Барањата на Софија- нереални и нерационални

Архивска фотографија- бугарскиот премиер Бојко Борисов и министерката за надворешни работи на Бугарија Екатерина Захариева

Поврзувањето на европскиот пат на земјава со македонското малцинство во Бугарија, според Иван Стефановски од Евротинк е спротивно на европски вредности. Малинка Ристевска Јорданова, од Институтот за европска политика, пак, вели дека важно е македонската страна да го издржи притисокот.

Нереални, нерационални, спротивни од меѓународните стандарди, загрижувачки- ова накратко се епитетите кои аналитичарите им ги даваат на последните барања од официјална Софија со кои го условува македонскиот европски пат.

Малинка Ристевска Јорданова, член на управниот одбор на Институтот за европска политика ЕПИ, вели дека толкувањата од Бугарија на Договорот за пријателство, кој двете земји го потпишаа пред три години, се еднострани и од нив произглегуваат нерационални барања.

Коментирајќи ја изјавата на бугарската шефица на дипломатијата Екатерина Захариева, која рече дека се загрижени поради непрестаните тврдења за македонско малцинство во Бугарија и дека признавањето на бугарските корени ќе стави крај на тоа, Ристевска Јорданова вели дека тоа нема апсолутна никава основа, ако се земат предвид механизмите на Советот на Европа и сите меѓународни стандарди.

„Не може да му се одземе правото на самото малцинство да се изрази како малцинство и од таму овој притисок е претеран и спротивен на сите стандарди“, вели Ристевска Јорданова.

Видете и ова: Захариева: Ако ги препознаат корените на нивната нација и јазик, ова ќе заврши

Советот на Европа минатиот месец побара од Бугарија да не се забрануваат здруженијата на македонското малцинство во таа земја наведувајќи дека тоа е спротивно и на пресудите на Европскиот суд за овие случаи. Истиот месец и Европскиот парламент ги повика бугарските власти и на спроведување на релевантните пресуди на Европскиот суд за човекови права, при што меѓу другото ги наведе и пресудите што се однесуваат на неможноста на македонското малцинство во Бугарија да регистрира свое здружение или политичка партија.

Ова веднаш ги вознемири бугарските власти. Премиерот Бојко Борисов на средбата со македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи во Софија, јавно рече дека тој лично е вознемирен што во „политичката резолуција на Европскиот парламент е внесено македонското малцинство“. Ова не знам од каде дојде, рече тогаш Борисов, кој нагласи и дека потегот во ниту еден случај нема да донесе полза во момент кога се бара компромис.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Борисов е вознемирен од резолуција на ЕП за македонското малцинство

Иван Стефановски, извршен директор на Центарот за европски стратегии Евротинк вели дека навистина е загрижувачки што Софија во 21 век инсистира на условно кажано непостоење на македонското малцинство особено што причината поради која што тоа го бара е давање зелено светло за европските интеграции.

„Тоа е само по себе контрадикторно, поразително и спротивно на европските вредности и основните принципи на кој е поставена унијата. Илузорно е и кога целта е за неколку години да нема физичка граница меѓу двете држави да се имаат вакви апсолутистички ставови“, вели Стефановски.

Односот на Скопје кон малцинствата во други држави

Што се однесува до македонските држави позиции за ова прашање, тие се дефинирани и во Уставот и во Договорот за добрососедство. Во неколку точки од членот 11 од тој договор се дефинираат односите меѓу Скопје и Софија, а во точката пет конкретно стои дека „Република Македонија потврдува дека ништо од нејзиниот Устав не може и не треба да се толкува дека претставува или некогаш ќе претставува основа за мешање во внатрешните работи на Република Бугарија, со цел заштита на статусот и правата на лица, кои не се државјани на Република Македонија“.

Во Уставот, пак, во амандманот 1 се наведува дека „Република Македонија нема територијални претензии кон соседните држави", a во амандманот 2 дека „Републиката притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи“.

Видете и ова: Македонско-бугарска комисија - нема договор, но има надеж

И премиерот Зоран Заев неодамна, кога зборуваше за евентуална декларација или изјава поврзана со барањата на Софија рече дека во неа, меѓудругото треба да се потврди дека „немаме територијални претензии кон никој од соседите и кон било кој во светот и да се потврди она што е веќе заведено и во македонскиот Устав за немешањето на државата во внатрешните работи на други држави“.
Во меѓувреме, во пресрет на десетти ноември кога треба да се одржи Советот за општи работи на ЕУ на кој Бугарија се заканува дека ќе ја блокира првата меѓувладина конференција Северна Македонија-ЕУ која, пак, требаше да се одржи во декември, работни групи од министерствата за надворешни работи на двете земји работат на решавање на проблемите.

Скопје да не потклекне на притисокот од Софија

Македонските политичари, пак, извесен период реагираат воздржано на изјавите на бугарските колеги. Според Ристевска Јорданова македонската дипломатија секогаш може да направи повеќе, но во овој случај, со Бугарија, како што вели, направила многу во односите со државите членки на Европската унија, па ниту една држава не ја поддржува Софија, која сепак, има право на вето.

„Многу е важно сега нашата страна да го издржи тој притисок од Бугарија зошто не постои некаков компромис за овие прашања кои што ги поставува Бугарија. Овој притисок треба да се издржи, ладнокрво и рационално и да се одржи поддршката од Европската унија“, вели Ристевска Јорданова.

Видете и ова: Ќе има ли нов Договор со Бугарија?

Покрај постојаните инсистирања на моментниот претседавач со унијата, Германија, меѓувладината конференција да се одржи во декември и дека билатералните проблеми не треба да бидат дел од преговарачката рамка, деновиве и влијателниот европски аналитичар Гералд Кнаус кој е основач на Европската иницијатива за стабилност се вклучи во дебатата. Тој на социјалната мрежа Твитер коментирајќи ја изјавата на бугарската министерка Захариева Скопје да признае дека македонскиот народ и македонскиот јазик имаат бугарски корени го осуди како апсурдно правејќи споредба со Германија и Австрија.

„Замислете Германија да инстистира Австрија да ги признае германските корени, заканувајќи се со тензии ако не го направи тоа. Шведска да ѝ го прави тоа на Норвешка. Чесите ова да им го кажат на Словаците. Апсурдно? Да! Тоа е она што го прави Бугарија, уривајќи го кредибилитетот на политиките на ЕУ за Балканот“, напиша Кнаус на Твитер.