Додека Скопје денеска повторно дише на шкрги под тежината на високо загадениот воздух, властите со ентузијазам најавија нова мерка што, според нив, ќе донесе „зелена иднина“ во главниот град.
Проектот за споделување на електрични автомобили кој го најавија министрите за животна средина и за енергетика, Изет Меџити и Сања Божиновска, рекоа дека ќе даде конкретен придонес против аерозагадувањето во градот Скопје - кој периодов секојдневно урива рекорди по високо загаден воздух.
„Станува збор за обезбедување почист воздух, намалување на сообраќајниот хаос и овозможува модерен, ефикасен и достапен транспорт за сите“, рече министерката Божиновска.
Проектот ќе го спроведува приватната компанија „Аванткар“ која веќе изнајмува вакви електрични автомобили во Словенија, Австрија и Хрватска, и со неа двајцата министри потпишаа писмо за поддршка.
Видете и ова: Ограничување на увозот на стари возила бараат активистите, владата анализираПланот за Скопје е од февруари да стартува пилот проект во три општини: Аеродром, Чаир и Гази Баба со 100 електрични автомобили, кои ќе може да ги користат владини институции, компании и граѓани преку мобилна апликација која ќе биде како клуч. Плаќањето ќе биде по минута и поминат километар, а за електричните автомобили ќе има посебни паркинг места достапни само за нив.
„Преку оваа мобилна апликација пронаоѓате достапно возило, го резервирате, го отклучувате, го возите и кога ќе завршите со патувањето го оставате возилото на утврдено паркинг место и го заклучувате. Плаќањето се врши директно преку картичка или друг дигитализиран начин на плаќање“, рече Матеј Чер од компанијата „Аванткар“.
Тој додаде дека трошокот за заедничко користење на услугата ќе биде пониско од возење со такси. Едно патување во просек да чини од 3 до 6 евра, додека возење од центарот на Скопје до меѓународниот аеродром би чинело од 10 до 15 евра.
Проектот ќе стартува откако претходно ќе биде направена подготовката на инфраструктурата, со паркинг места и полначи за кои беше речено дека ќе користат зелена енергија. Целата инвестиција до 2030 година, би чинела околу 30 милиони евра, рече Чер.
Видете и ова: За да дишеме чист воздух во зима, инвестиции треба уште во летоНема побрз транспорт со повеќе автомобили
Но, за еколошките граѓански организации мерката е „далеку од доволна“ и дека е чекор во погрешен правец, бидјеќи тоа се уште повеќе автомобили во градот кои ќе пречат во веќе ограничен простор, како што велат од граѓанската организација ГоГрин.
За решавање на проблемот во сообраќајот и загадувањето што доаѓа од него, велат од ГоГрин, властите треба да инвестираат во јавниот превоз, во велосипедскиот транспорт и во пешачењето.
„Нови автомобили во сообраќајот нема да донесат подобар и побрз сообраќај, ќе донесе повеќе коли, повеќе заглавени во сообраќајот, побавен јавен превоз и аерозагадувањето или ќе остане на исто или може да има само маргинални разлики“, вели Дарко Арсовски Петровски од „ГоГрин“.
Властите денеска го предложија ова ново решение во борбата против аерозагадувањето, додека граѓаните и активистите укажуваат на податоците дека од 3.828 до 5000 луѓе во државава ги губат своите животи како директна последица на изложеноста на штетните честички PM2.5.
Тие повќе пати ги истакнаа овие податоци на протестот на 10 декември пред Владата и пред Министерството за животна средина и просторно планирање во Скопје.
Меџити денеска рече дека проектот директно ќе придонесе против аерозагадувањето со можност за поекономичен транспорт на приватна иницијатива, со јавна поддршка.
„Потпишувањето на писмото за намери за поддршка на електричниот-кар шеринг систем, претставува конкретна и видлива акција за решавање на еден од најгорливите предизвици со кои се соочуваме - загадениот воздух. Ова е можност за поздраво и поеколошко Скопје“, рече Меџити.
Видете и ова: Градовите загушени во отпад - решенијата стојат на хартијаМногу жртви, малку мерки
Но колку е ова доволно во период кога Скопје на социјалните мрежи е споредуван како „гасна комора на отворено“, со екстремно високо загадување ризично за здравјето на граѓаните.
