Во Аеродром, Карпош и Центар не може да се каже дека има мегаломанство, навала и напад на урбанизација, изјави неодамна премиерот Зоран Заев, но, видливо е дека во изминатите години се промени ликот на централните скопски општини и се „збогати“ со нови згради.
Залудни беа и во неколку наврати протестите на граѓаните на овие општини да не се заменува зеленилото и просторот на сметка на изградбата на нови станови, бидејќи инвеститорите секогаш излегуваат како победници.
Најсвеж пример за загубената битка и покрај многубројните реакции во јавноста е планираната изградба на три висококатници во срцето на Центар веднаш спроти Градскиот трговски центар и хотелот Холидеј Ин.
Радио Слободна Европа истражуваше колку во изминатите осум години за време на мандатот на различни градоначалници во општините Аеродром, Карпош и Центар биле издадени одобренија за градба, завршени објекти и станови од страна на деловни субјекти.
Епилогот вкупно за трите општини е 1148 одобренија, 2547 објекти и 12367 станови. Дека градежната експанзија е најзиразена во нив, наспроти тврдењата на премиерот Заев, говорат фактите, бидејќи 81 отсто од завршените станови се токму во Аеродром, Карпош и Центар.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Во рок од 2013 до 2021 година само 2864 станови биле завршени во останатите други општини во скопскиот регион. Ако дополнително се земе предвид дека околу половина од овие станови кои остануваат се во Кисела Вода, која исто така се наоѓа до центарот на Скопје излегува дека срцето на градот е затрупано со згради.
Центар рекордер по одобренија и објекти, Жерновски победник
Центар е рекордер по издадени одобренија за градба и завршени објекти за домување од деловни субјекти кои се занимаваат со градежна дејност, кога ќе се соберат бројките достапни на Државниот завод за статистика.
Од 2013 година по одржувањето на локалните избори до јули годинава биле издадени 489 одобренија за градба. Најмногу од нив, 310 одобренија се потпишани во периодот кога со општината владееше Андреј Жерновски откако на локалните избори го победи неговиот противник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Тодоровиќ.
Жерновски беше дел од Либерално демократската партија, но, на изборите го поддржа опозициската коалиција „Сојузот на иднината“, а неговата победа се славеше пред седиштето на СДСМ на улицата Бихаќка. Неговиот наследник на функцијата Саша Богдановиќ од редовите на СДСМ ,исто така, е рекордер ако се споредат бројките со останатите две општини. И покрај мораториумот за градба администрацијата на Богдановиќ до јули годинава издала 179 одобренија за градба на деловни субјекти.
Општина Центар е на првото место и по завршени објекти далеку пред Карпош и Аеродром. Во изминатите 8 години во Центар никнале дополнителни 1272 објекти. На мапата на централното градско подрачје во просек годишно се појавувале нови 159 објекти.
Општината може да се пофали само со фактот дека е на последното место, споредбено со Аеродром и Карпош по завршени станови. Иако има издадено најмногу одобренија за градба и изградени објекти, вкупната бројка на завршени станови за истиот период изнесува 1693.
Карпош на второ место по сите параметри
Поранешниот градоначалник на Карпош Стевчо Јакимовски за време на неговиот втор мандат кој го освои како независен кандидат му бил зад пети на Жерновски во освојување на првото место. За време на неговото владеење биле издадени 298 одобренија за градба или само 12 помалку од Центар.
Но, затоа Јакимовски држи друг рекорд. Најмногу издадени одобренија за градба во еден месец. Во септември 2015 година општина Карпош прифатила 26 барања.
Неговиот наследник од редовите на СДСМ, Стефан Богоев кој победи на последните локални избори е далеку попретпазлив во давањето „амин“ за промена на ликот на неговата општина. Богоев до јули издал одобренија за изградба на 122 објекти.
За време на владеењето на двајцата градоначалници во Карпош биле завршени 737 објекти и 3856 станови.
Аеродром шампион по станови
Ако Карпош го држи второто место на листата по сите параметри, Аеродром може да се пофали со шампионската позиција по завршени 6818 станови за време на мандатот на Ивица Коневски од ВМРО- ДПМНЕ и на Златко Марин од СДСМ.
