Тања Балаќ им припаѓа на оние ретки уметници кои не само што поседуваат свое гледање, едно само за неа својствено толкување на светот, туку и уметнички јазик што се развива без застој, јасно следејќи ја само сопствената линија, сопствениот пат.
Вака Кирил Пенушлиски ќе стави точка на својот аналитичен текст посветен на ликовното творештво на уметницата и печатен во нејзината биографија „Тања Балаќ – 30 години уметничко творештво“.
Во истата публикација Натали Рајчиновска - Павлеска во писанието насловено „Драмското во конфликт со монтажното /Реалноста наспроти реалитетите“ и посветено на подвижните слики и потраги на уметничката заклучува дека „третманот на наративот како алтернатива на експерименталното, за Балаќ, значи премостување на медиумските бариери и преобмислување на филмот како медиум којшто зазема позиција помеѓу нас и перципираниот свет“.
А, по ваквиот вовед малку фактографија. Родена во Скопје во 1968 година, Тања Балаќ дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на одделот за сликарство, каде подоцна и магистрирала. Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) од 1996 година, а од 2006 до 2013 година е и негова претседателка.
Зад себе има повеќе самостојни изложби од кои бележити се: „Просторни дистанци“ во 2020 година во Галеријата на македонската амбасада во Виена, „Невидлива изложеност“ во галерија „Прогрес“ во Белград (2019), „1800К“ со Омер Калеши во Галерија на македонската амбасада во Париз во (2017), „Црвена земја“, „Раѓање на нација“ – проекции на експерименталните филмови и изложба на фотографии во ОКК Галерија – Берлин, Германија, истата година, во (2013), „Просторни дистанци“ во галеријата „Љубљански град“, како и многу други самостојни претставувања во Истанбул, Софија, Малме, Марибор, Москва, Париз…
Учествувала на бројни групни изложби, во Македонија и во странство: Франција, САД, Полска, Бугарија, Србија, Русија, Шведска… а нејзините експериментални филмови побудуваат голем интерес кај меѓународната јавност.
Со блага временска дистанца од Вашата ретроспективна изложба во Чифте амам, во Национална галерија, неодамна во Уметничкиот центар „Арт хаб“ во Скопје, беше промовирана монографијата „Тања Балаќ – 30 Years ArtWorks“. Убава временска рамка за подведување линија еден творец да види до каде стасал. Што оставил зад себе. Колку делото кореспондира со времето, просторот. Колку е релевантно во пошироки рамки. Кое е вашето лично сознание од периодот што го документирате?
На ова прашање можеби е најдобро да одговорат ликовните теоретичари. Навистина сметам дека уметникот има сосема друга улога во општеството, отколку таа да зборува на тема дали и колку неговото творештво кореспондира во временскиот и просторен контекст. Работата на авторот е да создава и низ создавањето да влијае на нашата перцепција да нуди нови перспективи , и отвора теми за размислување.
Лично сакав да затворам еден период од 30 години да застанам на миг и да си поставам некои прашања. Искрено ова претставување ми беше потребно и од аспект на екстремно брзото темпо кое секојдневно го живееме. Дигиталната еволуција ни го измени начинот на размислување и нашето разбирање за поимот време, а интернетот ни го овозможи она лажно чувство на виртуелна леснотија, чувство на сега и тука и токму затоа ја почувствував потребата на повлекување линија и ставање акцент на некои работи.
Кога сето ова го изнесувате на виделина, се прашувате ли можеби дека сте можеле подобро? Поагресивно. Дека сте стигнале до една точка од творечкиот живот по која ќе имате смелост да одите подалеку?
Секогаш може и подобро, без обѕир на тоа колку човек се труди. Во принцип сум доста самокритична и сум во постојан дијалог самата со себе и со тоа што го работам, а на прашањето за агресивност? На што мислите точно, агресивност кон кого? Кон себе, кон другиот? Или кон апстрактниот поим како на пример кон општеството?
Не се работи толку за агресивност, колку што станува збор за доследност-што значи да се препознае творештвото на некој уметник дури и кога тој користи различни медиуми, па дури и обработува различни теми. Јас се трудам да бидам доследна сама на себе, да бидам автентична и при тоа да изградам искрен однос со моето творештво.
