Македонија не дала отчет за ковид заемот од ММФ

За околу 176 милиони евра земени лани како заем од ММФ Македонија не направила ревизија, наведува Блумберг. Во некои африкански земји веќе се утврдени злоупотреби. Тоа значи помалку пари за респиратори, мобилни болници и лична заштитна опрема, оценуваат од Транспаренски интернешнл.

Македонија не направила ревизија на парите кои како итен заем ги зема од Меѓународниот монетарен фонд лани во април, пишува американската агенција Блумберг. Се работи за околу 176 милиони евра кои, како што тогаш соопштија македонските власти, треба да бидат потрошени за ублажување на негативните ефекти од здравствената криза со коронавирусот за економијата и дополнителна поддршка и на макроекономската стабилност.

„ММФ наведе загриженост за управувањето во Северна Македонија во месеците пред избувнувањето на Ковид, но сепак за заемот од 176 милиони евра не побара ревизија, според Транспаренси интернешнал, што тоа го нарече „алармантно“. (Земјата е рангирана на 111-тото место според индексот на корупција на организацијата, што е второ најлошо место во Источна Европа.) Во март шефот на државната антикорупциска комисија објави дека ќе ги истражи извештаите за злоупотреби при набавката на вакцини, што се појавија во италијански весник“,пишува Блумберг.

Видете и ова: Што преземаат државите за да го избегнат економскиот колапс?

Од Министерството за финансии на прашањето на Радио Слободна Европа како ги коментираат овие наводи на Блумберг наведуваат дека преку инструментот за брзо финансирање на ММФ, преку кој РС Македонија минатата година обезбеди пари се обезбедува поддршка за да се задоволи широк спектар на итни потреби кои произлегуваат од вонредни состојби кои можат да ја погодат земјата. Од министерството наведуваат дека со оваа помош од ММФ го помогна во финансирањето на донесените пакети антикризни мерки, преземените мерки за поддршка на здравствениот сектор и исполнување на потребите кои произлегуваа од појавата на ковид-19.

„Имајќи предвид дека појавата на Ковид 19 и импликациите што ги имаше таа врз здравството и општо врз економијата наложи потреба да се обезбедат дополнителни средства за да се одговори на зголемените потреби во здравствениот сектор, но и да се поддржи економијата во услови на криза, како и ранливите категории. Во таа насока од почетокот на пандемијата искреиравме шест пакети антиркизни мерки кои се проценети на над 1 милијарда евра. Поголемиoт дел од мерките се веќе реализирани, а дел се спроведуваат до крајот на оваа година, кои пак сега се повеќе со развојна компонента“, наведуваат од Министерството за финансии.

Лошото рангирање на Транспаренси и кинеските вакцини

Двете работи кои во делот за Македонија се споменуваат како спорни се случија годинава. Имено во јануари меѓународната организација Транспаренси интернешнл во својот редовен извештај Северна Македонија ја смести на 111 место според перцепцијата за борба против корупцијата, односно на исто место со Босна и Херцеговина, Панама и Монголија. Тоа всушност е пад од пет места за земјава во однос на претходната година.

Случајот со злоупотребата на вакцините кои го наведува Блумберг, пак ,е поврзан со текстот во италијанскиот весник Ла Верита кој беше објавен во март годинава. Во текстот на Ла Верита се наведуваше дека Кина ѝ го вратила авансот на Македонија за кинеските вакцини, бидејќи „набавката требало да се одвива преку фантом посредничка фирма, со седиште во Хонг Конг, но имала големи финансиски депозити во германската Дојче Банк“. Истиот весник објави „писма од министерот за здравство Венко Филипче до Синофарм за набавка на вакцини“. Државната комисија за спречување корупција најави дека ќе собира податоци за случајот, потоа утврдија дека парите се вратени во државната каса, а обвинителството не отвори случај.

Малку земји објавиле податоци од ревизиите

Инаку Блумберг наведува дека Меѓународниот монетарен фонд исплатил околу сто милијарди евра за итни заеми за 87 земји во светот за да им се помогне во справување со кризата. Сега, се наведува во текстот, меѓународната финансиска институција бара од многу земји да спроведат независни ревизии за тоа како ги трошеле итните средства пред да им одобрат нови заеми.

Видете и ова: Бесими - Продолжува поддршката за стопанството и ранливите категории

Но, само мал број земји ги објавија информациите од ревизиите, а она што е достапно покажува дека значителна сума од помошта - стотици милиони евра– биле затаени.

„Тоа значи помалку пари за респиратори, мобилни болници и лична заштитна опрема, а со тоа и загуба на повеќе животи“, вели Тео Ван дер Мерве, офицер за политика за антикорупција и борба против перење пари во Транспаренси Интернешнл, организација со седиште во Берлин.

Транспаренси интернешнал наведува и дека иако многу држави ветија дека ќе ги ревидираат нивните трошоци како услов за добивање на итното финансирање, повеќе од половина не преземале такви обврски.

Во африканските земји апсења за проневера

Некои земји, пак, завршија со ревизијата. Во африканската држава Малави ревизијата на околу 90 милиони евра дадени од ММФ покажа дека околу 900 000 евра биле потрошени нерегуларно поради што се уапсени 60 луѓе.

Група истакнати жени во централно африканската држава Камерун го повика ММФ да го запре новото кредитирање на земјата, наведувајќи ја како причина ревизијата од тело на Врховниот суд што откри корупција и лошо управување со околу 320 милиони евра потрошени за одговорот на кризата предизвикана од ковид.

Во Демократска Република Конго, каде што претседателот Феликс Чисекеди водеше капмања за воведување антикорупциски мерки, владиниот инспекторат откри дека од 5,2 милиони евра добиени од меѓународните институции, вклучително и од Светската банка, околу два милиони евра биле „проневерени“.

Во Латинска Америка, конкретно во Боливија, Бразил, Колумбија и други земји се пријавени истраги за корупција за присвоени средства за справување со ковид кризата.