Бајден со визија за иднината на Америка и светот

Американскиот претседател Џо Бајден во својот прв говор на заедничката сесија на Конгресот

Американскиот претседател Џо Бајден изнесе порака на надеж и економска преродба во својот прв говор на заедничката сесија на двата дома на Конгресот, откако САД излегоа од пустошот предизвикан од пандемијата на коронавирусот.

Во говорот Бајден ги нагласи достигнувањата на неговата администрација во ширењето вакцини за борба против смртоносниот вирус од кој починаа повеќе од половина милион Американци, опишувајќи ги како „едно од најголемите логистички достигнувања“ во историјата на САД.

Сепак, тој рече дека владата мора да стори повеќе за да ја крене земјата на нозе и да се осигура дека ќе го води светот во следните децении, подготвувајќи го својот план од огромни 4 трилиони долари за трошење на инфраструктурата и семејствата како решение.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Бајден: Америка оди напред

„Америка оди напред. И сега не можеме да застанеме. Ние сме во конкуренција со Кина и другите земји за да го освоиме 21-от век“, ѝ рече тој на нацијата во пресрет на неговиот 100-ти ден на функцијата. Бајден ги претстави деталите за неговиот американски план за вработувања од 2,3 трилиони американски долари за обнова на инфраструктурата во земјата, вклучувајќи технологија за чиста енергија, вода и транспорт.

Повисоки даноци за богатите

Посебен план за американски семејства во висина од 1,8 трилиони долари ќе има за цел проширување на можностите и човечкиот капитал за американците од пониска и средна класа. Претседателот му рече на Конгресот дека зголемувањето на трошоците ќе се плати со повисоки даноци за корпорациите и богатите, предлог што го отфрлија републиканците, па дури и некои демократи.

САД и Г20 работат на глобален данок за корпорациите

Демократот Бајден ја изнесе оваа платформа за да ја намали растечката нееднаквост во САД, што доведе до зголемени социјални немири. Бајден ги повика републиканците да го поддржат неговото законодавство, тврдејќи дека неговиот инфраструктурен план ќе создаде милиони високо платени работни места за Американците, додека семејните планови ќе ги подготват младите за технолошките работни места во иднина.

„Остатокот од светот не чека. Да не се прави ништо не е опција. Не можеме да бидеме толку зафатени да се натпреваруваме едни со други, а да заборавиме дека се натпреваруваме со остатокот од светот за да го освоиме 21-от век“, изјави тој.

Видете и ова: Бајден ќе претстави мерки за спречување на вооружено насилство

Планот би бил насочен кон семејства со пониски и средни примања и ќе обезбеди двегодишно универзално предучилишно образование, две години бесплатен колеџ, пристап до достапна грижа за децата, подолго семејно отсуство и даночни олеснувања.

Анкетите покажуваат дека повеќе од половина од Американците ја одобруваат работата што Бајден ја завршил досега, но се очекува неговата администрација да се соочи со долготрајна борба во Конгресот за да ги донесе неговите планови за трошење и данок.

Најтешката битка ќе се води во Сенатот, кој е поделен со 50-50 помеѓу републиканците и демократите. Сенаторот Тим Скот, републиканец од Јужна Каролина упати укор кон економската агенда на Бајден но исто така ги истакна и заслугите на администрацијата на Трамп за поставување на темелите за ширење на вакцините.

„Оваа администрација на Бајден наследи бран што веќе беше свртен“, рече Скот, додавајќи дека републиканците ќе поддржат класично трошење на инфраструктурата во патишта, мостови и брз широкопојасен интернет, но ги критикуваше скапите планови на Бајден како „либерална листа на желби“.

Претседателот на САД Џо Бајден разговара со пратениците при излегувањето од Претставничкиот дом на крајот на своето обраќање на заедничката седница на Конгресот во Капитолот на САД во Вашингтон, САД, 28 април 2021 година.


Домашните теми, вклучително и расната и социјалната правда, доминираа во првиот говор на Бајден пред Конгресот, исфрлајќи ја надворешната политика кон крајот.

