„Со еден ден задоцнување стигнав на посакуваната дестинација со малку покомплициран превоз“.
Вака, Иван Милошевиќ од Белград, за Радио Слободна Европа (РСЕ), го опишува своето искуство од патувањето со Ер Србија од аеродромот во Белград во изминатите денови.
Десетици летови на оваа авиокомпанија, која во мнозинска сопственост е на државата Србија, беа откажани претходните денови.
Ер Србија јавно не објави кои летови се откажани.
Оваа компанија е само една од многуте што го користат белградскиот аеродром за своите летови.
Проблемите се влошија на 22 јуни кога, според соопштението на „Ер Србија“, се случил дефект на системот за рендген проверка на багажот на белградскиот аеродром „Никола Тесла“.
Со аеродромот управува француската компанија Ванси Ерпортс (Vinci Airports).
Аеродромот во Белград подоцна на 22 јуни за РСЕ соопшти дека техничкиот дефект е саниран и дека сообраќајот се нормализира.
Надлежните за состојбата на аеродромот
Министерот за транспорт на Србија, Горан Весиќ, на 22 јуни на Твитер напиша дека за следниот ден закажал средба во врска со ситуацијата на белградскиот аеродром.
Компанијата „Ванси“ на утрешниот состанок должи одговори на многу прашања, почнувајќи од тоа зошто немаат доволно вработени, па завршувајќи со тоа зошто опремата што ја купиле не работи“, напиша Весиќ.
Весиќ на 22 јуни напиша и дека Србија ги исполнила сите обврски од договорот и дека истото го очекува и од концесионерот.
Во март 2019 година, претставници на Владата на Србија, аеродромот „Никола Тесла“ и францускиот Ванси потпишаа 25-годишен договор за концесија за белградскиот аеродром.
Владата на Србија не одговори на прашањето на РСЕ за откажаните летови на Ер Србија, која е во мнозинска државна сопственост. РСЕ не доби одговор дали Владата на Србија планира дополнителни инвестиции во флотата на Ер Србија, имајќи ги предвид проблемите со откажувањето на летовите.
Што соопшти Ер Србија?
На 18 јуни компанијата објави дека поради „голем број неповолни фактори“ во наредниот период може да има доцнења и откажувања на летови.
„Ер Србија е принудена да го реорганизира и оптимизира сообраќајот во својата мрежа на дестинации во наредниот период“, се наведува во соопштението.
Во соопштението се посочува дека меѓу неповолните фактори кои влијаат на ова се проблемите со снабдувањето со резервни делови на глобално ниво, како и тоа дека авионите кои биле изнајмени не биле подготвени за летови на време.
Како причини се наведуваат проблемот со недостиг на вработени на одредени аеродроми и неповолните временски услови.
До објавувањето на овој текст, Ер Србија не одговори на прашањата на РСЕ, меѓу другото, колку летови откажала во претходните денови и за кои дестинации, како и за тоа како компанијата ги решава проблемите кои се причина за откажувања и одложувања на летови.
Србија е мнозински сопственик на Ер Србија (83,6 отсто удел во сопственост), а малцински сопственик е Етихад Ервејс од Обединетите Арапски Емирати (16,5 отсто удел).
Ер Србија ја „пренесува одговорноста“
Ален Шќуриќ, авијациски аналитичар и уредник на регионалниот воздухопловен портал „Замаеро“ во Загреб, вели дека и самиот како патник ги доживеал споменатите проблеми со летовите на Ер Србија.
„На 20 јуни бев патник на „Ер Србија“ кој беше незадоволен од доцнењето и големиот број други проблеми што ги имавме и фактот што од Белград до Загреб пристигнав многу подоцна отколку да одев со автомобил“, вели тој.
Тој вели дека тоа искуство го обесхрабрило следниот пат да патува со Ер Србија на таа релација.
