Претставници на Банката за развој при Советот на Европа на 7 октомври ќе го посетат затворот Идризово, дознава Радио Слободна Европа. Повод, меѓу другото, е и застојот на проектот за реконструкција на затворот кој е започнат уште во 2010 година. Веќе се изградени отворено и полуотворено одделение, како и судницата која никогаш не профункционира, но втората фаза од проектот никако да започне.
Сите извештаи на организацијата на затворите во земјава го посочуваат затворот во Идризово како пренатрупан, без основни услови за отслужување на затворската казна кои ги ставаат во графата нечовечки и понижувачки.
Треба да се изгради затворено и притворско одделение како помошни простории за што Банката дава дел од заемот во висина од 25 милиони евра додека државата од сопствени средства треба да одвои 16 милиони евра. Но, директорот на најголемиот затвор во Северна Македонија, Зоран Јовановски вели дека од него било побарано да се санираат недостатоци кои биле утврдени при реализација на првата фаза за да може да продолжи финансирањето.
„Тие недостатоци и аномалии долго време не се санирани. Кога јас дојдов како директор започнавме нивна санација и поправка за да ги доведеме во состојба како што е побарано од нас. Се работи за одводот, доводот и уште некои аномалии. Очекуваме сега на 7 октомври кога ќе дојдат во контрола да ни ја одобрат следната фаза со која ќе се градат новите објекти“, вели Зоран Јовановски, директор на КПУ Идризово.
Според информации на РСЕ од извори во Управата за извршување санкции, рокот за почеток на градежните работи истекол во јуни 2024 година. Како краен рок сега е зададен јуни 2025 година. Сепак проекциите се дека и веднаш да се започне со изградба ќе треба околу 5 години за да се завршат градбите.
На 18 мај 2022 година Претседателот на Европскиот комитет за спречување на тортура и нечовечко или понижувачко постапување или казнување (КПТ), Алан Мичел и вицегувернерот на Банката за развој на Советот на Европа (ЦЕБ), Томаш Бочек побарале од тогашната влада да го искористи заемот и да ги изгради објектите во Идризово.
Проблем има уште во градежната дозвола
Од Управата за извршување на санкции која е надлежна за затворите потврдуваат дека затворот нема важечка дозвола за градење на објекти. Била издадена од Министерството за транспорт, но проблем е настанат пред две недели кога и е истечена важноста.
„Преку Единицата за имплеменација на проектот аплициравме за нови одобренија. Постапката е во тек во министерството “, пишуваат од Управата за РСЕ.
На 29 јули годинава новоназначениот директор на Управата за извршување на санкциите, Александар Пандов и министерот за транспорт Александар Николоски објавија дека разговарале за отпочнување на постапката за изградба на нови простории во КПД Идризово. Но тогаш не беше објавено дека за неполн месец и половина ќе истече дозволата за градење. Сега од Министерството за транспорт велат дека е отпочната нова процедура, но и по нивното добивање ќе треба да тече процес за распишување на оглас за изведувач на работите.
Условите во затворот во 2023 година катастрофални
Неколку релевантни институции ги анализираа условите во КПУ Идризово во 2023 година. Советот на Европа преку Комитетот за превенција на тортура објави извештај во кој се вели дека наместо амнестии во кои властите често гледаат решение за пренатрупаноста во затворите, би можело да биде и реализацијата на втората фаза од проектот за Идризово финансиран од банката.
„Ситуацијата во затворот Идризово останува алармантна. Во извештајот се нагласени физичкото злоставување од страна на персоналот и пролонгираната изолација на проблематичните затвореници, високо ниво на насилство меѓу затворениците и нехигиенските и небезбедните услови. Сериозната пренатрупаност во затворениот дел ги влошува овие проблеми. Дополнително, распространетата корупција на персоналот го поткопуваат исправното функционирање на затворот и тоа резултира со тоа најобесправените затвореници да бидат држени во најлоши услови“, се вели во извештајот.
Во извештајот на Народниот правобранител за 2023 година исто така е утврдено дека има преголем број затвореници а премалку затворска полиција. Условите исто така се карактеризирани како катастрофални, а особено проблематично е и лекувањето на затворениците.
„Посетата на затвореното одделение беше реализирана со фокус на 3, 4, 7 крило и т.н. „Амбуланта“. Затекнатата состојба беше сериозно загрижувачка, поради што и беше нотирано дека состојбата во овие крила слободно би можела да се подведе под поимот на нечовечко и понижувачко постапување. Пренатрупаноста беше очигледна заради што осудени лица спиеја на под од ходникот на одредени крила, додека во одредени простории на импровизирани кревети на четири ката престојуваа и по 14, односно 15 лица“, пишува во извештајот на Народниот правобранител.
Ништо подобар не е ниту извештајот на Хелсиншкиот комитет за човекови права.
„Пренатрупаноста, особено во КПД Идризово, каде што се наоѓаат најголем број осудени лица од кои повеќето се со безбедносен ризик, е алармантен проблем за кој државата мора итно да најде решение. “, се вели во извештајот на Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Во затворот Идризово од јуни 2023 година е прогласена кризна состојба поради малиот број на стражари во затворот, по што беше ангажирана АРМ да помогне со војници кои го обезбедуваат затворот од надвор.
Бројната состојба на вработени во КПД Идризово на крајот од 2023 година изнесува 289, за разлика од почетокот на годината кога биле 212.
Кумановскиот затвор има хроничен проблем со водата
Кумановскиот затвор, кој беше финансиран исто така од Банката за развој на Советот на Европа, беше пуштен во употреба во септември 2013 година, а тогаш власта го промовираше како установа која ги исполнува европските стандарди.
Но набргу се појавија поплаки од затвореници дека во затворот често се случува да нема вода од два до три дена, а воопшто не се обезбедува топла вода. Затворот нема ниту систем за водоснабдување ниту санитарна инфраструктура за отпадни води. Водата која се користи за пиење, готвење, перење и капење се носи со цистерни, напишал Хелсиншкиот комитет во еден од своите извештаи.
Дури биле испратени и примероци од водата на лабораториско испитување по што беа добиени резултати дека водата не е безбедна за пиење. До денес овој проблем не е решен.
Видете и ова: Хелсиншки комитет: Нема напредок во унапредување на човековите праваВо информацијата од банката се вели и дека целта на проектот наменет за затворите е да се развие и надгради казнено-поправната инфраструктура, преку подобрување на физичките услови во затворите како за затворениците така и за вработените во согласност со европските стандарди и затворските правила.