Гоце Делчев, Методија Андонов Ченто, цар Самоил...Ова се само некои од историските личности за кој во македонската јавност се воделе и се водат жестоки дебати. Но колку навистина знаеме за нив, или за времето во кое живееле и дејствувале? Пред се колку знаат младите луѓе и дали воопшто ги интересира историјата? Реформите во образованието се ретки, во историското образование уште поретки, а за него слушаме единствено кога ќе се откријат катастрофални грешки. Каква историја се предава во училиштата? Ги бараме одговорите од историчарот Петар Тодоров, кој е експерт за османлискиот и постосманлискиот период на Балканот, но го истражува и образованието по историја.
Што научиле средношколците по историја испитувавме со анкета на прашањето што се случило на 2 август. Еве некои одговорите.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Илинденско востание. Празник на државата, како да кажам. Се формирала македонската република.
На кој датум?
Е тоа не знам.
Бидејќи е ден на... Што беше? Илинден, нели... Крушево, нели... Имаше борба за Македонија за осамостојување...Илинденското востание, за осамостојувањето на Македонија.
Знам дека е празник св. Илија, дека тогаш тргнало Илинденското востание кон Крушево и дека тогаш ги испраќаат коњаниците, тогаш стигнуваат во Крушево.
За историчарот Петар Тодоров, кој го истражува и образованието по историја,овие одговори не се ништо поразлични од она што е тренд не само кај нас, туку и на Балканот, во Европа.
“Не можеме со истите методи кои биле применливи и давале резултати во 70-те, 80-те, 90-те години, денеска истите да ги применуваме. Дигитализацијата е толку навлезена секаде, начинот на изучување само од печатени книги и учебници многу современи држави го менуваат предметот како историја да биде поатрактивен“, вели Тодоров.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Во случајот на историјата, за него тоа е еден од оние предмети преку кои најдобро може да се развива критичко мислење кај децата и затоа е важно како ќе се пристапи. Во исто време може да служи и за сериозна манипулација со младите. Тодоров смета дека се промовираат политички митови, кои можат да бидат злоупотребени од политичките елити.
А како тој би предавал историја, на пример од османлискиот период?
„Ако вие ја сведете историјата на османлиската империја како што е сега сведена на е тоа “дошле тука некои османлии со насукани сабји и освојувале и го држеле пет века народот под ропство“ тоа само може да предизвика негативни емоции кон современите Турци. И прашање е дали било така. Светската наука јасно кажува дека до појавата на националните истории во 19 век христијанските заедници биле всушност интегрирани во османлиската империја. Но има една интересна работа. Кај нас претставата за турско ропство беше негативна. Со доаѓањето на турските серии, особено за Сулејман Величествениот, одеднаш еден султан не беше прикажан низ призмата на сабјата и освојувањето и сеењето страв во христијанска Европа, туку беше покажана неговата емотивна, нежна страна. Луѓето тогаш почнаа да покажуваат интерес за османлискиот период, па може ова да се има предвид кога се предава историја“, вели Тодоров.
Зошто има грешки во учебниците по историја? Зошто се бара од учениците да учат на памет факти, датуми, личности? Каква е улогата на Интернетот во учењето историја? Одговорите на овие прашања слушнете ги од историчарот Петар Тодоров.
Слушајте не, следете не. Само ставете слушалки и побарајте го поткастот Зошто на сајтот Слободна Европа и на Спотифај, Јутјуб, Ејпл и Гугл подкаст. Кликнете на Зошто и давајте ни идеи и теми кои сакате да ги слушате, а ние ќе прашуваме преку нашите профили на социјалните мрежи.