А бре, Македонче, која верзија ја спремаш?

Архивска фотографија: Ослободувањето на Скопје на 13 ноември 1944 година

Хорот на 11 Октомври, во партизанската песна „А бре, Македонче“, наместо познатиот во јавноста стих „клетите фашисти“ отпеа „душманите клети“. Власта вели дека се работи за стар аранжман, но во јавноста има критики затоа што не е првпат да се менуваат делови од песни кои се спорни за Бугарија.

Ќе го тетовираат ли сега хористите од Македонската опера и балет стихот „клетите фашисти“ од партизанската химна „А бре, Македонче“, иронично прашуваат граѓаните на социјалните мрежи, откако песната на прославата на Денот на народното востание 11 Октомври во Куманово беше испеана со променет стих. Наместо „нека разберат клетите фашисти“, на официјалната прослава во Спомен костурницата во Куманово, хорот испеа „нека разберат душманите клети“.

Кога пејачката Тамара Тодевска пред три години испушти стихови од химната, таа ги истетовира и ги објави сликите на Инстаграм.

Ова е чувствителна тема во Македонија, со оглед на актуелниот спор со Бугарија, кој ги кочи македонските евроинтеграции. Граѓаните на социјалните мрежи коментираат дека Владата „гази по јајца“ и го ревидира антифашистичкото минато за да ја одоброволи Софија да не ги блокира македонските евроинтеграции.

Други, пак, сметаат дека тоа е поедноставување на работите.

Минатата недела беше отворен бугарски културен клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, што наиде на протести во македонската јавност. Борис Трети бил на чело на Бугарија за Време на втората светска војна, кога како сојузник на Нацистичка Германија, окупира голем дел од територијата на Македонија.

Софија се противи на употребата на терминот „бугарски фашистички окупатор“. Бугарските историчари сметаат дека треба да се зборува за анексија, а не за окупација. Власта до 1944 не ја опишуваат како фашистичка, туку како „авторитарен режим под влијание на фашистички идеи“.

Исто така, Бугарија ги смета македонските револуционери од илинденскиот период како свои револуционери.

Формирана е заедничка историска комисија која треба да изготви препораки како да се претстават овие личности и настани во учебниците по историја.

По реакциите во јавноста, Владата и Националната опера и балет велат дека не постои цензура, ниту каква било произволна измена во текстот на песната „А бре, Македонче“.

„На настанот е користен автентичен аранжман чија хармонизација е правена од Драган Шуплевски, потврдена од Национална опера и балет и Сојуз на композитори. Хармонизацијата на аранжманот, според нашите сознанија, е правена во доцните седумдесетти, односно раните осумдесетти години“, велат во Владата и во Националната опера и балет.

Песната има три верзии во кои „клетите фашисти“ некогаш се „клетите душмани“, а некогаш „денешните тирани“.

Со реакција се јави и Александар Трајковски, публицист и музички педагог, вонреден професор на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕФТА во Скопје. Како еден од наследниците на авторот на композицијата Ордан Михајлоски-Оцка, Трајковски вели дека не станува збор за никаква цензура.

Многумина сепак се сомневаат во политичка интервенција, со оглед на тоа што промена на стихови на песна не се случуваат првпат.

На прославата на Денот на републиката 2 Август во Крушево, хорот на Македонската опера и балет ја прескокна втората строфа во која се пее за Гоце Делчев и за фашистичка крв. Строфата што не беше отпеана гласи:

Излеговме ние смели партизани,
над нас на Гоце знамето се вее,
во гори, полја и на сите страни,
фашистка крв насекаде се лее.

Македонската опера и балет и тогаш реагираше дека не се извршени интервенции во нотите на песната и оти аранжманот не е нов.

На прославата на Денот на независноста на САД 4 Јули во Американската амбасада во Скопје во 2019 година, популарната пејачка Тамара Тодевска, пеејќи ја државната химна „Денес над Македонија“ не ги испеа стиховите во кои се споменуваат револуционерите Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев и Јане Сандански. Тодевска изрази жалење за ненамерната грешка при пеењето на химната.

„Понесена од емоции и од целокупната еуфорија, за жал, ненамерно изоставив дел од химната“, реагираше пејачката.

Една година подоцна, таа ги истетовира пропуштените стихови и ги објави фотографиите на Инстаграм.

Амбасадата на САД тогаш реагираше дека во емотивни моменти ненамерно може да се случат грешки.

„Имаме длабока почит кон традициите, историјата, хероите и иднината на нашиот пријател, партнер и сојузник Северна Македонија“, објави Амбасадата тогаш на Твитер.

Кон крајот на 2020 година, тогашниот премиер Зоран Заев потврди дека на дел од плочите на спомениците од Втората светска војна каде што пишувало дека некој загинал од „бугарска фашистичка рака, куршум или слично, тие плочи се променети“, како дел од Договорот за добрососедство со Бугарија.