Бразилската федерална агенција за набудување на шумите соопшти дека во Амазон годинава имало рекорден број на пожари, над 74.000.
Тоа претставува зголемување од 84 проценти во однос на истиот период минатата година.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Болсонаро кој ја презеде претседателската функција во јануари годинава за ова ги обвинува невладините организации.
„Пожарите во Амазон, според мое разбирање, би можеле да бидат интензивирани од невладините организации, затоа што тие губат пари, а со намера да донесат проблеми во Бразил“.
Болсонаро, кој се заканува дека ќе го напушти Парискиот договор за климата, и претходно ги напаѓаше еколошките непрофитни групи, сметајќи ги за пречка во неговата потрага за развој на економскиот потенцијал на земјата, вклучително и во заштитените подрачја.
Камила Веига, НВО активистка вели:
„Неговиот говор е многу неодговорен. Тој мора да го докаже она што го кажува дека невладините организации предизвикуваат пожари во Амазон. Сите знаат дека таа идеја нема смисла. Организациите работат против климатските промени и за производство на здрава храна и пошумување“.
Претседателот Болсонаро обвини и неколку државни агенции дека манипулирале со податоците за уништување на шумите со цел да се оцрни имиџот на неговата администрација.
Од друга страна Бразил се соочува со меѓународен притисок да ги заштити огромните шуми од нелегална сеча или рударски активности.
Но, експертите велат дека не само Бразил, туку и целиот свет би можело да бидат жртви на прекумерното уништување на шумите, бидејќи тоа може да влијае врз климата, донесувајќи повисоки температури и помалку дожд.
Амазон честопати се нарекува белите дробови на нашата планета затоа што е главен апсорбер на јаглерод диоксид од атмосферата.
Наведувајќи го очигледниот недостаток на посветеност на Бразил во борбата против уништувањето на шумите, Германија и Норвешка решија да задржат над 60 милиони долари наменети за проекти за одржливост на шумите во Бразил.