Вашето професионално и уметничко искуство постојано го збогатувате со работни и студиски посети во странство, учество на меѓународни фестивали и изложби, за кои имате добиено бројни награди и признанија. Дури човек да помисли дека јавноста и недоволно знае вашите успеси надвор од Македонија. Кога вака ќе се свртите назад каков беше вашиот пат на интернационалната уметничка сцена?
Како и кај многу други македонски уметници и моето делување на меѓународната уметничка сцена е пред се резултат на индивидуални напори. Не постои некоја системска подршка. Да, финансиската подршка од страна на Министерството за култура е секогаш добредојдена, но e недоволна, така што постојано се бараат дополнителни извори на финансирање.
Во недостиг на менаџери во културата, сè е во рацете на уметниците и зависно од нивната способност за маркетинг, комуникација, и менаџирање, зависи и нивниот продор на меѓународната сцена. Кога ќе се свртам назад она што можам да посведочам е доста вложен труд и упорност, многу време и организација за да се реализираат меѓународните проекти, како и домашните.
Тоа време сигурно би го вложила повеќе во моето атеље, во процесот на создавање, но кога нема кој, уметникот е приморан да се занимава со сите пропратни активности, кои (верувајте ми на зборот)ги има премногу и се многу, многу исцрпувачки.
Деновиве престојувавте во Белград, соседна Србија, што претпоставува дека се готви терен за претставување на вашето творештво таму – изложба, промоција на монографијата. Може ли да се проектира секој иден исчекор на регионалната и меѓународната сцена? Освен од квалитетот на уметничката понуда, на творештвото на авторот, од што зависи таквиот продор?
Како што напоменав, продорот е секогаш врзан со индивидуалниот личен напор, поврзаноста со галеристи, куратори и критичари, но сето тоа без препознавање и вреднување на делото, секако дека е невозможно. Кон крајот на 2019 година имав изложба во Белград, така што и сега на повидок е една важнa соработка и изложба во наредната година.
Освен во сликарството, во последнава декада засилено истражувате и на полето на новите медиуми, вклучувајќи инсталација, експериментален филм и видео уметноста. Вашите експериментални филмови, „Меморабилија“ на пример, одлично поминуваат на меѓународните манифестации (четврта награда на Биеналето во Фиренца, Италија и прва на Филмскиот фестивал во Вест Вирџинија, во САД). Значи ли ова дека се повеќе ќе влегувате во оваа област на уметноста или, како и досега, ќе ја љубите мултимедијалноста за задоволување на сопствената творечка страст. Сопствениот немир или нерв, ако сакате?
Мултимедиата и филмот (експериментален и документарен) за мене се подеднакво важни како и сликарството. Наградите се само уште една потврда дека некој го вреднува вашето дело и надвор од границите на земјава. Често се повикувам на ставот дека содржината ја диктира техниката, но ако уметникот сака да биде ангажиран некако ми се чини дека новите медиуми нудат поголема можност. Живееме во општество кое секојдневно изобилува со теми кои се вредни за промислување, само треба малку пошироко да ги отвориме очите и да бидеме будни за да низ творештвото повикаме на будност и кај публиката. Всушност од современата уметност и се очекува да оди чекор понапред, постојано да биде ангажирана и да поставува прашања.но и да нуди одговори.
Е сега друго е прашањето дали имаме публика која е спремна да ги следи и да ги восприема современите уметничките содржини и при тоа да покаже интерес за разговор, дебата. Но ако подобро размислам во последно време изостанува и интересот од страна на стручната ликовна критика. Се поставува прашање дали имаме стручна критика која редовно посетува културни настани и ја следи современата уметничка сцена и која воедно покажува интерес за јавна расправа.
Едноставно не може да си експерт во некоја област, а истовремено да си комплетно неактивен и незаинтересиран за рецентната продукција што е исто така поразителен факт, што пак укажува на една општа колективна летаргија.
