Ако ги покачите цените ќе пристапиме кон кажување на мајка ви

Илустрација

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи се закани дека владата ќе објави список на компании кои енормно ги зголемиле маржите по укинувањето на антикризните мерки. Дел од граѓаните коментираат дека тоа е работа на невладиниот сектор, а владата треба да се грижи за спроведување на законите.

Инфлацијата во мај достигна 12 отсто, а храната е поскапена за дури 17 отсто во однос на истиот месец минатата година. Тоа се случува додека сè уште се на сила владините мерки за ограничување на цените на основните животни производи. По укинувањето на мерките цените отидоа во небо.

Од почетокот на месецов, прекина намалувањето на акцизата и ДДВ за горивата и намалувањето на ДДВ и ограничување на маржите на основните прехранбени производи. Зејтинот веднаш поскапе за 25 денари, шеќерот за 8, брашното и млекото за по 9 денари, покажуваат податоците што ги објави ценометар.мк.

Некои производи се поскапени за дури 70 отсто. Граѓаните се жалат дека едвај врзуваат крај со крај, додека други посочуваат дека таква е ситуацијата во цела Европа.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи рече дека има вртоглаво и вештачко зголемување на цените, а маржите за одредени производи скокнале над 70 отсто, но апелираше на етика и солидарност од трговците.

Битиќи се закани дека по завршувањето на инспекциите, владата ќе излезе со список на компании кои енормно ги зголемиле цените, па граѓаните нека одлучат дали ќе купуваат од тие трговци.

Опозицијата веднаш реагираше. Трајко Славески од ВМРО-ДПМНЕ реагираше дека заканите кон компаниите се непримерни и дека ја деградираат пазарната економија. На Твитер реагираше и поранешниот пратеник Илија Димовски.

Дел од граѓаните бараат списокот да биде објавен веднаш, други прашуваат што се тоа фер маржи во капиталистичко општество каде што цените слободно се формираат, а на трети заканата од Битиќи им прозвучи како скеч од популарните К-15.

Немојте со тие куршуми, се шегуваат некои.

Дел од граѓаните потсетуваат дека во нормални држави тоа го прават Здруженијата на потрошувачи, кои вршат јавен притисок за компаниите да не профитираат енормно врз грбот на граѓаните, додека владата треба само да се грижи за спроведување на законите.

Во владата најавија дека се спрема нов пакет антикризни мерки, кој ќе биде донесен по изгласувањето на ребалансот на буџетот. Овој пат мерките ќе бидат насочени само кон најзагрозените групи граѓани.