Ако немате пари, значи имате погрешни деца

Или на домашните прослави ви доаѓаат сиромашни или скржави гости, иронизираат граѓаните на социјалните мрежи, откако поранешниот генсек на владата Драги Рашковски рече дека најголемиот дел од имотот на неговите деца тој им го препишал, а другото се пари од подароци од родендени, крштевки и мекици.

Имало луѓе кои им рекле на децата „јас ќе ти ги чувам парите од роденденот“ и навистина им ги чувале. Ова е најчестата реакција на социјалните мрежи, откако поранешниот генерален секретар на владата Драги Рашковски, на почетокот на судскиот процес „Софтвери“ завчера рече дека имотот на неговите деца потекнува од подароци за родендени, крштевки и мекици.

Рашковски им го препишал целиот имот на децата, на чие име е и земјиштето во Побожје од 11 илјади квадратни метри на кое наводно треба да никне семејна хациенда. Обвинителството го товари дека имотот е стекнат на нелегален начин, но тој тврди дека го купил на кредит.

Други, пак, велат дека на родендени на децата или им доаѓаат сиромашни или скржави гости.

Рашковски е обвинет за нелегална набавка на софтвер и за перење пари. Тој се товари дека набавил софтвер за „ловење“ сообраќајни прекршоци од фирмата Инвока груп, кој самиот го патентирал, а МВР потоа не го користеше. Потоа, парите стекнати од кривично дело, околу 87 илјади евра, ги уплаќал на сопствените банкарски сметки, предвремено отплаќал кредити и ги уплаќал на сметките на своите деца, тврди Обвинителството.

Рашковски вели дека се вулгаризира целата работа, зашто најголемиот дел од имотот го поседувал и пред да дојде на функција. Како традиционален родител, тој имот им го препишал на децата, а оти другите пари им се подароци од родендени, крштевки и мекици. Тој не кажа за колкава сума се работи.

Веднаш по оваа изјава на Рашковски пред судот, подмладокот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ на плоштадот Македонија во Скопје делеше мекици за граѓаните. Тие прашаа колку мекици се потребни за човек да се стекне со луксузен имот.

Рашковски реагира на „перформансот“ на ВМРО-ДПМНЕ.

„Навистина сте се потрудиле да бидете забавни и со високо ниво на сатиричност со спроведувањето на вашата акција, но додека Вие си играте со мојот и угледот на мојата фамилија и за времетраењето на вашата акција, на неколку метри од Вашиот перформанс, во тој период својот живот во сообраќајни незгоди го изгубија две лица“, стои во неговата реакција.

Тој смета дека со користењето на неговиот софтвер ќе се зголеми безбедноста во сообраќајот.