Зошто вештачењето е најголем ризик за корупција во правосудството?

Илустративна фотографија.

Неквалитетни, неверодостојни и целосно спротивставени вештачења на обвинителството и одбраната, се меѓу главните проблеми за долготрајните судски процеси. Судиите и обвинителите сметаат дека наодите и мислењата што ги прават вештаците се најголем ризик за корупција во правосудството. Правни експерти за РСЕ велат дека вештаците многу често работат незаконски.

Судските предмети „Ласкарци“ во кој загинаа 19 луѓе, а 37 беа повредени и „Империја“ кој што се однесуваше на еден од најголемите случи на перење пари, се само дел од познатите во јавноста кои беа проследени со проблеми поради вештачењата, поради што процесите во судовите траеа многу долго. Роднините на загинатите во автобуската несреќа во „Ласкарци“ беа револтирани од вештачењето спроведено во судскиот предмет, но и од судот, сомневајќи се во криење на докази и притисоци.

Иако не се единствени докази, вештачењата се меѓу клучните во судските постапки, а судиите и обвинителите се сложни дека најголем ризик од корупција во правосудниот систем се вештаците, односно влијанието врз нив во изготвување на извештај во една судска постапка. Ова произлегува од анализата „Проценка на ризици од корупција во правосудството“ која ја спроведе ОБСЕ и Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Ваквиот став во анализата го искажале анкетираните судии и обвинители, кои за влијанијата од надвор кон нивната работа со прст посочија кон вештаците.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Топ 5 ризици од корупција во судовите и јавните обвинителства

Правни експерти во разговор за Радио Слободна Европа се согласуваат дека изготвувањето на наодите на вештаците е сериозен проблем и „солиден фактор за корупција“. Според нив, мислењата на вештаците во судските процеси често се целосно спротивни, но и неквалитетни.

Видете и ова: Роднините на загинатите огорчени, вештачењето уште трае, а „Дурмо турс“ си вози

Во еден судски процес вештачење можат да бараат и обвинителството и одбраната. На пример, во случај на сообраќајна несреќа со повеќе учесници, вештаците треба да испитаат кој е виновен. Но, ако вештачењата на одбраната и обинителството бидат целосно спротивни, судот може да бара да биде направено „супер вештачење“.

Судијата и професор Лазар Нанев за РСЕ вели дека квалитетот и веродостојноста на вештачењата се голем проблем во судските постапки. Вештаците неретко спротивно на Законот за кривична постапка, се впуштаат да даваат одговори на правни прашања во обид постапката да ја „свртат“ во одредена насока, укажува Нанев, посочувајќи дека тоа е голем ризик со што многу се одолговлекуваат судските постапки.

„Кога станува збор за супер вештачењата, корупцијата се гледа во влијанието кое странките го вршат врз вештите лица при изработувањето на самото супер вештачење, а коешто не кореспондира со реалните факти и со другите изведени материјални докази. Наместо фокусот на вештото лице да биде во материјалните факти, тие се впуштаат во разјаснување на правни прашања или директно во давање одговор дека одредено лице, учесник во самата постапка, е виновно или не, што е спротивно на Законот за кривична постапка“, вели Нанев.

Наодите и мислењата кои ги изготвуваат вештаците, многу ретко доаѓа до усогласување на вештачењата, па судот во 99 отсто од случаите мора да нареди супер вештачење, но и при тоа се наидува на сериозни проблеми поради „неквалитет“ на наодот и мислењето. Со тоа голем број на предмети „оправдано се укинати“ од страна на повисоките судови, вели Нанев.

За проблемите и ризиците од корупција став побаравме од Бирото за судски вештачења, но до објавувањето на текстот одговор не добивме. Оваа институција е под Министерството за правда, но не е единствената од каде судот и странките можат да ангажираат вештаци, бидејќи постојат и привиатни лиценцирани вештаци. Законот за кривична постапка исто така предвидува судот да може да побара и странски вештаци или стручни институции да го направат вештачењето ако има недостаток на вешти лица.

Предметот со автобуската несреќа во селото „Ласкарци“ во 2019 година, кога 19 луѓе загинаа и 37 беа повредени, заглави поради двете спротивставени вештачења изнесени од обвинителството и одбраната. Процесот долго траеше откако Кривичниот суд побара Бирото за вештачење да направи трето „супер вештачење“.

„Империја“ е уште еден предмет кој беше од интерес на јавноста кој долго се одложуваше поради чекањето на мислењето на вештаците. Истрагата требаше да покаже дали осомничените переле пари преку фирми, а Обвинителството имаше проблем да најде вештаци и тврдеше дека тоа ќе бидат клучни докази. Меѓу обвинитете во „Империја“ беа поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков и бизнисменот Орце Камчев.

Видете и ова: Русковска – Во тек е спогодба со Мијалков за „Империја“

Дека изготвувањето на наодите на вештаците е „солиден фактор за корупција“, се согласува и адвокатот Александар Тортевски. Тој објаснува дека со измените на Законот во парничната постапка се овозможило двете страни во судските процеси сами да си порачуваат вештачење и за тоа сами плаќаат. Така во секој парничен предмет има две спротивставени вештачења и потоа процесот оди на „супер вештачење“, додава тој.

„Така Судот губи три години време за да стигне до „супер вештачење“, а од друга страна „супер вештаците“ знаат дека тие веќе се неприкосновени и никој нема процедурална можност да им го менува мислењето и многу често заради тоа се олабавуваат, знаат дека нема предмет на преоценка и прават што сакаат“, вели Тортевски.

Поради проблемите со вештачењата, власта најавуваше измени на Законот за вештачење уште на почетокот на 2022 година, но измените се уште не се донесени. Тогашниот министер за правда Никола Тупанчевски велеше дека со измените ќе се направи ревидирање на системот на судско вештачење преку допрецизирање на одредбите со кои се регулира влезот во професијата вештак, вршење на дејноста вештачење и продолжување на лиценците на вештаците.

„Верувам дека со донесувањето на овој современ закон ќе се решат долгогодишните проблеми со кои се соочуваат граѓаните, судовите и самите вештаци и ќе придонесе кон зајакнување на ефикасноста и квалитетот на судските постапки“, рече Тупанчевски. Тупанчевски веќе не е министер за правда.

Видете и ова: Правосудството и јавната администрација - лоши стартери во преговорите со ЕУ

Адвокатот Тортевски посочува дека во други земји има подобри механизми за вештачење: обвинителите и одбраната немаат контакт со вештаците, нив ги ангажира судот, објаснува Тортевски. За него исто така е „незамисливо“ што во Македонија никогаш не се случило да биде покрената кривична постапка за лажно вештачење.

„Не може за една техничка работа каде што податоците се егзактни, еден вештак да каже, на пример, дека една зграда е квалитетно изградена, а друг да каже дека е комплетно неквалитетна. Во тој случај мора да има кривична одговорност за едниот. Едниот во секој случај лаже, но со години тоа поминува така, вештаците ќе си наплатат надомест и тоа е сериозен ризик кој треба да се искорени, но не е најголемиот. Ризик е корупцијата и поткупливоста на судиите во смисла преку извршната власт да се напредува во кариерата“, вели Тортевски.

Во анализата на ОБСЕ и ДКСК, изготвувањето на несоодветни наоди и мислења од страна на вештаците, е рангиран како најголем надворешен ризик за корупција во правосудството со коефицииент од 9,13. Најголем внатрешен ризик е влијание на претседатели на суд преку годишниот распоред за работа на судот, се вели во истражувањето.