Врз основа на добиени сознанија Антикорупциската комисија одлучи да отвори предмет по сопствена иницијатива во врска со наводи за сомневање на незаконско постапување на надворешниот соработник за прашања од областа на спортот на претседателот на Владата на РСМ, Даниел Димевски.
„Тој во својство на надворешен соработник и управител на правното лице Турд Олимпик ДОО Скопје стекнал својство на закупец на СРЦ Кале, со што во улога на надворешен соработник остварил приватни интереси со што го оштетил буџетот на РСМ“, соопшти ДКСК.
Државната комисија за спречување на корупција повела и прекршочна постапка за поголем број обвинители од поранешното СЈО.
„Согласно Годишниот план за следење на имотната состојба и судирот на интереси на ДКСК предмет на проверка се анкетните листови на поранешните обвинители на СЈО. Во постапката за утврдување на фактичката состојба Државната комисија за спречување на корупцијата прибави податоци од Министерството за финансии од кои констатираше дека поранешните обвинители од СЈО континуирано примале дополнителни приходи (надоместоци) и за истото по надминување на вредност од 20 просечни плати не пријавувале промена на имотната состојба со што постапиле спротивно со член 85 од ЗСКСИ“, соопшти ДКСК.
Поради тоа, велат од Антикорупциска, прекршочна постапка е има за: Катица Јанева, Фатиме Фетаи, Елизабета Јосифоска, Лиле Стефанова, Бурим Рустеми, Гаврил Бубевски, Стевчо Донев, Трајче Пеливанов, Артан Ајро и Љубомир Лапе.