Министерката за финансии, Нина Ангеловска, денеска објави дека владината мерка 14.500 денари по вработен, можат да ја користат и занаетчии, фризери, козметичари, земјоделци и други самостојни вршители на дејност.
„Мерката е иста како за работодавачите – единствена разлика е што апликацијата оди преку системот е-ПДД на УЈП. Прво, се пополнува барање за исполнетост на условите: до 5-ти во месецот за претходниот месец, преку системот е-ПДД, во рок од три дена УЈП ја потврдува комплетноста на барањето, до 13-ти во месецот физичкото лице – самостоен вршител на дејноста на трансакциската сметка преку која врши самостојна дејност добива исплата на финансиската поддршка, а до 15-ти во месецот треба да се исплати плата за претходниот месец“, објасну министерката во објава на Фејсбук.
Според неа, барателот за да ја користи оваа мерка треба во месец март 2020 да има најмалку 30 отсто намалување на приходите во однос на месечниот просек во 2019, оние што се основани по март 2019 – да имаат најмалку 30 отсто пад на приходи за месеците април 2020 или мај 2020 во однос на просекот минатата година вкличително и јануари и февруари 2020 и за сезонските вршители на дејност да имаат пад на приходите за над 30% во последниот сезонски период од четири месеци со истиот период претходната година.
Министерката додава дека мерката не може да ја користи самостоен вршител на дејност кој во 2019 година има нето доход пред оданочување или утврден годишен паушален нето доход поголем од 478.800 денари.