За да купите два вида антибиотици во аптеките во Приштина, Косово, потребни ви се околу седум евра и 60 центи. Освен пари, продавачите не бараат ништо друго, дури ни лекарски рецепт.
„Да, издаваме антибиотици и без рецепт... Зошто, нешто не е во ред?!“, изјави за Радио Слободна Европа (РСЕ), вработена во аптека во приштинската населба Дарданија.
Таа по професија е фармацевтски техничар, а не фармацевт, но сепак дава упатства како да се користи антибиотикот Амоксицилин.
Фармацевтот Шкумбин Јусуфи, член на Фармацевтската комора на Косово, оценува дека една од главните причини за овој проблем е недостигот на фармацевти, кои често се заменети со фармацевтски техничари во аптеките во Косово.
„Мислам дека тие ја прават најголемата злоупотреба, бидејќи не ги знаат добрите и лошите страни на антибиотиците. Тој (техничарот) не знае што издава. Кај нас, после 15 часот, 99 проценти од аптеките работат без фармацевти и без компетентни луѓе“, вели Јусуфи.
Разлика меѓу фармацевтите и фармацевтски техничари
Според Американскиот институт за медицински науки и образование, фармацевтот може да ги „советува пациентите за употребата на одредени лекови“, како и да обезбеди медицински совет за видот и дозата на лековите што треба да се користат.
Од друга страна, фармацевтските техничари можат да издаваат лекови само „под надзор на фармацевт“.
Во Косово на сила е закон и административно упатство со кои се забранува продажба на лекови без рецепт. Сепак, тие не се почитуваат.
Во административното упатство за рецепти во здравствениот систем на Косово пишува дека „фармацевтот има право да го издава само лекот што е на рецепт“ до три дена откако лекарот ќе му го препише антибиотикот на пациентот.
Опасноста од неправилна употреба на антибиотици
Микробиологот Луљ Рака од Универзитетот во Приштина забележува дека злоупотребата на антибиотици го става човештвото на ризик од појава и ширење на отпорност на антибиотици.
„Антибиотиците не смеат да се даваат без лекарски рецепт. Доколку има закони, тие мора да се спроведат. Мора да реагира и инспекторатот. Од друга страна, самите граѓани во Косово треба да знаат дека грешат ако купуваат антибиотици без консултација со лекар“, вели Рака.
Антимикробната отпорност, позната и како АМР, е способност на микроорганизмите да бидат отпорни на антимикробни лекови, како што се антибиотиците.
Според Светската здравствена организација, отпорноста на микробите на антимикробни агенси значи дека „лековите стануваат неефикасни и инфекцијата останува во телото, зголемувајќи го ризикот од ширење на други луѓе“.
Има малку податоци за употребата на антибиотици во Косово во последните години. Според истражувањето на професорот Рака, во 2019 година, околу 33 отсто од посетите на лекар завршиле со препишување антибиотици.
Во друга студија од 2019 година, објавена во Националната медицинска библиотека на САД, пишува дека околу 43 отсто од возрасните и 58 отсто од децата примиле најмалку еден антибиотик за време на нивниот престој во болниците во Косово. Според истражувачите, тоа покажува дека „употребата на антибиотици во косовските болници е многу висока“.
Според Европскиот центар за превенција и контрола на болести, повеќе од 35.000 луѓе годишно умираат во Европската унија, Исланд и Норвешка поради инфекции отпорни на антибиотици.
Од друга страна, Извештајот на ОН за животната средина за 2023 година предвидува дека до 2050 година до десет милиони смртни случаи ќе бидат предизвикани од микроби отпорни на микроби, што е еднакво на вкупниот број на смртни случаи од рак во светот.
Што предизвикува антимикробна отпорност?
Американскиот центар за превенција и контрола на болести предупредува дека антимикробната резистенција може да се појави секогаш кога се користат антибиотици.
Иако во Европа во последните години е намалена употребата на антибиотици, само половина од граѓаните на ЕУ знаат дека антибиотиците не се ефикасни во борбата против вирусите, додека 30 отсто од нив знаат дека антибиотиците се неефикасни доколку се користат непотребно.
Бесим Кодра, претседател на Здружението за правата на пациентите во Косово, вели дека неограничениот пристап до антибиотици го симболизира нивото на здравствениот систем во Косово.
„Ова горе-долу покажува недоверба во здравството, како и недостиг од државна контрола врз аптеките кои продаваат лекови без лекарски рецепт – особено антибиотици кои можат да му наштетат на пациентот“, вели Кодра.
Тој посочува дека Здружението што го предводи во повеќе наврати барало од инспекцијата и другите надлежни институции да преземат мерки против институциите кои продаваат лекови без лекарски рецепт.
„Обично се правдаат со немање инспектори. Тоа покажува и колку дрога се продава нелегално“, додава тој.
Над 930 контроли и 249 казни во текот на 2023 година
Од Фармацевтската инспекција, која работи во рамките на Министерството за здравство, наведуваат дека во текот на 2023 година извршиле 932 контроли, при што наишле на неправилности и презеле казнени мерки.
„Поради овие воочени неправилности, изречени се 249 казни поради недозволени производи, немање одговорен фармацевт или замена, за издавање производи без лекарски рецепт (меѓу нив и антибиотици), како и за други неправилности“, се наведува во одговорот до РСЕ.
Според Законот за здравство и Законот за лекови, казната за продажба на лекови без рецепт е 1.000 евра.
Дека во повеќето аптеки во Косово антибиотиците се издаваат без лекарски рецепт потврдува и шефот на одделот за семејна медицина во Главниот центар за семејна медицина во Приштина, Валдет Хашани.
Според него, тоа се случува и поради тоа што нема електронски рецепти и поради тоа што е неисправен здравствениот информативен систем.
Иако се свесни за последиците од несоодветната употреба на антибиотици, Хасани вели дека лекарите во Косово се принудени да им препишуваат антибиотици на пациентите.
Тој додава дека пациентите често доаѓаат со барање да им се дадат антибиотици кои ги користеле членовите на нивното семејство или соседите и дека често се случува да не го знаат ни името на тие лекови, туку само да кажат „дај ми ги тие капсули што се црвено-црни“.