Поволно, неповолно и најнеповолно сценарио за справување со последиците што ги предизвика коронавирусот во економијата има Министерството за финансии, а најголемиот удар во сите се очекува во вториот квартал од годинава, изјави денеска министерката за финасии Нина Ангеловска.
„Многу е тешко за економските аналитичари, вклучително и за меѓународните финансиски институции, да ги предвидат случувањата. Имаме три основни сценарија: поволно, неповолно и најнеповолно. Кај првото сценарио – поволното, предвиден е пад од 20 отсто на вкупната приходна страна на консолидиран буџет во однос на планот. Тоа би значело намалување на приходите за околу 700 милиони евра, односно за толку би се зголемил дефицитот и потребите за финансирање“, рече Ангеловска на денешната прес-конфернција.
Кај второто сценарио – неповолното, потенцираше министерката, падот на буџетските приходи би изнесувал околу 30 отсто со што потребите би се зголемиле за околу една милијарда евра. И кај третото најнеповолното доколку приходите паднат 40 отсто, дополнителните потреби би биле околу 1,3 милијарди евра.
- Ангеловска: да се зачуваат работните места за побрз рестарт на економијата
- Субвенции за фирмите, помош за работниците, функционерите на минималец
„Кај сите сценарија најголемиот пад на даноците се очекува во вториот квартал од 40 до 65 отсто во однос на претхосната година, додека претпоставките за третиот и четвртиот квартал се разликуваат согласно кога би започнал периодот на економско заздравување и стабилизација. Важно е да сме подготвени и за најлошото сценарио, а секако да преземаме мерки и да повлекуваме соодветни чекори за да се случи најдоброто“, посочи Ангеловска.
Будното следење, агилноста и флексибилноста на владите, нагласи, се клучни за делување и справување со овој здравствено-економски шок.
„За секое од трите сценарија подготовуваме и сценарија за финансирање. Непредвидливоста и ранливоста на пазарите на капитал носи голем предизвик и при креирање на овие сценарија. Во тек е постапка за обезбедување на средства од Меѓународниот монетарен фонд, Светска банка и инструментот премостување до обврзница. Постапките се во тек и се очекува до мај да ги обезбедиме овие средства“, потенцира Ангеловска.