Додека во Европската унија (ЕУ) растат тензиите околу прашањето за нерегуларната миграција, во Германија на 16 септември стапи на сила владината одлука за воведување гранични контроли.
Засилените контроли на сите девет копнени граници на Германија се обид на Берлин да ја ограничи имиграцијата преку спречување на луѓето, особено на барателите на азил кои веќе преминале во други земји на ЕУ, да влезат во Германија.
Од една страна, потегот го пофали екстремната десница, додека новите мерки на германската влада се неприфатливи за некои европски функционери бидејќи Германија може да го загрози целиот шенген систем, пишуваат светските медиуми.
Одлука по победата на десното крило
Привременото проширување на граничните контроли на сите девет копнени граници на Германија стапи на сила во понеделникот, 16 септември, како дел од засилените напори на владата за справување со нерегуларната миграција и шверцот на луѓе, пишува Блумберг.
Германија веќе имаше контрола на нејзините источни граници со Полска и Чешка, и на јужните граници со Швајцарија и Австрија.
Тие сега се продолжуваат на шест месеци за да ја вклучат Данска на север и Холандија, Белгија, Франција и Луксембург на запад, со што практично се отстранува гаранцијата за слободно движење во рамките на Европската Унија утврдена во одредбите на Шенген.
Видете и ова: Германија воведe проверки на сите граници за да се ограничи миграцијатаАнкетите покажуваат дека фрустрацијата од владината политика за миграција и азил е клучна причина зошто партиите на крајната десница и левицата поминаа добро на двата регионални избори во источна Германија на 1 септември.
Подемот на екстремно десничарската Алтернатива за Германија (AfD) и новата екстремно левичарска партија, Алијансата Сахра Вагенкнехт, во последниве месеци го поттикнаа канцеларот Олаф Шолц и претставниците во неговата влада, како и членовите на главните опозициски конзервативци, да ја заострат својата реторика.
Шолц, според извештаите на Блумберг од локалните медиуми, ги оправда новите гранични контроли сугерирајќи дека другите земји од ЕУ не ги исполнуваат своите обврски.
„За жал, не можеме целосно да се потпреме на тоа дека сите наши соседи ја прават вистинската работа, тоа е дел од вистината“, рече Шолц во саботата на состанокот со граѓаните во Бранденбург.
„Суспензија“ на Шенген?
Соседите на Германија луто реагираа на новите гранични контроли, истакнува Фајненшл тајмс, истакнувајќи дека полскиот премиер Доналд Туск го откажал планираното патување во Германија на 13 септември и повикал на „итни консултации“ со другите европски земји за да се обиде да го натера Берлин да ги повлече новите ограничувања.
Туск ја прогласи германската најава за „неприфатлива“, велејќи дека таа претставува „де факто суспензија на Шенгенскиот договор во големи размери“.
Иако привремените гранични проверки се дозволени според одредбите на Шенгенскиот договор, кој гарантира слободно движење во Европа, многумина ги сметаат за штетни поради нарушувањето што го предизвикуваат и поради фактот што во пракса ретко се краткотрајни.
Одговарајќи на германските мерки, портпаролот на Европската Комисија рече дека „контролите мора да бидат неопходни и пропорционални“.
Според Фајненшл тајмс, Германија останува претпочитана дестинација за многумина кои бараат азил, дури и ако тоа не е нивната прва земја за влез во ЕУ, поради согледаните поголеми економски можности и подарежливи државни придобивки отколку во другите европски земји.
Германското Министерство за внатрешни работи соопшти дека нејзините постојни привремени гранични мерки веќе доведоа до тоа повеќе од 30.000 лица да бидат одбиени од октомври минатата година, под сомнение дека лажно поднеле барање за азил во Германија.
Портпаролот на министерството рече дека новите мерки ќе значат дека луѓето ќе бидат вратени „во уште поголем обем“.