Бајден ја поздрави пресудата за смртта на Флојд

Претседателот се осврна врз потребата да се донесе реформата на спроведувањето на законот по убиството во минатата година на Џорџ Флојд, невооружен црнец од бел полицаец во Минесота, што предизвика повеќемесечни протести. Тој исто така го повтори својот повик за минимална плата од 15 долари и ги критикуваше оние богати лица кои користат законски дупки за да избегнат плаќање на данокот.

Кина и Русија - најголеми предизвици за САД

Бајден ја потенцираше Кина неколку пати како клучен конкурент на САД за глобална доминација во следните децении. Тој рече дека Соединетите држави „ќе им застанат“ на нефер трговските практики на Пекинг кои им штетат на американските работници. Претседателот Бајден исто така рече дека Соединетите држави ќе одржат „силно“ воено присуство во Пацификот за одбранбени цели.

Говорејќи за Русија, Бајден рече дека јасно му ставил до знаење на рускиот претседател Владимир Путин дека постапките на Кремљ, како што се мешање во изборите и сајбер напади, ќе имаат последици, но додаде дека двете земји можат да соработуваат за прашања од заеднички интерес.

„Му разјаснив на претседателот Путин дека иако не бараме ескалација, нивните активности ќе имаат последици“, рече Бајден.

Видете и ова: САД воведе нови санкции против Русија

Од доаѓањето на функцијата во јануари, Бајден воведе санкции за Русија во врска со труењето на затворениот опозициски лидер Алексиј Навални и за наводното мешање на Москва во изборите во САД и хакирањето.

„Јас одговорив на директен и пропорционален начин на мешање на Русија во нашите избори и сајбер напади врз нашата влада и бизниси - тие ги сторија и двете работи, а јас одговорив“, изјави Бајден.

Но, тој исто така го продолжи договорот за намалување на нуклеарното оружје со Русија и овој месец предложи лице в лице средба со рускиот лидер во услови на спирални тензии меѓу двете земји.

„Но, ние исто така можеме да соработуваме кога тоа е во наш заеднички интерес. Како што направивме кога го продолживме новиот СТАРТ договор за нуклеарното оружје - и како што работиме за климатската криза“.

Соединетите држави беа домаќини на дводневен самит за клима преку Интернет кон крајот на април, за време на кој Путин рече дека и покрај бројните политички конфликти меѓу Русија и Западот, климатските промени можат да бидат обединувачки проблем.

Бајден во повеќе наврати изјави дека иако ќе биде цврст кон Русија за каква било непријателска политика, тој исто така се обидува да соработува таму каде што двете страни имаат заеднички интереси.

Ова вклучува прашања како што се ширење на нуклеарното оружје, климатски промени, иранскиот нуклеарен договор, Северна Кореја и негување мир и стабилност во Авганистан.

Бајден: Вашингтон ја исполни целта - Авганистан веќе не се користи за напад врз Америка

Претседателот о Бајден рече дека е време да се стави крај на „вечната војна во Авганистан“, со што ја бранеше својата одлука за повлекување на американските трупи од земјата до септември. „Денес имаме војници кои служат во иста војна како и нивните родители порано“, рече Бајден.

Членови на Конгресот на САД слушаат додека претседателот eо Бајден го одржува своето прво обраќање на заедничката сесија на конгресот во Домот на американскиот Капитол во Вашингтон, САД, 28 април 2021 година.

Неговиот говор во Конгресот се емитуваше од најголемите мрежи и кабелски канали, како и на Јутјуб, Фејсбук и Твитер. Во изминативе децении Бајден присуствуваше на десетици обраќања на неговите претходници на Конгресот. Сцената со која се соочи сега изгледаше многу поразлично. Присуството во Конгресот беше ограничено за да се овозможи физичко дистанцирање. Само околу 200 од 535 членови на Конгресот добија билети за да присуствуваат и не им е дозволено да носат гости.

Бидејќи Претставничкиот дом не заседава во моментот, многу републиканци долниот дом на Конгресот го прескокнаа настанот, а Бајден се обрати пред претежно пријателската демократска публика. Секој носеше маска, што е услов за влез во Конгресот. Бајден за време на говорот немаше маска.