Коцката е фрлена за онлајн фирмите на Државна лотарија

Илустрација

Владејачката коалиција ВМРО-ДПМНЕ и Вреди бара укинување на онлајн фирмите за обложување и коцкање во интернет просторот, додека опозициската ДУИ нивно физичко дислоцирање и целосно затворање од населените места во хотели со пет ѕвезди. Финансиска полиција испратила поднесок до Обвинителството за закупот на Лотарија од 2,6 милиони евра.

И власта и опозицијата се согласни на делумно затворање на обложувалниците и казината во Северна Македонија, но, во различни сфери од нивното функционирање.

Првите се залагаат за нивно укинување во онлајн просторот и преполовување на физички достапните објекти до 57 насто, додека коалицијата Европски фронт поднесе законски измени кои се однесуваат исклучиво за целосно затворање на овој бизнис во селата и градовите и нивно селење во хотели со пет ѕвезди и затворени објекти недостапни за малолетници.

Владејачкото мнозинство во Собранието бара укинување на лиценците на новите три компании за онлајн игри на среќа кои Државна лотарија преку јавен повик заеднички ги основаше со приватен капитал од Србија, Црна Гора и Бугарија. Во овие новоформирани компании, државното Акционерското друштво има 51 насто од сопственоста, додека приватните фирми 49 насто.

Станува збор за компаниите „ Државна лотарија - 77 Битс ДОО Битола“, каде косопственик е бугарската Телематик Интерактив Бугарија АД.

Потоа „Државна лотарија - Везув ДОО Скопје“. чиј странски капитал е на истоимената фирма „Везув“, која е најголемиот ланец на обложувалници „Волкано“ во Црна Гора и последната „Државна лотарија - Моззарт ДОО Скопје“ во партнерство со српската „Моцарт ДОО Белград“ која важи за една од најголемите компании за игри на среќа во регионот.

Видете и ова: Власта најави судски постапки за инволвирани во случајот „Државна лотарија“

За добивањето на овие лиценци и отворањето на нови фирми заеднички со Државна лотарија, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН во Собранието деновиве поднесоа барање за автентично толкување на членот 7 став 3 од Законот за игри на среќа и за забавните игри.

Од таму сметаат дека овој член дозволува Државна лотарија да воспостави неограничен број на нови трговски друштва за приредување игри на среќа. Целта на нивното барање е да се обезбеди прецизно толкување - дали одлуката на претходната влада и раководството на Државната лотарија за интернет игрите на среќа има законска основа за носење вакви одлуки.

„Нашите правни тимови се убедени дека одлуките за формирање на три нови компании за организирање интернет игри на среќа се целосно без законски основ. Затоа очекуваме владата да го поткрепи ова наше правничко уверување со соодветно мислење кое Законодавно-правната комисија ќе го преточи во автентично толкување кое ќе овозможи затворање на интернет игрите на среќа и тоа веднаш“, изјави на прес-конференција пратеникот од коалицијата Вреди, Халил Снопче.

Паралелно, Снопче најави и покренување на правосудни постапки за докажување на злоупотреби на службената положба и овластување на сите надлежни органи кои учествувале во донесување на незаконски одлуки поврзани со организирање различни видови игри на среќа.

Прозваните молчат

Од позиција на опозиција, пред изборите, ВМРО-ДПМНЕ и Вреди го обвинуваа тогашниот вицепремиер и министер за политички систем Артан Груби дека со негов потпис на владина седница се отворени незаконски трите нови компании и дека тој има за цел да го преземе бизнисот со казина во Северна Македонија. Поранешниот вицепремиер тврдеше дека со оваа одлука се врши демонополизација на пазарот, иако неговата матична партија во Собранието ги туркаше измените на законот со кој обложувалниците и казината беа предвидени да се преселат подалеку од образовните институции.

По најавите на власта за судски постапки против оние кои ги носеле одлуките, РСЕ се обрати до поранешниот вицепремиер Артан Груби. Тој топката на одговорност ја префрли на акционерското друштво, одговарајќи кратко со една реченица „Обратете се во АД Лотарија“.

Одговори побаравме и од Акционерското друштво, каде генерален директор е Перпарим Бајрами, кој претходно беше вработен во Министерството за политички систем на Груби. До објавувањето на текстот од Државна лотарија не одговорија на прашањата како ги коментираат иницијативите за ревизија на нивните одлуки и за потенцијална кривична одговорност.

Власта за намалување, опозицијата за целосно укинување

За разлика од сферата на онлајн игрите на среќа, власта и опозицијата се чини дека имаат делумен консензус кога станува збор за коцкањето и обложувањето во деловни објекти.

Елми Азири, заменик кординатор на опозицискиот Европски Фронт, изјави дека доставиле предлог за измена на Законот за игри на среќа, со кој се предвидува затворање на објектите за игри на среќа во населени места. Со предлогот се предвидува и зголемување на данокот за реклами кои ќе завршат на сметката на општините.

„Коцкарниците ќе бидат отстранети од училиштата, градинките, но не само, ќе бидат отстранети и од населбите, селата и градовите, од нашите домови и ќе работат само во затворени објекти, хотели со пет ѕвезди каде што ќе биде невозможно да присуствуваат малолетници, како и граѓани кои доаѓаат од ранливи социјални категории“. рече Азири.

