Вучиќ прогласи победа, но неизвесно е кој ќе биде власт во Белград

Српскиот претседател Александар Вучиќ прогласи победа на изборите на 17 декември 2023 г.

Владејачката партија од чии редови е претседателот Вучиќ прогласи победа, а опозициските партии, пак, реагираа на нерегуларности. Додека е извесно кој ќе биде власт на централно ниво, она што останува отворено прашање е дали партијата на Вучиќ ќе успее да го сочува Белград или тој ќе падне во рацете на опозицијата.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, објави дека листата „Србија не смее да запре“ на неговата партија Српска напредна странка (СНС) победила на парламентарните избори и освоила апсолутно мнозинство во идниот парламентарен состав.

Тој прогласи победа и на покраинските избори во Војводина, а рече дека освоиле најмногу гласови и на локалните избори за Белград, но не се знае кој ќе ја има власта во главниот град. Сепак, потенцираше дека верува оти кандидатот на СНС, Александар Шапиќ ќе биде повторно градоначалник.

Во последното обраќање од опозициската коалиција Србија против насилството, пак, обвинија за изборна кражба и рекоа дека тоа што се случувало денеска не може да го прифатат како резултати на демократски избори. За победа на СНС во Белград, рекоа, не станува ни збор.

Видете и ова: Изборите во Србија како референдум за владеењето на Вучиќ

Вучиќ: Ќе имаме апсолутно мнозинство во парламентот

Српскиот претседател рече дека неговата партија ќе има „секако повеќе од 127 мандати“.

„Тоа што е резултат на изборите, листата Србија не смее да запре ќе има апсолутно мнозинство“, рече Вучиќ.

Српскиот претседател Александар Вучиќ на гласање

На основа на 76 отсто обработени гласови, тој во обраќањето посочи дека опозициската коалиција Србија против насилството има 23,5 отсто. Неговиот досегашен коалициски партнер, Ивица Дачиќ со Социјалистичката партија, посочи Вучиќ, има 6,5 отсто. Коалицијата Надеж 4,9 отсто, додека листата „Доктор Бранимир Несторовиќ – Ние – глас од народот“ 4,9 отсто.

Ова се партиите, кои според проекциите на владејачката СНС го поминале цензусот од три отсто и ќе бидат застапени во парламентот.

Од листите на малцинствата, пак, според податоците на владејачката партија, најбројни ќе бидат од Сојузот на војводинските Унгарци кои освоиле 1,9 отсто и ќе имаат шест пратеници.

Видете и ова: Србите од Косово организирано одат на гласање

Вучиќ, исто така, прогласи победа и на покраинските избори во Војводина. Тој претстави резултати според кои неговата СНС од 120 пратенички места во покраината, ќе има помеѓу 67 и 69 мандати. Второпласирана е Србија против насилството со, според него, 28 или 29 пратеници.

„Ова значи повеќе од двојно помалку и гласови и пратеници“, рече Вучиќ.

Партијата на војводинските Унгарци, пак, како што посочи, веројатно ќе има девет мандати, Социјалистичката партија на Србија седум, а коалицијата Надеж шест. Руската партија во покраинскиот парламент, врз основа на проекциите на СНС; ќе има еден пратеник.

Вучиќ сигурен дека неговиот кандидат ќе биде градоначалник на Белград, но…

Српскиот претседател рече дека листата на СНС победува и на локалните избори во Белград со освоени 38,5 отсто. Опозициската Србија против насилството има 35 отсто, а на шест отсто е коалицијата Надеж. Социјалистичката партија, пак, освоила 5,4, а листата на докторот Несторовиќ 5,1.

Тој вели дека со оглед на ваквите резултати не се знае кој ќе ја има власта, но сепак, верува оти кандидатот на неговата партија, досегашниот градоначалник Александар Шапиќ, ќе остане на чело на Белград.

„Сигурен сум дека градоначалник ќе биде Александар Шапиќ, но очигледно во овој момент Белград зависи од два фактори“, рече Вучиќ.

Првиот, посочи, со кого листата на Несторовиќ ќе сака да формира мнозинство бидејќи според овие резултати има шест мандати во градското собрание. Вториот, пак, е листата на коалицијата на Двери и Заветници која со 2,8 отсто е блиску до цензусот од три отсто.

„Се уште постои шанса и тие да го поминат цензусот“, рече српскиот претседател.

Србија против насилството: Невидено изборно насилство

Коалицијата Србија против насилството обвини за изборна кражба

Од опозициската коалиција Србија против насилството, пак, рекоа дека „нема збор оти СНС победила во Белград и покрај изборната кражба и носењето луѓе од страна“.

Мирослав Алексиќ, кој е еден од лидерите на коалицијата, наведе дека според информациите на нивниот опозициски блок „издадени се 40 000 лични карти на лица за да дојдат да гласаат со белграѓани“.

„Носени се луѓе кои не се од Белград за да гласаат во Белград“, додаде тој.

Тој рече дека нивната коалиција не може да го прифати тоа и дека со сите средства ќе се борат против изборната кражба.

„Ние денеска присуствувавме на едно невидено изборно насилство. Ова што се случи денеска ширум Србија, не може да биде нешто што можеме да го прифати како резултат на демократски и фер избори“, рече Алексиќ.

Тој посочи дека сè уште на голем број избирачки места, пред сè во Белград, гласовите се бројат.

