Семејството на жена убиена при семејно насилство е на пат да го добие првиот надоместок од државата со помош на законот за паричен надоместок за жртви на кривично дело со насилство кој почна да се применува пред половина година.
Иако жртвата е покојна, нејзиното семејство поднело барање за надоместок до соодветната комисија што ја формира Министерството за правда. Барањето е разгледано и треба да се дополни со уште некои факти пред да се донесе конечната одлука.
Максималната отштета дозволена да се исплати според овој закон е до 5.000 евра во денарска противредност.
Видете и ова: Семејно насилство: Пораз за институциите, аларм за државатаГраѓански организации кои работат со шелтер-центри за жртви од насилство долги години бараа државата да овозможи жртвите да добиваат парична отштета. За првпат тоа е овозможено и со закон.
„За разлика од порано, кога жртвата иако побарува, не може да наплати ништо од сторителот ако тој нема имот на свое име, а знаејќи дека постапките траат долго, сега државата им помага на жртвите да ги санираат последиците со кои се соочиле уште на самиот почеток на кривичното дело. Тоа е еден принцип на солидарност, исчекор од досегашното постапување, при што државата ги штити интересите и правата на жртвата и овозможува секундарна виктимизација“, изјави Цветанка Периќ, претседателка на Комисијата за паричен надоместок на жртви од кривични дела со насилство.
До комисијата биле поднесени уште две барања за надоместок, но тие биле одбиени на седницата што се одржа на 7 ноември.
Видете и ова: Двојно убиство - резултат на институционални пропусти при семејно насилство?Сите три барања се поднесени во периодот од септември до декември 2023 година, но не биле разгледани затоа што се чекаше да се формира Комисија. Таа беше конституирана во февруари годинава, а канцеларија за работа доби дури на средината на октомври.
Во 2023 година при семејно насилство биле изврешени пет убиства. Меѓу нив се убиствата во Кочани и во Куманово - во првиот случај, 46-годишна жена до смрт беше избодена со 40 удари со нож од партнерот кој подолго време ја уценувал за пари, заканувајќи се дека ќе објави компромитирачки материјали. Во Куманово 46-годишен маж со нож ги уби сопругата и нејзината мајка.
Делото мора да е пријавено во полиција или во обвинителство
Според законот, право на паричен надоместок имаат жртвите на кривично дело со насилство, кои претрпеле тешко нарушување на физичкото или на психичкото здравје. Жртва може да биде и оној што се обидел да го спречи кривичното дело, ѝ помагал на жртвата или на полицијата да го фати сторителот, или доколку е член на семејството на жртва која го загубила животот поради кривично дело поврзано со насилство.
Право на надоместок имаат жртвите на семејно насилство, на ропски однос, на трговија со луѓе, трговија со дете или и друго кривично дело што предизвикало смрт или тешки последици на едно или повеќе лица.
„Притоа, тука не е важно да е завршена кривичната постапка. Услов за да се оствари правото на надомест е делото да е пријавено во полиција или во обвинителство и за него да има записник, белешка или потврда“, појаснува Периќ.
Видете и ова: Секоја осма жена во светот била жртва на сексуално насилство пред полнолетствотоМаксималниот износ за трошоци за лекување што можат да го добијат жртвите е до 2.000 евра во денарска потиввредност. За изгубена издршка, максималниот износ е до 4.500 евра. Солидарна помош за претрпени последици е најмногу 500 евра. Надоместот по сите основи не може да надмине износ од вкупно 5.000 евра.
Барањето се поднесува најдоца до три години од денот кога е извршено кривичното дело. Ако се работи за дете, а родителот не поднел барање за три години, рокот почнува да тече од денот кога лицето ќе наполни 18 години.
Во текот на постапката, жртвите и нивното семејство имаат право на бесплатна правна помош.
Жртва дури после 20 години добила надоместок од обвинет
Во единствениот центар во државата кој ги згрижува жртвите на трговија со луѓе (го раководи граѓанската организација „Отворена порта – Ла страда“, во соработка со Министерството за труд и социјална политика), законски жртвите можат да се задржат најмногу една година. Тука добиваат привремено сместување, правна, медицинска и хуманитарна помош, психолошко советување, образование и обуки.
Потоа, малолетните се враќаат во својот дом (ако е можно), во згрижувачко семејство или во мал групен дом. На полнолетните им се помага да го продолжат образованието доколку сакаат, или да се вработат.
Видете и ова: УНИЦЕФ: Околу 70 отсто од жртвите на трговија со луѓе во Северна Македонија се децаДосегашните искуства на овој Центар покажале дека било многу тешко, речиси невозможно, жртва да добие надоместок од трговецот.
„За дел од жртвите сѐ уште се водат кривични постапки за дела поврзани со трговија со луѓе и деца, во кои тие се жртви и/или сведоци, и во кои е поднесено барање за надоместок. Има и случаи за кои веќе има донесена пресуда за надоместок пред почетокот на важењето на законот, за кои постапката за наплата од сторителот е во тек. Во голем дел од случаите сторителите немаат имот на нивно име, што дополнително го отежнува процесот на наплата. Целата процедура за добивање на надоместок е прилично долга, а жртвите често имаат дополнителни потешкотии да ги остварат своите права“, велат од „Отворена порта – Ла страда“.
Единствено, една жртви на трговија со луѓе досега успеала да добие надоместок преку програма на Министерството за правда, а друга дури после после 20 години успеала да наплати надоместок од имотот на еден од обвинетите во нејзиниот случај.
Ниту една жртвите кои сега се сместени или претходно престојувале во Центарот за жртви на трговија со луѓе не поднела барање за надоместок според последниот закон. Од „Отворена порта – Ла страда“, велат дека причината е краткиот период на неговото важење.
Видете и ова: Две години 14 годишно дете било принудувано на секс, Обвинителството отвори истрагаОчекувањата на Комисијата за паричен надоместок се дека најмногу барања за надоместок ќе има од жртвите на семејно насилство. Со последните измени на Кривичниот законик во февруари 2023 година фемицидот во во Северна Македонија стана посебно кривично дело.
Според законските измени, за убиство со умисла на жена или девојче со извршена тортура или тешка телесна повреда предизвикана од омраза судот може да досуди и доживотен затвор. Овие измени на Кривичниот законик беа неопходни да се донесат поради усогласување со Истанбулската конвенција и европските директиви.
Исплата на надоместок на жртви на насилство е меѓународна пракса што се применува и во државите од Европската унија(ЕУ). Директива на Советот на Европа од 2004 година, што ја прифатија и членките на ЕУ, наложува секоја земја-членка да воспостави национална шема за компензација на сите жртви на насилен и на намерен криминал.