Видете и ова: Од забава до зависност од коцкање - лекување ретко кој бара

Во дебатата се вклучи и партијата ДУИ, која кога беше на власт, не успеа да го протурка законското решение за оддалечување на игрите на среќа на 500 метри од училиштата и верските објекти.

„Овој закон не ги исполни во целост нашите и очекувањата на граѓаните, од причина што наша заложба од првиот ден е целосно затворање на казината и обложувалниците. Една од програмските определби на Демократската унија за интеграција е целосно затворање на сите објекти за организација на игри на среќа, казина и обложувалници во земјата“, се вели во партиското соопштение на ДУИ.

Пратеникот од владејачката коалиција Вреди, Халил Снопче изјави дека е формирана работна група која очекува наскоро да му предложи на Собранието нов Закон за игри на среќа, кој ќе содржи одредби со кои сигурно ќе се намали бројот на постоечки физички објекти минимум на половина.

„Во рамки на владејачката коалиција има волја овој план да се спроведе во целост“, рече Снопче.

АСОМ: Не отстапуваме од закон по европски терк

Во работната група за законски измени бараат да учествуваат и од Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ), кој претставува повеќе од 95 проценти од лиценцираните оператори на игри на среќа во обложувалниците.

Претседателот на АСОМ, Васко Илиевски за РСЕ вели дека нов закон за игри на среќа не смее да биде носен на сила.

„Без соодветна анализа на последиците од кое било законско решение во нашиот сектор докажано резултира со погрешни законски решенија. Примерите од земји од соседството покажуваат дека секаде по носењето на рестриктивни закони, се случи отворање на диви објекти, одлив на огромна сума на пари во буџетот и загубени работни места“, вели Илиевски.

Видете и ова: Обложувалниците не се селат подалеку од школите

Во март 2024 година, обложувалниците и казината се „спасија“ од нивно физичко дислоцирање од основните и средните училишта. Тогаш пропадна вториот обид да се донесе Законот за игри на среќа. Пратениците на 7 февруари го изгласаа, но тогашниот претседател Стево Пендаровски не го потпиша указот, по што беше вратен во собраниска процедура. На 13 март на повторното гласање законот не доби поддршка од 61 пратеник, со што не беше усвоен.

Ќе има ли исход за тендерите и закупот на Државна лотарија?

Законот за игри на среќа и трите новоформирани компании не е единствениот случај за кого ќе се бара одговорност од раководството на Државната лотарија.

За сомнежите за незаконско работење на акционерското друштво кое ги отвори Радио Слободна Европа преку серија истражувања, постапки отворија Финансиската полиција и Државната комисија за спречување на корупцијата.

Истражувањата на РСЕ открија дека тендерите во Државна лотарија ги добиваат семејно поврзани компании со тетовската „Арбериа Дизајн“ и скопската „Арс Ламина“.

Видете и ова: Деветнаесетгодишен кумановец ќе набавува апарати за коцкање за Државна лотарија

РСЕ откри дека и Државната лотарија закупи деловен простор за сума од 2,6 милиони евра на лицето Армин Машовиќ кое се поврзуваше со семејството на лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Вработениот во Министерство за политички систем на Артан Груби од ДУИ, Шабан Амзовски паралелно членуваше во Управниот обор на Државна лотарија, а воедно беше и сопственик на сајтот на фирмата „Хеј ДООЕЛ“ која го изнајмува просторот.

Набрзо, сопственоста премина во рацете на Асмир Јахоски, газдата на „Пуцко Петрол“ и син на поранешниот градоначалник на општина Пласница и актуелен пратеник од редовите на ДУИ, Исмаил Јахоски.

И по речиси 10 месеци од објавените истражувања на РСЕ, од Финансиската полиција не откриваат кои се наодите од постапката на нивните инспектори откако влегоа во Државната лотарија и „Хеј ДООЕЛ“ и ја преземаа документацијата за склучениот договор за закуп од речиси 22.000 евра месечно. Од таму за РСЕ велат дека поднеле „соодветен поднесок“ до Обвинителството, без да прецизираат за што се работи.

За разлика од Финансиската полиција, од Државната комисија за спречување на корупцијата ги испитува и склучените договори преку јавни набавки. Предметот беше отворено во ноември 2023 г. Од таму најавуваат наскоро дека ќе излезат соодлука и за тендерите и за закупот од 2,6 милиони евра.

„Од страна на Државната комисија за спречување на корупцијата се преземаат дејствија во насока на утврдување на фактичката состојба во конкретниот предмет. По утврдување на фактичката состојба во конкретниот случај, ќе биде донесена одлука на јавна седница, која ќе биде објавена на веб-страницата на ДКСК“, велат од Антикорупциска.

Во изборната програма ВМРО-ДПМНЕ најави дека од позиција на власт ќе направи ревизија на финансиското работење на повеќе институции за кои во јавноста е отворен сомнеж за криминал и незаконско работење. Меѓу нив е и Државната лотарија.