Скопска жега-тешко се живее на жешко

Илустрација

Кога е жешко, уште пожежок е телефонот на Итната медицинска помош. Има поголема потреба, а помалку екипи, поради одморите. Граѓани колабираат од топлото, додека метеоролозите најавуваат уште повисоки температури следната недела. Секој бара спас од жегата, а многу чешми во градот не работат

Речиси сите граѓани кои денеска ги сретнавме низ центарот на Скопје имаа нешто заедничко - шише со вода во рака. Високите температури ги празнат фрижидерите во продавниците, додека граѓаните се обидуваат да се разладат и хидрираат.

Граѓаните бараат сенка

Гратис шише вода добија оние кои налетаа на Аган Сулејман и Тијана Мировска, волонтери и парамедици од Црвениот Крст на град Скопје. Тие се една од 13 екипи кои од 11 до 16 часот, во текот на оваа седмица, на најфреквентните автобуски постојки низ главниот град делат бесплатно вода, но и стручни совети за превенција од топлотниот бран. Доколку некој се затекне на автобуска постојка која е директно изложена на сонце, а тимот процени дека треба да се транспортира, возачот на Црвен Крст го носи до дома.

„Изминативе два дена тимовите имаат пријавено три транспорти на повозрасни лица од автобуска постојка до нивните живеалишта и над 20 интервенции односно асистенции на граѓани кои побарале поддршка од тимовите, како мерење на крвен пристисок и слично“, вели Арѓенд Чилафи, стручен соработник во Црвениот Крст.

Вакви акции се прават над 15 години, а граѓаните реагираат позитивно.

Пензионерот Љупчо и волонтерот и парамедик Аган од Црвен Крст

„Секоја чест на оваа жештина да се помогне на граѓаните. Тоа е навистина убав гест и благодарен сум. Навистина е многу тешко. На овие години мора да се чуваме, меѓутоа, тоа е, природа е. Веројатно ќе помине уште малку“, вели 68-годишниот скопјанец Љупчо кој брзаше да заврши некоја работа низ град, додека уште не е пеколно топло.

Дел од кафулињата се обидуваат да ги разладат гостите со прскалки

Гратис вода би можеле да имаат и граѓаните кои минуваат покрај автобуската станица Рекорд, ако беше во функција чешмичката од која со децении ги разладувала скопјани. Но, не е така последниве три години, забележува граѓанин кој работи во близина на оваа локација.

„Повеќе од половина век тука има чешмичка и граѓаните по неа го знаат ова место. Не функционира најмалку три години, веќе четврта е во тек. Причина е тоа што е пукната цевката долу. Беа екипи од Водовод неколку пати божем да санираат, но тоа не се случи. Граѓаните постојано прашуваат зошто нема вода“, вели граѓанинот кој побара да биде анонимен.

Фонтаната почнува да личи на пепелник

Оние кои работат на улица, пак, освен вода, бараат и сенка на која можат подолго да се задржат.

„Мора да се работи бидејќи од ова живееме. Жештина, студ, ние сме тука постојано. Застануваат луѓе, ама не е тоа-тоа. Бараме природни сенки од дрва и се снаоѓаме“, вели Ѓулзан Алити, продавач на антиквитети на улица Македонија.

Продавачот Ѓулзан Алити на својата тезга

Ни водата, ни природната сенка не се спас за дел од повозрасните граѓани. Пензионерот Цветан Сидовски околу 11 часот се прибира дома. Таму, вели, ќе остане преку целиот ден.

„Многу е лошо. Со топлото се справувам со седење дома. Ова време влегувам дома и не излегувам до вечер. Јас имам и деменција и ако се движам на вакво време може и да паднам“, вели Сидовски.

Граѓанин кој ги почитува препораките за јадење на лесна храна кога е топло

Дека топлиот бран влијае на здравјето покажува и зголемениот број на повици и интервенции на Брзата помош. Повеќето се за случаи во кои на граѓаните им се слошува на јавни места, во превозно средство, на работа, на автобуска станица.

Некаде интервенираат на лице место, а некаде само со совети по телефон, бидејќи не можат секаде да стигнат.

„Според вчерашниот извештај 5 екипи имале 91 интервенција за 24 часа. Моментално функционираме со намален капацитет на екипи, поради периодот на летни одмори и недостасуваат луѓе. Зависи од денот, но имало денови кога таа бројка била меѓу 50 и 60. Кога сме со повеќе екипи се обидуваме да ги услужиме сите граѓани кои бараат помош“, вели за РСЕ, Рихат Реџепи, доктор и шеф на смена во Итната медицинска помош.

Скопјанка бира очила за сонце

Од управата за хидрометеоролошки работи најавуваат дека и во наредниот период ќе продолжи сончевото и многу топло време. Дневната температура ќе биде и над 30 степени, а на југот и повеќе од 40 степени. Особено топло ќе биде од четврток до средината на следната седмица, кога на повеќе места ќе биде активирано портокалово ниво за опасност од високи температури.

Граѓанин се разладува со сладолед

Од Институтот за јавно здравје порачуваат дека граѓаните со себе треба да носат шише вода, да се разладуваат со вентилатори или клима уреди, да носат лесна, светла и комотна облека, да се тушираат со посвежа или млака вода кога чувствуваат дека им е топло, да се носи капа, шешир или чадор за заштита, доволно да се спие, да се јаде овошје и салати, да се избегнуваат алкохол, кафе, чај, како и топла, зачинета и солена храна што може да дехидрира.