Поранешниот пратеник на Соединетите Држави (САД) во преговорите за статусот на Косово, Френк Виснер вели дека напредокот на Косово се разликува од прашање до прашање, дека не се постигнало се што се сакало, но дека дека се изградило како суверена држава во европското семејство.
Во интервју за сервисот на Радио Слободна Европа на албански јазик, Виснер вели дека Србија се уште не е подготвена да ја прифати реалноста на независно Косово, па затоа договорите меѓу двете земји, според него, не функционираат.
Тој вели дека Косово од свои причини треба да формира Заедница на општини со српско мнозинство (ЗСО), но со „многу ограничени овластувања“.
Виснер смета дека се уште е рано да се каже што може да се очекува од администрацијата на новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп во однос на Западен Балкан.
Сепак, тој рече дека се надева оти новата администрација на Трамп нема да биде во „искушение“ да ги промени границите на Западен Балкан.
Србија се противи на независноста на Косово
Амбасадоре Виснер, пред две децении бевте клучна фигура во преговорите за статусот на Косово. Повеќе од 25 години по војната, во пресрет на 17-годишнината од независноста на Косово, како би го оцениле неговиот напредок низ годините?
Напредокот е измешан. Косово ја постигна својата независност, долго бараниот сон, се етаблира како независна нација и делумно влезе во поширокото семејство на народи.
Но, Србија постојано се противи, а нејзината независност не е целосно признаена. Како резултат на тоа, Србија успеа да го блокира пристапот на Косово во Обединетите Нации (ОН), а голем број нации не ја признаа нејзината независност.
Видете и ова: Вучиќ за Би-Би-Си: Никогаш не сме го признале Косово, се трудиме да живееме во мирВо исто време се управува како нова нација, со цел да ја подобри својата економска положба, нејзините политички институции. Значи, како што реков, тоа е измешана приказна.
Не успеа во се што сакаше, но секако стана суверена држава во европското семејство.
Гледајќи наназад, верувате ли дека нешто можело да се направи поинаку што би ја подобрило ситуацијата во Косово денес?
Мислам дека не. Често размислував за тоа, но Србија беше толку решена да ја блокира независноста на Косово, што беше невозможно да се заобиколи таа пречка.
Српското противење за независноста на Косово не ослабна ниту една минута во текот на овие години, и додека Србија не го прифати фактот дека Косово е суверено и независно и е подготвено да развива добрососедски односи, не гледам решение за таа ситуација.
Европа се обиде, европските институции се обидоа да им помогнат на двете страни да се здружат за да воспостават основа која е прифатлива за двете страни. Не успеаја ниту САД. И мислам дека додека Србија не одлучи дека е во нејзин интерес да дозволи Косово да биде целосно независна нација, ништо нема да се случи, нема да се постигне конечниот статус.
Но, посредниците рекоа дека двете општества сè уште не се подготвени за конечен договор. Дали мислите дека има излез од оваа ситуација?
Србија не е подготвена да признае дека Косово повеќе не е дел од него и да ја прифати независноста на Косово. Се додека тоа конечно, дефинитивно не се разбере, не гледам конечна одлука за статусот.
Дали верувате дека т.н план на Ахтисари сè уште е најдобрата рамка за односите меѓу Косово и Србија или треба да се предложи нешто ново?
Мислам дека планот на Ахтисари е добар, нема проблеми со него. Не беше проблемот планот, туку подготвеноста на Србија да го прифати фактот дека Косово ќе биде независно, а Косово нема да се задоволи со ништо друго освен независност.
Треба ли да се формира Заедница на општини со српско мнозинство? Заедницата на општините со српско мнозинство е дел од договорот постигнат во дијалогот, но Косово сè уште го нема спроведено. Во актуелната Влада на Косово постои страв дека тоа ќе личи на Република Српска во Босна и Херцеговина. Дали мислите дека стравот е основан?
Мислам дека идејата српските општини да работат заедно, да соработуваат, да ги одржуваат културните институции е доста добра.
Но, никогаш не бев целосно убеден дека Србија го гледа тоа институционално уредување како дел од суверено, независно Косово, туку како начин да се намали позицијата на Косово како независна нација.
И додека идејата во принцип останува добра, додека не видам поголема подготвеност на Србија да живее со независно Косово, да го признае суверениот статус на Косово, мислам дека ниту еден сет на аранжмани нема да функционира, да се одржи или да биде успешен.
Видете и ова: Заедницата на општини со српско мнозинство - пречка на патот на Косово кон Советот на ЕвропаДали Косово треба да ја формира таа заедница (ЗСО) и како таа треба да изгледа?
