои се соочи земјата,
особено низ овој процес на транзиција, се предимензионираната здравствена инфраструктура која вклучуваше големи и превработени болници, заедно со неопходноста да се трансформираат државните капитални инвестиции и да се реформира здравственото финансирање, а кои би биле соодветни на новата визија
за идниот здравствен систем. Според познавачите на македонскиот здравствен систем еден од начините за реформирање и вистинска децентралзиација на здравствениот систем е со подобрување на финансиските состојби на „презадолжените “ болници и обнова на апаратите кои ги користат.