Ако имаш пари ќе се договориш и за слобода

Илустрација

Ако се спогодите околу тоа да платите за некое дело ќе поминете лесно или релативно лесно во споредба со сите оние кои не можат да платат. Тоа ги доведува граѓаните во нееднаква положба, вели зaменик-народниот правобранител Јован Андоновски. Имало примери во правосудството за кражба на 100 ќебапи човек да заврши во затвор, а неодамна бизнисменот Орце Камчев плати над пет милиони евра и се спогоди за една година затвор за случајот Империја.

Тешко на тие што немаат да платат, вели зaменик - народниот правобранител Јован Андоновски, коментирајќи ја спогодбата на бизнисменот Јордан (Орце) Камчев со Обвинителство. Камчев признал вина за случајот Империја, уплатил над пет милиони евра и за возврат доби една години ефективен затвор.

„Изјавата на обвинителката за организиран криминал Русковска, јас, па и многумина правници ја доживеавме како навреда. За тоа дека фактички ако се спогодите околу тоа да платите за некое дело ќе поминете лесно или релативно лесно во споредба со сите оние кои не можат да платат, тоа ги доведува граѓаните во нееднаква положба. И тоа не навредливо само за правниците, туку и за сите оние граѓани кои се во подредена финансиска положба и кои не можат да се спогодат во делот на плаќањето на казната“, вели заменик народниот правобранител Андоновски.

Шефицата на Обвинителството за организиран криминал Вилма Русковска вели дека за државата е многу поарно веднаш во готово да се уплатат пари, како што вели, па макар и помалку од оние 32 милиони евра што се замрзнати, отколку да се чека да заврши случајот.

„Сите знаеме колку време треба да се донесе пресуда, па таа да стане правосилна, па после да почне продажба по пат на лицитација“, рече Русковска за Топ Тема на ТВ Телма.

Видете и ова: Заврши истрагата за „Империја“, кој имот поврзан со Мијалков и Камчев е замрзнат

Таа вели дека имотот може да изгуби на вредност, посочувајќи пример за случај од пред 10 години, за кој сега почнува постапка на продавање на имотот.

„За имот одземен во предметот „Франкфурт мафија“, деловен простор одземен во 2012, сега почнува постапката за продавање после 10 години, затоа сметаме дека во интерес на државата е да се уплатат средства во готово“, вели Русковска.

Заменик народниот правобранител Андоновски вели дека законот дозволува спогодба, но дека на тој начин се доведува во прашање довербата во правниот систем.

„Изјавата на Русковска беше што ќе ни е лицето ако лежи во затвор? Се согласувам делумно со таа констатација, зашто точно е дека и државата треба да наплати за она што е сторено, меѓутоа, сепак санкциите што ги предвидува нашиот Кривичен законик треба да бидат не само репресивни, туку и превентивни. Што значи тоа? Дека репресијата треба да биде еден правец кој треба да предизвика чувство на страв кај сите дека не треба да сторуваат кривични дела и да избегнуваат кривични дела. А превентивата треба да биде дека они што помислиле да сторат или сториле кривично дело да бидат свесни дека за секое казниво дело ќе има и последици“, вели Андоновски.

Тој додава дека не е толку важно кое лице понудило спогодба, туку пристапот на Обвинителството. По овој принцип, вели тој, Обвинителство треба да им понуди сличен третман и на други луѓе кои сториле слични или исти дела, односно еден вид амнестија на капитал стекнат на незаконит начин, по примерот како во соседна Бугарија.

Андоновски вели дека има доста примери на невоедначена судска пракса.

„Имаме пример каде возрасна жена коа продавала марули на недозволено место ја казнуваа парично, со закана дека ако не може да плати ќе оди во затвор. Или лице во Велес кое што украде стотина ќебапчиња од прегладнетост лежеше затвор, затоа што не можеше да плати, а од друга страна, се праќа порака дека доколку имате пари може да се спогодите и да платите“, вели тој.

Видете и ова: „Сиромашните во затвори, богатите дома со докажана вина“ - Ваши коментари

Условни казни затвор и плаќање за штетата за учесници во „Шарената револуција“

Истрагата за случајот Империја беше отворена на 9 ноември 2018 година од страна на некогашното Специјално јавно обвинителство (СЈО), кое беше формирано за да ги разреши високопрофилните случаи на корупција. Но обвинителството потоа згасна, а шефицата на ова обвинителство заврши во затвор. Пред да заврши истрагата, на осомничените им беше замрзнат имот од околу 32 милиони евра. Освен Камчев, во овој случај осомничени се десетина бизнисмени и поранешни функционери, меѓу кои и поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков. Обвинителството соопшти дека спогодбено признал вина и се спогодил за една година затвор и осомничениот Ненад Јосифовиќ.

Јордан Орце Камчев, архивска фотографија.

Првичната истрага покажа дека осомничените испрале 8 милиони евра пари од Македонија и 2,5 милиони од странство, преку офшор компании. Тие го оштетиле Буџетот на Македонија за речиси 6,3 милиони евра.
Осомничените во Империја се товарат за: Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама и Перење пари и други приноси од казниво дело.

Поранешниот обвинител Константин Кизов вели дека Обвинителството може да одбие и големи суми на пари за спогодување.

„Тука зависи и од Јавното обвинителство кога постапува по однос на спогодувањето со обвинетите, може некогаш да има понуда и за големи пари, меѓутоа јавниот обвинител да не се сложи ако се работи за јавен интерес или заради некои други причини“, вели тој.

Кизов додава дека во многу случаи има доста законски небулози и државата не може да си ги наплати парите од конфискуваниот имот, па затоа како што вели, треба да се усогласи законот и државата брзо да може да си ги наплати штетите.

Андоновски вели вакви преседани, како спогодбата со Камчев, не треба да прераснат во судска практика, оти на тој начин само ќе се потврди тезата дека само осум отсто од граѓаните имаат доверба во судството. За да се врати довербата во правосудството, вели тој, потребно е воедначеност во примената на правото, да нема селективност и судиите и обвинителите да покажат професионалност и интегритет.

Центарот за европски стратегии Евротинк, на крајот на минатата година објави истражување за доверба на граѓаните во институциите, според кое најниска е довербата во судството и обвинителството кои добиле доверба од осум отсто.