Реакциите за изградбата на висококатници во срцето на Скопје спроти хотелот Холидеј Ин не стивнуваат. Граѓани, архитекти, универзитески професори и невладини организации се спротиставија паркингот да биде заменет со згради. Не е прв пат и покрај противењата интересите на инвеститорот да победат под изговор на почитување на законите. Таков беше случајот со зградата кај Мајчин Дом во Аеродром каде и покрај протестите на населението, зеленилото беше заменето со деветкатница.
Во тој период претседател на Асоцијацијата на архитекти беше Мартин Пановски, кој сега е дел од идејниот проект кој ја бранува јавноста. Пановски во јуни 2018 година беше гостин во неделното интервју на РСЕ на неколку месеци пред општина Аеродром да го издаде одобрението за градба на зградата кај Мајчин дом откако на два пати беше променет ДУП-от.
Видете и ова: Политичка некултура, демагогија и популизам води кон радикализамНа прашањето дека во Скопје продолжува градежната експанзија на сметка на зеленилото и дека според општина Аеродром се е согласно законите или не е во нејзина надлежност, Пановски од тогашната негова функција изјави дека кога станува збор за земјиште во приватна сопственост наместо кај градоначалникот, треба одговорност да се бара и кај сите инволвирани страни, пред се кај инвеститорот.
„Вие кога градите во еден град и тоа како имате одговорност спрема јавноста. Тоа е и да си правите сопствена куќа. Ако ја правите за продажба и тоа како имате одговорност кон овој град. Адресата на прашањето зошто зеленилото некаде се трга треба да се бара не само кај градоначалниците, туку и кај инвеститорите, а пред се кај планерите, дури и кај проектантите и архитектите“, рече Пановски
Но, Пановски по речиси три години се најде на спротивната страна и овој пат во одбрана на инвеститорите. Тој изјави дека за волку важна локација требало да бидат викнати сите учесници во процесот кај градоначалникот на општината, во случајов Центар, за да го презентираат проектот и да се дебатира. На прашањето дали тука превладува приватниот над јавниот интерес тој сега вели дека станува збор за граѓанинот, кој на пример во општина Аеродром има право да гради, а во општина Центар нема право, алудирајќи на мораториумот со кој беше забрането градењето во Центар.
„За мене постои јавен интерес. Јавниот интерес е пред се да имаме еднакви права за сите. Сите треба да имаме еднакви права. Кои граѓани реагираат. Ајде кажете ми кои се другите граѓани. Сите оние коишто живеат таму. Не заборувам за приватни инвеститори, туку за оние коишто имаат куќи во Центар. Им се родиле деца. Сакаат и имаат право да направат поголема зграда - не може. Три години не може да направат, не може да го прошират станот. Кажете ми која е таа демократија. За 60 души на Фејсбук што џавкаат. Шеесет се. Кажете ми еден колега мој што реагирал што има еден ден пракса“, рече Пановски пред една недела во емисијата Топ Тема на телевизија Телма.
Реалноста е секогаш перцепирана врз основа на контекстот во кое се наоѓа лицето, вели аналитичарот Петар Арсовски.
„Во таа смисла можно е луѓето да променат мислење или да бидат обврзани да застапуваат друго мислење, бидејќи се појавуваат во друг контекст или се застапници на различна страна. Во конретниов случај мислам дека се работи за коализија помеѓу два фактора. Првиот е јавната одговорност на инвеститорите при градбата да не го нарушуваат јавниот интерес. Второто е предвидливоста која исто така е важен фактор, односно кога државата ќе донесе некакво решение, па тоа нека е и ДУП треба инвеститорот да биде во предвидлива ситуација, односно да знае што може го очекува. Не знам кое е паметното решение помеѓу овие два фактора во моментов, но сигурно дека тие се во коализија“, вели Арсовски.
Ќе победи инвеститорот или граѓаните?
Рокот од две недели за издавање на дозвола за градба на инвеститорот почна да тече. Градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ побара од другите институции да покренат постапки со цел да им помогнат за суспендирање на контроверзните и спорни детални урбанистички планови.
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски изјави дека донесувањето и суспензијата на деталните урбанистички планови е работа на општините. Според него, министерството е само контролор во целата постапка. Ако општина Центар планира да го суспендира ДУП-от, како што појасни, тогаш ќе треба да достави елаборат до министерството. Во рок од 15 дена министерството треба да даде свое мислење, а конечната одлука за суспензија на ДУП-от ја донесува општинскиот совет.
Државно земјиште беше продадено за сума од 312 евра за метар квадратен. Тогашниот министер за транспорт и врски, Горан Сугарески тврдеше дека продажбата е извршена согласно прибавено позитивно мислење од Државното правобранителство.
Се повеќе луѓе кои се спротиставуваат на плановите ако се суди според петицијата на социјалните мрежи „НЕ“ за изградба на нехумано голем објект на паркингот пред хотел Холидеј Ин. Досега петцијата ја потпишале 9964 граѓани.
Видете и ова: Младинските центри во општините ги очекуваат првите обучени работници со младиВо меѓувреме, неколку граѓански невладини организации, професори, архитекти, инженери јавно го повикаа премиерот Зоран Заев за поддршка на суспензијата од Општина Центар за Деталниот урбанистички план.
„Јавниот интерес и правото на живот во здрава и чиста животна средина мора да е врвно начело на управување со државата, а обврска на Владата е да го одржува и штити јавниот интерес и да интервенира кога е тој загрозен, а по потреба и да санкционира“, се вели во јавниот повик на потписниците.
Во член 23 од Законот за урбанистичко планирање се вели дека урбанистички план или негов дел се суспендира од применување доколку се докаже несомнена штета по јавниот интерес што е воочена во текот на спроведувањето на планот, која би се зголемувала со неговото спроведување, а произлегува од неговата спротивставеност со законот и прописите, поради неговата неусогласеност со планови од повисоко ниво или поради плански решенија чиишто штетни последици по јавниот интерес не биле воочени при негово донесување.
Нема само градот Скопје проблем со урбаното планирање, Република Македонија има проблем, изјави за РСЕ Пановски како прв човек на Асоцијацијата на архитекти.
„Факт е дека можеби градежништвото е главна економска гранка, но тоа не значи дека ајде сега правиме што сакаме, некој тоа треба да го осмисли“, порача тој.
Пановски тврди дека на парцелата од 12.000 м2 ќе има 6520 м2 зеленило од кои повеќето на самиот објект. И инвеститорот кај Мајчин дом вети зеленило на парцелата три пати повеќе од постојното и не само 20 отсто како што предвидува законот. Но, едно е да се осмисли, а друго е како во реалност ќе изгледа, а доказ за тоа е зградата на булеварот Јане Сандански која денес изгледа поинаку од најавеното.