Највидлива е градежната експанзија во општината во близина на основното училиште Блаже Коневски. Радио Слободна Европа и пред три години пишуваше на темата, а тогаш на местото каде се наоѓаа старите воени бараки во радиус од 500 метри избројавме околу 29 нови згради.
Денес, повторно го посетивме тој дел од општината и може да се заклучи дека бетонизацијата се уште не запрела. Напротив дополнително се градат уште нови згради и покрај 538 објекти кои биле изградени од 2013 до годинава.
Под палката на Коневски општината издала 152 одобренија за градба, наспроти 87 за време на актуелниот градоначалник Марин.
Нов ГУП на Град Скопје 2022-2032
Во сите овие општини кои се во централното градско подрачје нема веќе никаква потреба, нити смее да се гради, вели Никола Велковски од Групацијата за градежништво при Стопанската комора, кој е и поранешен главен градски архитект. Според него, фелата ќе мора да го крене својот глас и со новиот Генерален урбанистички план и со новите градоначалници да се направи рестрикција во градењето.
„Поготово станбена градба, затоа што ние сите сме сведоци дека го направивме Скопје спална соба за цела Македонија што нема потреба. Значи урбанизмот не подразбира само градба на станбени објекти, туку и други од јавен интерес за потребите на граѓаните. Треба сега да дадеме максимално внимание при урбанизацијата, а да се намали на минимум, да не речам да се избрише станбено деловното градење затоа што веќе нема потреба. Се загушивме“ вели Велковски.
Постапката за изработка на новиот ГУП 2022-2032 е започната. Во неговата подготовка, како што најавија од Град Скопје, во рамките на предвидените процедури освен поддршката од Министерството за транспорт и врски како ресорно министерство, ќе биде вклучен и поширок круг на стручни лица од различни области, невладиниот сектор, академската заедница, како и граѓаните, директно или преку единиците на локалната самоуправа.
„Скопје ќе биде зелен град со многу повеќе внимателно распоредени зелени површини, повеќе функционални јавни простори, сообраќај планиран на начин што ќе обезбеди урбана мобилност и комунална инфраструктура која ќе биде целосно во функција на обезбедување чиста и здрава животна средина“, најави лани градоначалникот на главниот град, Петре Шилегов.
Нови законски одредби
Премиерот Заев порача и дека мегаломанство е спречено не само со волјата на градоначалниците и советниците, туку и со закон.
„Законот веќе ги лимитира и висините и габаритите на објектите кои се градат. Уставното право на сопственост е неприкосновено во демократијата и кај нас, но сега ставивме ред во растот и развојот на Скопје“ рече Заев.
Тој додаде дека со донесувањето на новиот Закон за урбанистичко планирање согласно укажувањата се сменети параметрите, а тоа е паркинг во самата парцела и минимум 20 отсто зелена површина во самата парцела.
Но, според Велковски, инвеститорите во првичните проекти ќе ветат дека ќе ги запазат овие одредби од законот, но, потоа нема да ги почитуваат.
„Ние немаме веќе инфраструктура за толкав тип на градба и за толкав број на жители во градот. На крај краева ќе доживееме како ние што имаме човечки инфаркт, ќе доживееме инфаркт на таа инфраструктура кај нас“, додава Велковски.
За изградбата на првата висококатница кај Холидеј Ин повеќе нема пречки, бидејќи дозволата на инвеститорите им беше потпишана минатиот месец. Зградата од 20 ката ќе биде уште една во низата, а иницијативата на Антикорупциска за кривично гонење на поранешните градоначалници на Центар, Тодоровиќ и Жерновски за злоупотреба на службената положба се уште чека на последниот збор од обвинителството.
На 17 октомври треба да се одржат локалните избори. Извесно е дека во трката нема да бидат вклучени токму актуелните градоначалници на Аеродром, Карпош и Центар. Тие иако имаат право на втор мандат, владејачката СДСМ донесе одлука на гласањето да оди со нови имиња.