Жешкото синдикално лето оставено за во септември

Протест на Сојуз на синдикати на Македонија (ССМ) за Први мај пред Влада, 2023.

Договорот за повисоки плати во јавниот сектор ги подели синдикатите, некои, меѓу кои и образование, се незадоволни од процентот за кој ќе се зголемат платите. Секторите кои протестираа бараа за 30 отсто повисоки плати, а добија 10 проценти. Дел од нив со незадоволството ќе продолжат од септември.

За дел од синдикатите останува „жешкото“ синдикално лето, дел, пак го ставија во мирување, откако падна договор со власта за зголемување на платите во јавната администрација.

По низата протести и штрајкови на 10 јули власта и синдикатите се договорија за зголемување на платите од 10 проценти, плус по 10 илјади денари регрес за годишен одмор или популарно К-15. Денеска го потпишат договореното.

Но, договорот ги подели синдикатите, оти се незадоволни од процентот за кој ќе се зголемат платите.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Не се сите задоволни од зголемувањето на платите во јавниот сектор

СОНК - Есента ќе биде уште пожешка

Јаким Неделков, претседател на Синдикатот на образование, наука и култура (СОНК), вели дека освен најавеното зголемување од 10 проценти, бараат и усогласување на платите со минималната.

„Но не гледам големо расположение кај властите во тој дел. Ова лето ќе биде жешко, не само заради температурите, а есента веројатно уште пожешка ќе биде, ако не најдеме заеднички договор“, вели Неделков.

Минималната плата од март годинава од 18 илјади порасна на околу 20 илјади. Синдикатот бара и останатите плати да пораснат за ист процент за кој пораснала и минималната плата, односно за околу 12 проценти.

СОНК е дел од Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС), кои доставија нови барања, пред да биде потпишан новиот колективен договор во јавниот сектор.

На барањата досега немале одговор, па затоа КСС не го потпиша општиот колективен договор.

На прес -конференција претседателот на Конфедерацијата, Благоја Ралповски, рече дека тие се против општиот колективен договор, оти, како што вели, тој им штети на работниците.

Повисоки плати и за првпат К-15

Општиот колективен договор предвидува сите вработени во јавниот сектор да добијат зголемување од 10 проценти и за првпат годинава да добијат К-15 од 10 илјади денари. Од следната година ќе им се исплаќа регрес за годишен одмор во висина на 30 проценти од просечна плата.

Повисоки плати треба да добијат вработените во државните институции, во општините, јавните установи, заводи, агенции, фондови...

Според податоците на синдикатитие, повеќе од 96 проценти на вработени во администрацијата и правосудството примаат плата под просечната, која изнесува околу 570 евра.

Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов, по договорот, рече дека работниците треба да бидат задоволни, бидејќи платите на голем од вработените во јавниот сектор во изминатиот период пораснале.

„Победивме“, рече Трендафилов.

Тој вели дека денеска се исправа една неправда кон вработените, оти 15 години немало општ колективен договор и досега вработените во јавен сектор немале К-15.

Потпишувањето на договорот тој му го посвети на претходниот претседател на ССМ, Дарко Димевски, кој почина минатиот месец.

Но, не се задоволни сите.

Вработените во Царина, во Управата за јавни приходи, и судската администрација, кои и досега протестираа, најавија дека со незадоволството ќе продолжат во септември. Тие бараат повисоки плати за 30 проценти, плус да им се исплатат додатоците за плата, кои им следуваат со закон.

Видете и ова: Претстои жешко синдикално лето: притисок на јавниот сектор за повисоки плати

Има огромна разлика во платите во судството, вели Јасмина Величкова, претседателка на Независен синдикат на судска администрација.

„Службеник со судија соодносот еден спрема пет и судија со стручен соработник еден спрема три.“

Доколку не им се исполнат барањата, таа најави дека од 1 септември судската администрација ќе одржи генерален штрајк со блокирање на улици и неиздавање на уверенија за неосудуваност и други документи.

Постигнатото решение за платите во јавниот сектор сите треба да го прифатат, рече вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи на 14 јули во ТВ гостување. Вели, може да се направи и повеќе, но за тоа треба сите да бидат подготвени.

Министерот за финансии, Фатмир Бесими во колумна на 15 јули, наведе дека со ова системско решение ќе се добие еден реален систем на плати, усогласени со состојбите на пазарот на труд.

Видете и ова: Барањето на Ковачевски - притисок врз штрајкувачите во УЈП и Царина

Ребаланс на буџетот за да се обезбедат повисоки плати

Според договорот, околу 130 илјади административци повисоки плати ќе добијат со септемвриската плата. К-15 ќе добијат во декември, а новата Методологија за пресметка на плата ќе почне од март 2025 години, оти треба да се усогласат закони и тоа да се вметне во буџетот за што требаа време. Според таа методологија платата ќе се пресметува со коефициент од просечна плата и таа ќе важи за сите во јавниот сектор.

За зголемените плати и К-15 во јавниот сектор до крај на годината ќе бидат потребни дополнителни 40 милиони евра во буџетот на државата. Министерот Бесими во интервју за ТВ 24 рече дека ова ќе предизвика непланиран ребаланс, а прекројување на државната каса најави за септември.

Во последните месеци вработени во јавниот сектор протестираат и штрајкуваат со барање за повисоки плати.

Барањата за повеќе пари станаа особено гласни откако избраните и назначени функционери во Македонија во април добија зголемување на плати за 78 проценти. Повисоки плати добија 1060 функционери дополнителни 15 милиони евра од Буџетот на државата.

Поголем дел од граѓаните сметаат дека ниските плати и пензии се најголем проблем со кој во моментов се соочува државата, покажува неодамнешната анкета на Националниот демократски институт (НДИ).