Видете и ова: Американскиот амбасадор во обиколка на гласачки места во Србија

Според нивните податоци од 29,17 отсто избирачки места, СНС освоиле 43,2 отсто. Србија против насилството 28,2 отсто, потоа е Социјалистичката партија со 6,7 отсто, коалицијата Надеж со 5,5 и листата на Несторовиќ со 4,8 отсто.

Какви се реакциите од другите партии?

Лидерот на Социјалистичката партија и актуелен министер за надворешни работи Ивица Дачиќ им честиташе на Вучиќ и СНС за изборниот резултат, а тој и социјалистите, рече, не се задоволни од сопствениот резултат.

Наведе дека треба да се анализира што е причината за тоа.

„Потребно е да се најде нов лидер на Социјалистичката партија, тоа е мое мислење“, рече Дачиќ додавајќи дека да не се неговите другари од партијата уште денес би донел некои одлуки.

Право на глас имаа 6 500 666 запишани избирачи.

Докторот Несторовиќ, кој од Вучиќ беше посочен како еден од факторите што ќе одлучи за власта во Белград, во обраќањето порача дека нема да одат во коалиција ниту со власта ниту со Србија против насилството.

„Нам не ни се допаѓа ниту една ниту другата опција“, рече Несторовиќ.

Лидерот на десничарската коалиција Надеж, Милош Јовановиќ, изјави дека коалицијата остварила ист резултат како и лани и оцени дека тоа е голем успех и „извонреден резултат“.

Десничарската коалиција Национално обединување на Двери и Заветници, пак, која според проекциите не го поминала цензусот, тврди дека тоа не е точно и оти ќе бидат дел од парламентот. Претседателката на Заветници, Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски изјави дека коалицијата освоила 3,8 отсто гласови на оние избирачки места каде се обработени гласовите.

„Без разлика на резултатот, ние ќе останеме доследни на нашата политика“, рече таа.

Лидерот на Двери, Бошко Обрадовиќ, пак, рече дека Србија не е зрела за Национално обидување.

„Србија е заложник на поранешните политики, поранешните режими кои постојано се рециклираат на избори. Ние направивме Национално обединување предвреме“, рече Обрадовиќ.

Првични проекции за распределбата на мандати во парламентот

Изборен ден во Србија

Објавени се и првичните проекции според податоците на Ипсос/Цесид врз основа на примерок од 65,1 отсто гласови. Според проекциите на Радио-телевизија Србија, листата на СНС – „Александар Вучиќ – Србија не смее да запре“ освоила 46,6 отсто гласови односно 129 од вкупно 250 мандати.

Опозициската „Србија против насилство“ со 23 отсто гласови би имала 65 мандати.

СПС на Дачиќ, пак, освоила 6,9 отсто или 19 пратенички места.

Коалицијата Надеж 4,9 отсто или 13 мандати.

Цензусот од три отсто, според овие проекции, го поминала и листата „Доктор Бранимир Несторовиќ – Ние – глас од народот“ со 4,8 отсто освоени гласови или 13 пратенички мандати.

Од листите на малцинствата, пак, се очекува Сојузот на војводинските Унгарци да има шест пратеници, коалицијата Партија на правдата и промената и Демократскиот сојуз на Хрватите во Војводина три мандати, СДА на Сулејман Угљанин два мандати и по еден пратеник би имале листата на Шаим Камбери и Руската партија.

Организирано носење гласачи од Република Српска

Во однос на изборниот ден, она што најмногу го привлече вниманието на медиумите кога се во прашање потенцијални нерегуларности, е што беа забележани автобуси од Република Српска, Босна и Херцеговина, кои превезуваат гласачи до пред Штарк арената во Белград, кој е клучен за денешните избори.

Претседателот на Републичката изборна комисија (РИК), Владимир Дамјановиќ, се прогласи за ненадлежен бидејќи таму немало избирачки места.

Двајца членови на РИК, пак, кои се претставници на опозицијата се упатија кон Штарк арената, но на влезот ги запре приватно обезбедување со објаснување дека тоа е „приватно сопствеништво“ и оти во арената „се снима филм“.

Автобуси од Република Српска носеа гласачи во Белград

Радио Слободна Европа (РСЕ) и телевизијата Н1 снимаа автобуси кои доаѓаат од Република Српска. Некои од лицата, не знаејќи дека разговараат со новинарка на Н1, рекоа дека дошле да гласаат. На прашање зошто граѓанската должност не ја извршуваат во своето живеалиште, не знаеја да одговорат.

Премиерката Ана Брнабиќ, претходно за овој случај се огласи на платформата Икс (поранешен Твитер) прашувајќи што е незаконски.

„Што е овде незаконски – луѓе наши државјани, запишани во Избирачкиот список, доаѓаат организирано, гласаат на местата каде опозицијата има 80 отсто контрола, плус 5 600 меѓународни набљудувачи“, рече Брнабиќ.

Од опозициската коалиција Србија против насилството, пак, Штарк арената денеска ја нарекоа „собирен центар на фантомските гласачи“.

Гласањето во Србија денеска се одвиваше на вкупно 8 273 избирачки места, а своето право на глас на парламентарните избори можеа да го остварат 6 500 666 запишани избирачи. Во Белград бројот на гласачи изнесуваше 1 613 190.

Граѓаните на Србија на вонредните парламентарни избори бираа 250 пратеници за српскиот парламент.

На парламентарните избори учествуваа 18 изборни листи, 13 покраински, а на локалните во Белград свои претставници кандидираа 14 листи.