Реакции на екстремната десница
Одлуката на германската коалициска влада да воведе гранични контроли беше донесена по серијата смртоносни напади со нож во кои осомничените беа баратели на азил и успехот на екстремно десничарската, антиимигрантска партија AfD на неодамнешните регионални избори, посочува Гардијан.
Ненси Фезер, министерката за внатрешни работи на земјата, рече дека граничните проверки ќе ја спречат миграцијата и ќе „заштитат од акутните опасности од исламистичкиот тероризам и сериозниот криминал“, но критичарите го осудија тоа како политички мотивирано, нагласувајќи дека одлуката најверојатно ќе биде неефикасна.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Од друга страна, додава Гардијан, лидерите на екстремната десница биле воодушевени од одговорот на владата.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони од екстремно десничарската партија Браќа на Италија ја пофали одлуката на Берлин, додека Герт Вилдерс од Холандската Партија на слободата (ПВВ) рече дека одлуката на Берлин е „одлична идеја“ и праша кога Холандија ќе го следи примерот. Унгарскиот премиер Виктор Орбан на платформата X напиша: „Добредојдовте во клубот“.
Марин Ле Пен од Националниот собир на Франција рече дека нејзината партија предложила „систем на двојни граници - надворешни и внатрешни“ на неодамнешните избори и и било кажано дека тоа не е можно.
„Сега Германија го прави тоа“, рече таа. „Кога Франција ќе почне да го следи примерот?
Од друга страна, критичарите сметаат дека со овој потег Германија е на опасен пат и дека планот на владата ризикува да го прекрши правото на ЕУ.
„Не е ни чудо што Виктор Орбан и Герт Вилдерс навиваат. Олаф Шолц им помага да ја преобликуваат ЕУ што ја сакаат“, напиша Морис Стиерл, истражувач за миграција и граници од германскиот универзитет во Оснабрик, во колумната „Став“ (Opinion) за весникот Гардијан.
Германската влада, според неговата оценка, го отвора патот за сериозни прекршувања на човековите права и расното профилирање, истакнувајќи дека Германија има централна позиција и најголема економија во ЕУ, „што значи дека овој план, кој е во спротивност со еден од централните принципите на ЕУ, се заканува да го поткопа европскиот проект“.
Видете и ова: Успех на екстремната десница на европските избориВерувањето на германската влада дека може да се справи со миграцијата и да ја врати изборната поддршка преку зајакнување на граничните контроли е погрешно, рече Штиерл, нагласувајќи дека „миграцијата ќе продолжи во свет кој не успева да ги реши причините поради кои луѓето бегаат од нивните земји: војни и конфликти, политички прогон и угнетување, климатска катастрофа и неодржливи форми на експлоатација на ресурсите“.
Стотици исклучоци низ Шенген
Германија не е сама во проширувањето на граничните контроли во последниве години, истакнува Дојче веле (DW), додавајќи дека осум други членки на Шенген моментално ги проверуваат своите внатрешни граници.
Од 2006 година, имало вкупно 441 известување за контролни мерки во земјите од Шенген, а предводник е Франција. Од исламистичките терористички напади во 2015 и 2016 година, француската влада го задржа правото на трајна контрола на сите копнени граници.
Овие контроли беа продолжени неколку пати, со различни оправдувања како закана од тероризам, миграциски притисок, руска шпионажа или големи спортски настани.
Граничните контроли го достигнаа својот врв за време на пандемијата Ковид-19 пред четири години, кога речиси сите земји од Централна Европа се обидоа да го задржат ширењето на вирусот преку пасошка контрола и делумно затворање на границите.
Европската Унија може да издаде предупредување за такви гранични контроли, но никогаш не го сторила тоа. Наместо тоа, генерално се ограничува на нагласување дека граничните контроли треба да останат „последна опција“, како што неодамна изјави портпаролката на Европската комисија, Анита Хипер.
Дополнително, нагласува Дојче Веле, контролите треба да бидат привремени и да траат најмногу три години, во согласност со неодамна изменетиот Закон за шенгенските граници.