Поарно жив избеган отколку мртов украден

Илустрација

Заболен од коронавирус, маскиран како доктор, избегал од Градската болница „8 Септември“ во Скопје. Полицијата го нашла за неколку часа. Среќа што не оперирал никого, коментираат дел од граѓаните. Пред неколку недели починат пациент беше украден од неговото семејство од струмичката болница.

Ученици бегаат од часови, младите бегаат од Македонија, криминалци бегаат од затвор или уште подобро пред да одат во затвор, а почнаа и заболени со коронавирус да бегаат од болница. Во Македонија не избега само кој нејќеше.

Пациент заболен со коронавирус пред неколку дена, маскиран како доктор, избега од Инфективното одделение во Градската болница „8 Септември“ во Скопје.

Дел од граѓаните на социјалните мрежи иронично коментираат дека подобро што избегал отколку да оперира пациенти. Други, пак, се шегуваат дека поарно човек жив да избега, отколку неговото семејство потоа да го краде мртов, алудирајќи на неодамнешниот случај од Струмица кога роднините го украдоа телото на починат од болницата.

Директорот на „8 Септември“ Христијан Костов за порталот СДК.мк изјавил дека станува збор за бездомник од Куманово кој бил донесен во болница на 1 октомври во тешка состојба со пневмонија предизвикана од коронавирус. Кога почнал да заздравува, почнал да станува од кревет и да шета, по што ја напуштил болницата. Полицијата го пронашла по неколку часа во близина на болницата.

Едни велат дека за вакви случаи се снимаат филмови.

Други, пак, даваат поинакво толкување на бегството.

Дел од граѓаните потсетуваат дека неодамна роднини го украдоа телото на починат од коронавирус од болницата во Струмица. На 21 септември група од околу 30 луѓе украле мртовец од Инфективната амбуланта во Струмичката болница. Човекот бил донесен во тешка состојба и по кратко време починал, а семејството го украло починатиот сосе кревет.

Ова не е прв случај на бегство на заболен или сомнителен на коронавирус во земјава. Уште на почетокот на пандемијата, на крајот на февруари, виничанец и неговата хрватска партнерка, повратници од Италија, избегаа од Инфективното одделение во Штипската болница, додека ги чекале резултатите од тестот на коронавирус. За неколку часа беа вратени и за среќа нивните тестови беа негативни.