Слична е ситуацијата скоро во сите градови: Струмица, Тетово, Битола, Велес, Гевгелија, со висок надминати дозволените граници за загадување пропишани од Светската здравствена организација.
Причините за загадувањето се повеќеслојни: загадува транспортот и старите возила, но и употребата на неквалитетни горива за греење, индустриските емисии, недоволниот број на зелени површини. Дополнителен проблем е слабата примена на законите за заштита на животната средина.
Ефикасни мерки со години нема, иако здравствените последици од овој проблем се сериозни. Лекарите предупредуваат на пораст на карциноми, респираторни и кардиоваскуларните заболувања кај населението, особено кај децата и постарите лица.
Иако владата најави мерки, како субвенции за енергетски ефикасни домови и почиста енергија со претставувањето на Планската програма за почист воздух 2024-2030, граѓанските организации бараат поагресивен пристап за решавање на проблемот.
Граѓаните на Скопје и Тетово се изложени на значително повисоки нивоа на токсични честички (PM2.5), во споредба со лица од Западна Европа, како што неодамна рече директорот на Светска банка за Косово и Северна Македонија, Масимилијано Паолучи кој посочи и дека загадениот воздух во земјава годишно убива околу 2.800 жители.
Видете и ова: Меџити со нова програма за почист воздух: вложувања во енергетика и транспортГраѓанските организации апелираат на итна акција. О2 Иницијатива предложи низа конкретни мерки за намалување на аерозагадувањето во Скопје, со цел да се заштити здравјето на граѓаните и да се усогласат вредностите со новите стандарди на ЕУ за квалитет на воздух. Според нив клучните предлози се:
- Забрана на загадувачки енергенси: Постепено укинување на користењето на нафта, мазут, јаглен и слични горива за греење и индустриска употреба, со временски рокови за домаќинствата (2026–2028) и индустријата (2030).
- Филтри за дрва: Поставување филтри за субјектите што ќе продолжат да користат дрва за греење, со субвенции за најранливите категории.
- Контрола на сообраќајот: Ограничување на сообраќајот на возила со пониска еколошка категорија во зимскиот период и денови со висока загаденост (од 2026 година).
- Индустриска модернизација: Забрана за употреба на мазут и други загадувачки горива во индустриски погони, каде што е возможно користење на гас или електрична енергија од обновливи извори.
- Надзор и казни: Инсталирање камери за мониторинг на палење отпад и брза реакција од страна на службите.
- Компостирање на отпад: Бесплатно собирање и компостирање на органскиот отпад за да се спречи палењето стрништа, со компост како награда за граѓаните.
- Мониторинг на градежна прашина: Задолжителен мониторинг на прашината околу градилиштата како обврска за градежните компании.
Со овие мерки се опфаќаат сите главни извори на загадување (греење, сообраќај, индустрија и отпад) и се поставуваат јасни рокови за имплементација. О2 Иницијатива повикува на итно носење на одлуки во интерес на здравјето на граѓаните, особено децата.
Видете и ова: Кризи на Балканот опасни по животМеџити минатата недела ја презентираше Планската програма за почист воздух 2024-2030, која рече дека вклучува проекти во енергетиката, каде се вклучени мерки за намалување на емисиите од домашни ложишта, инсталација на високо ефикасни котли и топлински пумпи, развивање на системи за греење без емисии.
Потоа во проектите за транспорт се вклучени набавка на 120 електрични автобуси, воведување на мерка „кар шеринг“ за намалување на бројот на возила на улиците, проект „Такси без директни емисии“... Во шумарството и земјоделство: Зголемување на зеленилото и спречување на шумските пожари, кампањи против палење стрништа и недозволени горива. А во локалната самоуправа, меѓу другото, се наведени контрола на емисиите од домаќинствата, формирање на комунална редарска служба – комунална полиција.
Но од „О2 Иницијатива“ велат дека властите немаат јасни и прецизни мерки и конкретни буџетски средства за истите и дека со тоа повторно се губи уште една година во низата мерки без ефект за намалување на аерозагадувањето.