На првиот ден од учебната година, околу 300 француски ученички носеа абаja, долга наметка што обично ја носат некои муслимански девојчиња, наспроти најавата на владата за нивната забрана, која подоцна беше потврдена од Врховниот суд на Франција.
Одлуката на владата доаѓа речиси 20 години по забраната за носење шамии во државните училишта, додека прашањето за тоа што им е дозволено да носат на муслиманските ученици продолжува да предизвикува дебата за секуларните закони во земјата и третманот на муслиманските малцинства, пишуваат светските медиуми.
Одбиена тужба
На 7 септември, Врховниот административен суд на Франција ја потврди владината забрана за девојчињата да носат абаја во државните училишта, отфрлајќи ги обвинувањата дека тоа е дискриминаторски и може да поттикне омраза, пишува весникот Гардијан.
Владата, забележува весникот, објави непосредно пред повторното отворање на училиштата дека абајата, односно долгиот лелеав фустан што го носат некои муслиманки, повеќе нема да биде дозволен бидејќи го нарушува францускиот принцип на секуларизам.
Здружението кое ги застапува муслиманите - Акција за правата на муслиманите - поднесе итна жалба до Државниот совет, највисокиот суд во Франција против државните власти, барајќи да се укине забраната, која тие велат дека е дискриминаторска и може да поттикне омраза кон муслиманите, како и расно профилирање.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Здружението тврдеше дека забраната е во спротивност со правата на децата бидејќи „првенствено ги таргетира децата за кои се претпоставува дека се муслимани, создавајќи ризик од етничко профилирање на училиште“.
Исто така, беше истакнато дека абајата треба да се смета за традиционална облека, а не за религиозна и дека владата се обидува да ја искористи забраната за политички цели.
Претседателот на здружението, Сихем Зин рече дека правилото е „сексистичко“ бидејќи ги издвојува девојките и ги таргетира оние од северноафриканско или африканско потекло.
Сепак, додава Гардијан, откако два дена го разгледуваше предлогот, Државниот совет ги отфрли аргументите на критичарите, заклучувајќи дека носењето абаја „ја следи логиката на религиозна афирмација“.
Беше наведено дека одлуката е заснована на францускиот закон кој не дозволува никому да носи видливи знаци на каква било верска припадност во училиштата.
Забраната на владата за носење абаја, силно поддржана од претседателот Емануел Макрон предизвика политички спор околу правилата за секуларизмот во Франција и дали тие го дискриминираат муслиманското малцинство во земјата.
Француската Република, додава Гардијан, е изградена на строга поделба на црквата и државата, со намера да се поттикне еднаквоста за сите приватни верувања. Но, во текот на изминатите 20 години, државните училишта, каде што нема униформи и каде децата можат да се облекуваат како што сакаат, се повеќе стануваат фокус на расправите за секуларизмот.
Во 2004 година, законот забрани носење наводни верски симболи во училиштата, вклучувајќи исламска марама, еврејски шамии, турбани на Сиките и христијански крстови.
Пркос на ученичките
На првиот ден од учебната година, француските училишта испратија десетици девојчиња дома затоа што одбија да се пресоблечат од абаи, истакнува француската радио станица RFI (Radio France Internatiobnale), посочувајќи дека прашањето за тоа, што им е дозволено на учениците муслимани да носат во училиште, продолжува да предизвикува дебата во Франција, каде повторното воведување на униформи ќе се тестира наесен.
„Од 12 милиони француски ученици кои се вратија на училиште на 4 септември, речиси 300 ученички и пркоселе на забраната за носење абаја“, рече министерот за образование Габриел Атал, истакнувајќи дека повеќето се согласиле да се сменат, но дека 67 одбиле и затоа биле испратени дома.
Атал рече дека облеката ги нарушува строгите француски секуларни правила кои се применуваат во училиштата од 2004 година, кога шамиите беа забранети. Ученичките кои беа испратени дома во понеделникот добија писмо наменето за нивните семејства „да објаснат дека тоа не е ограничување, туку слобода“, рече Атал.
Макрон ја бранеше контроверзната мерка минатата недела и рече дека има „малцинство“ во Франција кое „ја киднапира религијата и ја предизвикува Републиката и секуларизмот“, што доведе до „најлоши последици“, како што е убиството на учителот Самуел Пати пред три години.
Во меѓувреме, Атал рече дека е за испробување на училишни униформи или кодови за облекување, за да се реши проблемот со тоа што учениците смеат, а што не смеат да носат на училиште. Униформите беа задолжителни во училиштата до 1968 година, а прашањата за нивно повторно воведување редовно се отвораат, најчесто од конзервативни и екстремно десничарски политичари.
