Српските туристи сакаат да летуваат во Албанија и покрај политичките изјави

Интересот на српските граѓани за дестинациите на албанскиот брег значително расте од 2020 година. ( Плажа во Драч на 25 јуни 2021 година)

И покрај изјавите на политичарите во Србија, официјалните податоци покажуваат дека интересот на граѓаните за летните одмори во Албанија расте. Од друга страна, во Србија започна негативна кампања за Албанија. Људмила Цветковиќ

Драган Марковиќ Палма, лидерот на Единствена Србија и член на парламентот, им порача на граѓаните на Србија да не ја продаваат „голготата за поевтина кока-кола во Албанија“.

Како што беше објавено на веб-страницата на неговата партија, која е дел од владејачката коалиција во Србија, Марковиќ оценува дека Албанија е „виновник и поттикнувач на сè што косовските Албанци им направија на Србите на Косово“.

Сепак, оние кои летуваа на албанскиот брег оваа година, веруваат дека Марковиќ не е некој што може да споделува совети.

Видете и ова: Кој е српскиот политичар Палма, обвинет за подведување девојчиња?

„Драган Марковиќ Палма не е адреса од која може да се слушаат некои совети, какви било, а особено на регионални теми“, вели активистот за човекови права Јана Вујиќ од Белград за РСЕ.

Марковиќ ѝ е познат на јавноста во Србија по водењето економски и политички делегации во грчките и египетските летни одморалишта, организирани од градот Јагодина, каде што е функционер.

„Не смееме да ја продаваме голготата што ја доживеавме и во Првата и во Втората светска војна и неодамнешните настани во Косово, кога беа извршени ужасни злосторства против Србите и кога сите Срби беа протерани благодарение на државата Албанија, за нешто што се нарекува поевтина Кока-Кола за пет проценти помалку во однос на другите дестинации“, вели Марковиќ.

Плажа во Албанија

Според Јана Вујиќ, оваа изјава е од опсегот на националистички изјави на Марковиќ. „Ми се чини дека тој ја искористи сегашната популарност на Албанија како дестинација за одмор за да да ја постави во националистички контекст“, смета Вујиќ.

Турција може да загуби околу половина милион туристи


Драган Марковиќ Палма ја започна својата политичка кариера во 1993 година, кога ја основаше Партијата на српското единство со Жељко Ражнатовиќ Аркан, водачот на Српската доброволна гарда, паравоена формација која учествуваше на боиштата во 90-тите години, позната и како „Тигрите на Аркан“.

Албанија е сè попопуларна дестинација

Интересот на српските граѓани за дестинациите на албанскиот брег значително расте во 2020 година. Пред тоа, во 2018 и 2019 година, имаше некаде меѓу три до шест илјади туристи од Србија во Албанија, пред се од југот на Србија и околината на Нови Пазар, објасни Александар Сеничиќ, директор на Националното здружение на туристички агенции на Србија за РСЕ.

Тој изјави дека минатата година, Албанија, поради пандемијата на коронавирусот, беше една од ретките земји отворена за граѓаните на Србија.

Како што рече, искуствата на оние кои во тоа време решиле да летуваат во Албанија се добри, а фактот дека и оваа година не се потребни дополнителни документи за граѓаните на Србија, е причина за зголемување на интересот.

Видете и ова: Кој ќе ни дојде и каде ќе одиме ова лето

„Досега во сезоната, имаме околу 100 проценти повеќе гости отколку во минатата година, што беше значително подобро отколку во 2018 и 2019 година, односно лани кога забележавме околу 20.000 туристи од Србија во Албанија“, вели Сеничиќ.

Тој додава дека до крајот на сезоната, ако продолжи овој тренд, може да се очекува од 60.000 до 70.000 туристи да летуваат во Албанија.

На прашањето како изјавите како на Марковиќ можат да влијаат врз туристичкиот сектор, Сеничиќ смета дека тие обично не водат кон ништо добро. „Секако, тие можат да имаат негативно влијание, особено ако медиумите го искористат на начинот на кој тоа се прави во Србија. Луѓето треба да имаат слобода да избираат каде ќе патуваат“, заклучува Сеничиќ.

„Патриотизам“ наспроти Мини Шенген

Од јануари годинава, српските граѓани можат да патуваат во Албанија само со биометриска лична карта. Ова исто така важи и за влез на албански граѓани во Србија. Такво нешто е овозможено со меѓудржавниот договор што владите на овие две земји го склучија во рамките на иницијативата „Мини Шенген“.

Вучиќ: Дадов се од себе за Србија да има што подобри односи во регионот

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев и премиерот на Албанија, Еди Рама, во октомври 2019 година во Нови Сад потпишаа декларација за намера за воспоставување на „Мини Шенген“ меѓу трите држави. Оваа декларација предвидува слободно движење на капитал, стоки, услуги и луѓе.

Видете и ова: Рама: Мини шенген е успешна иницијатива за иднината на балканските народи

Од 1 јули, ромингот меѓу земјите од Западен Балкан е укинат, а максималната цена се применува во согласност со правилото „како во домашниот сообраќај“.

Драган Марковиќ Палма е политичар кој се залага за евроинтеграција на Србија, но само со Косово како дел од Србија. Овој политичар е познат и по хомофобичните ставови, а беше казнет од судот за дискриминација врз основа на сексуална ориентација.

Неодамна тој се соочи и со обвинувањата на опозицијата дека организирал приватни забави во Јагодина, на кои биле мамени девојки. Марковиќ го негираше тоа, а обвинителството ги истражува овие наводи.

Поврзување преку туризам

Борис Фирицки, администратор на веб-страницата Albania.rs која ја промовира туристичката понуда на Албанија, е убеден дека ќе се слушне позитивната страна на приказната, што носи подобри односи во регионот од изјавите на еден политичар.

Луѓе на плажа во Драч

„Десетици и стотици изјави на г-дин Марковиќ апсолутно не можат да бидат погласни и посилни од десетиците илјади туристи кои веќе беа оваа година и скоро половина милион луѓе што беа во последните пет години“, изјави тој за РСЕ .

Кренатите рампи ги наполнија граничните премини

Веб-страницата Albania.rs е основана во 2019 година и преку својата работа ги охрабрува граѓаните на Србија да ја посетат Албанија. 25-годишниот Фирицки објаснува дека неговиот мотив е запознавање и зближување преку неутрална сфера како што е туризмот.

„И сигурен сум дека ваквите работи и директните контакти на луѓето кои, имаат предрасуди, на некој начин ќе придонесат за многу подобар регион во иднина“, вели тој, додавајќи дека пример е Фејсбук групата во која има скоро 50 илјади граѓани на Србија, но и граѓани на Албанија.

Со цел да се промовира туристичката соработка, министерот за туризам и животна средина на Албанија, Бленди Кљоси, во јули го посети Белград. За време на посетата тој се состана и со претседателот на Србија Александар Вучиќ.

„Во рамките на Берлинскиот процес и Мини Шенген, можно е да се работи уште побрзо на развојот на туристичката понуда, како во Албанија и во Србија, така и во целиот регион на Западен Балкан“, заклучија соговорниците.

Министрите за туризам на Србија и Албанија, Татјана Матиќ и Бjенди Кљоси, исто така, се согласија да формираат заеднички комитет кој ќе работи на подобрување на соработката и отстранување на можните пречки што стојат на патот за поголема размена на туристи.