Шќуриќ, смета дека објаснувањето што го понуди Ер Србија на 18 јуни е бесмислено и дека одговорноста се префрла на околности без добра причина.
„Компанијата мора да знае дека авионите ќе доцнат, авионите веќе една година доцнат во испораката, па зошто ги ставиле во функција и не оставиле два дена резерви“, вели тој, додавајќи дека истата ситуација се однесува на доцнење на авиони поради сервис и набавка на резервни делови.
Шќуриќ наведува дека глобалната ситуација во авиоиндустријата е таква што не можат да се реализираат сите планирани летови поради повеќе фактори, но дека авиокомпанијата требало да го организира тоа пред летната сезона.
Како што наведува, некои авиокомпании уште во февруари ги откажале летовите за кои проценител дека нема да може да се реализираат.
Тој смета дека „Ер Србија“ мора да го намали бројот на редовни линии и да ги сведе на оние што може да ги реализира навреме.
Според податоците на веб-страницата на Ер Србија, во флотата на оваа авиокомпанија има 20 авиони.
Кои се правата на патниците?
Во текот на летната сезона патниците патуваат со редовни авио линии и таканаречени чартер летови, односно летови организирани од туристички агенции.
Александар Сеничиќ, директор на професионалната Национална асоцијација на туристички агенции во Србија ЈУТА, за РСЕ изјави дека досега немало откажани чартер летови на Ер Србија.
„Доколку авиокомпанијата го откаже летот (на редовна линија), тогаш мора или да ве превезе до таа дестинација на друг начин, да ги покрие трошоците за сместување и другите трошоци ако не сте на вашето место. Ако го откаже летот, мора да ви ги врати парите“, вели Сеничиќ.
Според него, претходните денови имало доцнење на чартер летовите. Појаснува дека потенцијалното откажување и доцнење на овие летови е поголем проблем, бидејќи овие летови се поврзани со договорениот туристички аранжман.
„Ако се откаже летот, всушност би се откажало целото патување, бидејќи ние не можеме да ја преместиме резервацијата во хотелот, кога сите термини се полни во текот на сезоната“, објаснува Сеничиќ.
Видете и ова: Ер Србија од 7 јуни ќе лета до Скопје
Тој вели дека европските прописи предвидуваат враќање на парите на патниците и во случај чартер лет да доцни повеќе од три часа, а за тоа нема оправдана причина за „виша сила“.
„Штетите се движат од 250 до 600 евра за некои далечни дестинации и најголемите доцнења“, вели тој.
Тој наведува дека авиокомпанијата не одговара за доцнењето само доколку се работи за лоши временски услови, затворање на аеродромот, случаи на тероризам, неисправност на авионот што може да влијае на безбедноста на патниците.
Сеничиќ наведува дека и претходно патниците имале проблеми со остварување на правото на поврат на пари поради доцнење или откажување на чартер лет, бидејќи авиокомпаниите ја префрлиле одговорноста на туристичките агенции.
„Туристичката агенција е одговорна за сите делови од туристичката програма, освен за воздушен транспорт, бидејќи таму не можеме да реагираме.
Авиокомпаниите ги препраќаат тие барања на патниците до туристичката агенција, иако судската пракса и пракса во Европа налагаат одговорноста да ја носи авиокомпанијата“, истакнува Сеничиќ.
Видете и ова: Хаос на аеродромите - авиоиндустријата ги трпи последиците од пандемијата
Во случај на дефект на аеродромот, како што се случи на 22 јуни, Сеничиќ наведува дека патниците немаат право на компензација од аеродромот.
„Не е предвидено со никаков документ или закон дека аеродромот има некаква одговорност (кон патниците)“, вели тој.
Според податоците од финансискиот извештај на компанијата „Ванси аеродроми“, белградскиот аеродром во 2022 година го користеле околу 5,6 милиони патници.
Во текот на 2022 година се реализирани повеќе од 65 илјади комерцијални летови.