Зголемување на бројот на инциденти
Француската влада тврди дека одлуката, потврдена од Врховниот суд, да им се забрани на децата да носат абаја во државните училишта е само ажурирање на постоечките правила што беа потребни за да се запре растечкиот број спорови во секуларниот училишен систем, пренесува Њујорк тајмс.
Според официјалните податоци на кои се повикува весникот, бројот на инциденти поврзани со секуларните правила во училиштата се зголемил за повеќе од трипати минатата учебна година во споредба со претходната година, од околу 600 на речиси 2 000, додека владата тврди дека многу од тие инциденти се поврзани со носење абаја.
Додека некои ученички тврдат дека носеле абаја во текот на претходната учебна година, инсистирајќи дека тоа е „нормално парче облека“, Врховниот суд во Франција забележа дека во повеќето случаи учениците кои биле соочени со училишните службеници поради носење абаја, рекле дека тоа го направиле пред се од верски причини, што значи дека јасно се применува законот од 2004 година.
Од оваа учебна година, покрај забраната за носење абаја, стапи на сила и забраната за слични, но поретко целосни наметки што ги носат момчињата. Сепак, посочува Њујорк Тајмс, иако огромното мнозинство студенти ја почитуваа забраната, некои се сомневаа во приоритетите на владата.
Видете и ова: Инциденти поради носење буркини и хиџаб во Црна ГораВо Стејнс, северно предградие на Париз, наставниците во локалното средно училиште одржаа протест минатата недела обвинувајќи ја владата дека поттикнува дебата за абајата наместо соодветно финансирање и реновирање на нивната институција.
Зачувување на секуларизмот
Многу француски муслиманки тврдат дека абајата е повеќе културна или традиционална отколку религиозна. Меѓутоа, прашањето за абаја е само ново обновување на дебатата во Франција која датира повеќе од 30 години наназад, истакнува Би-Би-Си и нагласува дека мнозинството Французи всушност ја поддржуваат одлуката на владата.
Абаја е наметка со долги и широки ракави, која жените обично ја носат над друга облека во делови од Блискиот Исток и Африка. Во последно време таа стана модна икона, достапна во различни бои, нијанси и стилови.
Меѓутоа, во Франција, гледиштето на владата е дека абаите што се појавуваат во поголем број во училиштата не се само случајни приказни за тинејџери кои повторно откриваат интерес за нивното културно наследство. Таа ги гледа, нагласува Би-Би-Си, како намерни обиди, организирани во различен степен, да се предизвика системот и да се види до каде може да се турнат секуларните правила во државата.
Законот од 2004 година ги забрани „впечатливите“ знаци на вера и тоа јасно ги вклучуваше исламските шамии, кои сега исчезнаа од француските училишта. Директорите на училиштата побараа владини насоки за абајата, бидејќи можеа да видат како таа станува тренд, поттикнат од инфлуенсерите на социјалните мрежи и според некои, религиозните групи поврзани со муслиманското братство.
За многу француски муслимани новото правило е навреда бидејќи веруваат дека нивната религија секогаш се издвојува кога станува збор за забраните.
Лина, 21-годишна парижанка, абајата ја поврзува со културата и тврди дека нема никаква врска со исламот:
„Секоја година Франција донесува нов закон кога станува збор за муслиманите“, вели таа.
Ваквите ставови имаат поддршка од мал, но важен дел од политичкиот спектар: радикалната левица, истакнува Би-Би-Си, додавајќи дека партијата на Жан-Лук Меланшон остро ја осуди забраната, обвинувајќи ја владата дека е „опседната“ со муслиманите и ја поддржува десницата.
Сепак, посочува британскиот јавен сервис, остатокот од политичкиот естаблишмент, како одраз на широката јавна поддршка, е усогласен со владата. Точно е дека мнозинството Французи, а тоа секако вклучува и многу муслимани, искрено веруваат во принципот на отсуство на религија во училиштата.
Тие се согласуваат со тврдењата на Макрон дека на студентите не треба да им се признава верската припадност, како и дека строгата определба по ова прашање всушност обезбедува индивидуална слобода на долг рок и спречува обединета Франција да се подели на безброј „заедници“.
Кога феминистките велат дека абајата можеби технички не е религиозна облека, но дека е форма на прикривање на телото утврдена од традиционалистичкиот ислам, повеќето луѓе во Франција се согласуваат, истакнува Би-Би-Си, додавајќи дека една недела по воведувањето на забраната, нивото на отпорот за одлуката на Врховниот суд е всушност низок.