Мислам дека Косово, од свои причини, треба да создаде Заедница на српски општини, која има ограничени одговорности во областа на културата, образованието, локалната безбедност, даноците итн., но тие да немаат суверен статус кој би го нарушил функционирањето на косовската нација.
Соединетите Држави, како најблизок сојузник на Косово, ја критикуваат актуелната влада со месеци, па дури и со години, главно поради нејзините потези на северот на Косово. Властите овие потези ги оправдуваат со желбата да се воспостави владеење на правото, додека САД и останатиот дел од меѓународната заедница велат дека сè уште не е вистинското време за тоа.
Каков е вашиот став по ова прашање?
Мислам дека е вистинското време да се воспостави целосниот обем на суверените одговорности на една независна нација. Не само што е правилно, туку и задоцнето. И сите овие работи, употребата на српскиот динар и паралелната структура, беа дизајнирани од Србија за да го поткопаат суверениот статус на Косово.
Не гледам дека Србите се подготвени да се откажат без голема борба.
Затоа, се враќам на основата на моето размислување, а тоа е дека додека во Белград не се донесе политичка одлука за прифаќање на суверенитетот на Косово, не гледам пат напред. А сите останати се споредни прашања.
Какво решение гледате за северот на Косово?
Тоа е комплицирано прашање, бидејќи северниот дел на Косово, северно од реката Ибар, има многу Срби, но таму не се само Србите. Тоа е дел од суверено Косово, од косовската нација и треба да се интегрира во институциите на косовската држава.
Тоа не се случи целосно, а не се случи бидејќи Србија во основа е подготвена да ја саботира таа интеграција и да ја ограничи независноста на Косово.
Новата американска администрација и Западен Балкан
Доаѓа нова администрација во САД и во моментов има многу неодложни прашања ширум светот. Според вас, каков пристап ќе има новата администрација кон Западен Балкан?
Сè уште не знам, мислам дека е рано да се зборува за тоа. Западниот Балкан не е главниот надворешнополитички приоритет на новата администрација. Последната администрација на Трамп се занимаваше со голем број идеи насочени кон постигнување територијален договор, но чувствував дека тие не успеаја и ако се врати новата администрација, тие идеи повторно ќе пропаднат.
Ако почнете да се занимавате со територијалниот интегритет на балканските држави, ја отворате Пандорината кутија, отворате криза во целиот регион, каде што балканските држави и нивните етникуми се расправаат каде треба да се повлече линијата. Србија зборуваше за создавање на голема Србија, што е анатема за стабилноста на Балканот.
Секој чекор кон таа цел нема да предизвика ништо друго освен проблеми во Западен Балкан и се надевам дека нема да ја искушува новата администрација.
Колку очекувате новата администрација да биде вклучена во односите меѓу Косово и Србија?
Како што реков, мислам дека е рано да се предвидува, тој сè уште не е на функцијата, тој не започнал да работи и да ги дефинира политиките.
Мислам дека главен приоритет нема да биде Западен Балкан, во моментов имаме поважни работи, во однос на предизвиците на новата администрација во Азија, Украина, Блискиот Исток. Сите овие прашања мора да се решат пред да ги видите можностите за напредок на Западен Балкан.
Како треба да се позиционира идната влада на Косово во однос на новата администрација во САД?
Мислам дека треба да се погрижи линиите на комуникација да бидат отворени. Мора да се истакне нејзиното инсистирање за статусот на независна држава, таа мора да биде подготвена да соработува во рамките на секоја разумна преговарачка иницијатива.
Со зголемените тензии на Балканот и се посилното надворешно влијание на Русија и Кина, колку Косово е ранливо на обидите за дестабилизација?
Косово е мала земја. Нема силна структура. И ако има фокусирана акција од странство за да се дестабилизира, таа е ранлива. Но, таа преживеа до сега. И тоа ми дава надеж за иднината.
Видете и ова: Трамп и Косово: Какви беа нивните односи досега и што може да се очекува?Дали на Косово треба да му се даде јасен пат за членство во НАТО и дали тоа ќе влијае на стабилноста во регионот?
Според мене, Косово треба да биде кандидат за членство во НАТО, што ќе додаде уште една убедлива причина за регионот, како и за Србија, да го прифатат суверенитетот на Косово.
Што би ги советувале лидерите на Косово и Србија, како и на меѓународната заедница за споровите во овој регион?
Единствениот начин за решавање на споровите во регионот е да се седне и да се разговара за нив, да се решат. На пример, меѓу Србија и Косово, јас не гледам дека Србија ја прифаќа независноста на Косово. Би требало, но не сака.
Но, она што може да се случи е дека може да има делумни договори за трговија, за движење на луѓе, за културна соработка. Тие се практични чекори за соработка меѓу Приштина и Белград и вреди да се стремиме кон нив.