Во изминативе три децении, на два пати, бевте претседател на ДЛУМ. Какви спомени документиравте од тој период на делување и раководење. Можевте ли подобро? Што би направиле денес за Друштвото кое и натаму никако да исплива од познатите проблеми? Сопствен простор, сопствена галерија... Има ли оваа држава разбирање за уметничкото творештво и воопшто за културата или и натаму наместо насловна страница тие ќе бидат само ставки за пазарење во меѓупартиските договори?
ДЛУМ најстарото стручно здружение во Македонија оваа година слави јубилеј од 75 години, што е една голема бројка која сама по себе повикува на сериозност во пристапот. Во два мандата бев на чело на тоа здружение со сите премрежија и проблеми кои некако секојдневно не притискаа. Сигурно можело и подобро да се менаџира, не знам ... но од друга страна имаше и многу добри моменти, се реализираа некои големи меѓународни проекти како тој во 2007 во Cite Internationale des Arts Paris, потоа големото претставување на Друштвото во Софија Република Бугарија. Неколку години го имавме и уметничкиот простор, во старата скопска чаршија Галерија 8 во кој секојдневно се одржуваа безброј настани од културниот живот , изложби , промоции , концерти, простор кој некако стана заштитен знак на ДЛУМ.
Сепак мора да признаеме остана нереализирана најголемата желба можеби на сите нас, а тоа е сопствена галерија. Да се надеваме дека новото раководство ќе има поголема среќа и ке успее.
Како уметник, творец чија кариера не познава загради ниту локални и регионални рамки, која би била сликата за вашата, па ако сакате и македонската уметност, во однос на она што е визуелна реалност во светот? Колку сме во дослух со времето, трендовите... од глобалната понуда?
Kога зборуваме за светската уметничка сцена, нема сомнеж дека уметниците од западните земји се во многу попривилегирана позиција во споредба со уметниците од останатиот дел од светот. Ова пред се, се однесува на системските, просторните, инфраструктурните и се разбира во многу голема мера и на финансиските аспекти на поддршка, без кои не може да се зборува за сериозен пристап кон современата визуелна уметност.
Но, и покрај сите недостатоци и недоследности, во последно време сведочиме за големи успеси на македонските уметници од сите области, што дава голема надеж. Многупати се потврди дека можеме да бидеме апсолутно рамноправни и во дослух со меѓународните уметнички текови.
Јас повеќе ја гледам опасноста од поделби и фрагментирање на уметничката сцена која и така е релативно мала на база на лични познанства, естетски преференци, па дури и политичка припадност. Опасноста од создавање кланови и поделби, на пример на класичари и концептуалисти, претставува реален проблем, така што слободниот уметник кој по ред на нештата ке остане надвор од „највлијателните“ кругови тешко дека ке може да се избори за сопствен простор.
И, по сево ова кој ќе биде следниот исчекор на Тања Балаќ во уметноста? Конечно стигнавте ли до некаква дефиниција за себе како творец и за вашите немири и потраги, за темите по кои трагате и прашањата што ги поставувате во тишината на сопственото ателје?
Нови проекти се веќе ставени на листа на чекање и спремни се за реализација, но најмногу посакувам кога ќе ме изненади некоја сосем нова идеја, која ете така ненадејно, ноќе, ќе направи „упад“ во главните содржини.
Кон крајот на октомври е реализација на изложба во Темишвар, Романија, следат неколку фестивали во Единбург и Даблин каде последниот филм „Заглавени заедно“ е веќе дел од официјална селекција. Знаете како, јас сум во постојана потрага по нови теми кои по правило ги рефлектираат општествените проблеми со кои сме постојано соочени. Сакам да продолжам да истражувам и експериментирам зошто само така можам да бидам креативна, така да некако и немам потреба од конечна дефиниција за себе како автор. Моето творештво се стреми кон една човечка димензија, но тоа не се однесува на физичката големина на човекот, туку пред се на обемот на неговата перцепција и искуства. Ме интересира посебноста на секое човечко суштество, неговите сетила, се она што е минливо и нематеријално. Тоа е она што е во центарот на мојот интерес.
А тишината? Е, таа е навистина неопходна за да сме почесто во допир сами со себе, за да растеме, а ми се чини дека најдобрите работи всушност растат во тишина.