Додека Предлог-буџетот за 2024 година влегува во собраниска процедура и собраниската Комисија за финансирање и буџет ќе го разгледува најверојатно на 4 декември, иако седницата не е уште закажана, пензионерите и вработените во јавниот сектор излегуваат на протести и покрај тоа што властите ветија зголемени плати и пензии.
Најголемиот дел од луѓето кои протестираат со месеци имаат плата на ниво на минималната, велат синдикатите.
Пензии покачени на ниво на минималната плата, минималната плата зголемена на 22.500 и зголемени плати за работниците во целиот јавен сектор најавија премиерот Димитар Ковачевски и министерот за финансии Фатмир Бесими кога Владата го усвои Буџетот за следната година.
Но, синдикатите велат дека во Буџетот за 2024 година не гледаат дека се предвидени пари за зголемени плати и пензии.
Видете и ова: Незадоволството експлодира на улица – власта „купува“ времеОткако Владата го усвои Буџетот за 2024 година на 14 ноември, Бесими рече дека во него се проектирани средства за повисоки плати на вработените во јавната администрација и повисоки пензии согласно утврдено системско решение.
„За она што е предвидено со потпишаниот општ колективен договор, со кој од септември оваа година платите на сите вработени во јавниот сектор се зголемени за 10 проценти, обезбедени се средства во Предлог-буџетот за 2024 година“, рече Бесими.
Синдикатот на УПОЗ - не гледаме зголемени плати во Буџетот
Од Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), го тврдат спротивното.
Покачувањето од 10 проценти за кое зборува Бесими е обврска од 2023 година и според Синдикатот на УПОЗ платите што сега ги имаат работниците ќе останат исти и во 2024 година и нема да се зголемат за дополнителни 10 отсто.
„Јас не гледам дека некаде има зголемување на плата, гледам дека има кратење на плати во Буџетот за 2024 година. Има институции каде дури е намален буџетот за плати, а во некои други институции гледаме дека дури и ќе фалат пари за да бидат исплатени плати до крајот на годината. За нас овој Буџет не е ниту развоен, ниту одржлив“, вели за РСЕ Трпе Деаноски од Синдикатот на УПОЗ.
Ако се погледнат платите во Буџетот за 2024 година на вработените во институциите кои протестираат, на пример, кај Народниот правобранител - таму годинава имало 93 вработени и расходите по вработен се 978.000 денари.
За следната година во Народниот правобранител треба да има плус шест вработени, односно 99 и расходите по вработен да бидат 1.013.000 денари, што покажува дека не остануваат пари за покачувањето на платите кое што ги бараат.
Во овој буџет се пресметани платите на сите – и на раководството кое зема највисоки плати и на оние вработени кои земаат минималец.
Во Фондот за здравство годинава имало 786 вработени, а расходите им се 761.000 денари. Догодина бројката на вработени останува иста, а расходите ќе изнесуваат 779.000.
Некои од платите не стигнуваат ниту за храна
Протесира администрација во судовите и обвинителствата, вработените во Фондот за здравствено осигурување и вработените во Канцеларијата на Народниот правобранител уште од летото, а сега и здружени.
Вработените велат дека платите не стигнуваат ниту за храна поради високите цени. Пензионерите протестираат од летово, а незадоволството особено се зголеми откако функционерите своите плати го зголемија за 78 отсто, а Владата повеќе пати најави, но не ги намали платите на над 1.200 функционери.
Видете и ова: Усвоен предлог-буџетот за 2024 година, ќе изнесува 5,5 милијарди евраОфицијалните податоци покажуваат дека вкупната инфлација сега е на едноцифрена бројка, откако во октомври 2022 година достигна 19,8 отсто според Државниот завод за статистика.
Светската банка во извештајот за земјите од Западен Балкан што го објави есенва наведува дека вкупната инфлација забавува, но дека се предвидува и понатаму да биде висока во 2023 година.
Растот на платите може да ја продолжи инфлацијата
Светската банка наведува дека постојаниот раст на платите од април 2023 година го надминал растот на инфлацијата, а дека пораст на платите е регистриран во сите економски сектори во првата половина од годината, движен и од задолжителното зголемување на минималната плата.
„Сепак, растот на платите може да води кон продолжени инфлаторни притисоци“, наведува Светската банка.
Ако платите растат може да се направи притисок кон понудата и со тоа да се продолжи инфлаторната криза, коментира економскиот аналитичар Абил Бауш.
„Ако од една страна имате голема побарувачка, од другата понудата одма ќе ги покачи цените, затоа што побарувачката тоа ќе го генерира. Така продолжува тој магичен круг на кризи. Сите држави во време на криза излегуваат со некоја научена лекција. Ние никако не можеме да научиме од кризите, за да преземеме соодветни мерки со кои ќе се мисли на иднината“, вели Бауш.
Видете и ова: Хаос со платите, функционери со над 2 илјади, наставници со 200 евра платаПреранети пресметки за минимална плата
Бесими рече дека од април годинава „има реален раст на платите, додека инфлацијата е едноцифрена“. Исплата на К-15, којшто оваа година изнесува 10.000 денари, наредната ќе се исплаќа во износ од 30 отсто од просечната нето-плата“, рече Бесими, додавајќи дека за пензиите воспоставиле системско решение кое гарантира раст на пензиите.
Премиерот Ковачевски соопшти дека со новиот буџет за антикризни мерки до крајот на оваа година се предвидени 75 милиони евра. За пензионерите со пензии до висина на минималната плата ќе има финансиска поддршка. Зголемени плати ќе имаат и работниците во целиот јавен сектор, а минималната плата ќе биде 22.500 денари, рече Ковачевски.
Минималната плата се покачува според два критериуми во Законот за минимална плата: пораст на животни трошоци и пораст на просечна плата и според тоа од УПОЗ прашуваат како Владата може да ја знае точната математика од сега за три месеци за покачувањето на минималната плата да достигне 22.500 денари?
За нив, спорно тоа како Владата е сигурна дека минималната плата ќе ја достигне најавената сума, ако истовремено најавуваат намалена инфлација за 3,5 отсто во однос на септември и просечната плата зголемена од 36.400 на 37.700 денари.