Политички ветришта во ветерниците на „Алказар енерџи“

Илустрација - „Алказар Енерџи“ во земјите од Западен Балкан

Фондот „Алказар Енерџи“ веќе регистрира компанија во земјава, која е во сопственост на офшор фирма регистрирана во Велика Британија. Од „Алказар“ велат дека тесно соработуваат во земјава со Стефан Пулејковски, име кое се поврзуваа ветерниците во штипско и пред 10 години, но и со ВМРО-ДПМНЕ.

Првата и најголема странска инвестиција тешка околу половина милијарда евра - ветерен парк меѓу општините Карбинци, Штип и Радовиш, Христијан Мицкоски ја најави уште како мандатар на новата влада.

А само еден ден по нејзиното формирање, инвеститорот „Алказар Енерџи“ на 25 јуни имаше официјална промоција во Скопје.

Политичари од владејачката партија во јавноста говорат дека инвестицијата навидум е веќе отпочната со работа и ветерниците веќе произведуваат струја.

„Она што ќе го работиме е добра економија, како на пример, сега во првите 100 дена за првпат по долго време, каде имаме 600 милиони евра странски инвестиции. Да бидеме почитуван посакуван партнер на било која европска држава“, изјави во октомври Љупчо Пренџов, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Во реалноста, ветрот во штипско-радовишкиот регион се уште дува во празно, наместо во турбините на „Алказар Енерџи“.

Овој инвестициски фонд од Луксембург е основан во 2014 година. На официјалната веб-страница ги истакнуваат инвестициите во Јордан и Египет како и соработката од 2021 година со „China Three Gorges“, најголемата кинеска корпорација за зелена енергија, основана во 1993 година која е целосно во државна сопственост.

Но, од промоцијата во Северна Македонија до сега, ниту инвеститорот, ниту Владата немаат соопштено до каде е потенцијално новиот енергетски капацитет кој би произведувал еден терават час струја што би покривал 20 отсто од целокупното производство што го има државата.

Премиерот Христијан Мицкоски со претставници на „Алказар енерџи“ во Скопје

Што се случува во заднина?

Луксембуршкиот фонд „Алказар енерџи“ врши аквизиции во земјите од Западен Балкан преку два инвестициски фонда.

Едниот, лоциран во Луксембург „Алказар Енерџи Партнерс 1“, преку кој влезе на црногорскиот пазар пред една година, а другиот „Алказар Енерџи Партнерс 2“, се наоѓа во Велика Британија и преку кој ќе се инвестира во Северна Македонија.

РСЕ открива дека „Алказар Енерџи“ веќе отворил компанија во Северна Македонија на 1 ноември под името „Алказар Енерџи МКД ДООЕЛ“.

Регистрирање на „Алказар Енерџи МКД ДООЕЛ“ во Централниот регистар на Северна Македонија

Меѓутоа, не во сферата на производство електрична енергија, туку во „дејности на советување во врска со работењето и останато управување“.

Увидот во досието на фирмата во Централниот регистар, покажува дека нејзин сопственик е „Алказар Енерџи Партнерс 2 Холдко Лимитед“ од Лондон.

Британската „Алказар Енерџи“ ја презема сопственоста над „Инвалл МАК“

Ознаката „Private Limited“ (приватно друштво со ограничена одговорност) укажува дека станува збор за офшор компанија, која е регистрирана во Велика Британија. Регистрите покажуваат дека истата адреса е седиште на преку 1.000 фирми.

РСЕ се обрати до „Алказар Енерџи“ со прашање за влезот во земјава преку офшор фирма.

„Проектот е во сопственост на локалната компанија „Алказар енерџи МКД ДООЕЛ Скопје“, која е во сопственост на британската холдинг компанија која исто така поседува неколку проекти во структурата на фондот „Алказар енерџи“ во Луксембург. Луксембург е воспоставена јурисдикција за фондови и еден од главните финансиски центри во Европа. Фондот инвестира во проекти преку холдинг компанија во Велика Британија, што е исто така проверена јурисдикција која обезбедува гаранција за крајните инвеститорите преку сигурна и стабилна правна рамка која вклучува мрежа на меѓународни договори за инвестиции и стабилна судска практика“, одговорија од Фондот за РСЕ.

„Алкаџар енерџи“, регистрирана во Велика Британија

За разлика од британската, на пријавената адреса на македонската „Алказар Енерџи МКД“ во Централниот регистар има заведено и друга фирма. Се работи за компанијата „Инвалл Мак ДООЕЛ Скопје“.

Според документите од Централниот регистар, и двете компании навеле дека деловните простории делат исто седиште во бизнис центарот „Хипериум“ на вториот кат во скопски Карпош, зад болницата “8-ми Септември“.

Зградата во која според документи е заведено седиштето на „Алказар Енерџи МКД ДООЕЛ“ и „Инвал МКД“.

Но, адресата во документите не се совпаѓа со проверката на терен.

РСЕ ги побара и „Инвалл МАК“ и „Алказар Енерџи МКД ДООЕЛ“ на седиштето оставено при нивното регистрирање во Централниот регистар. Меѓутоа, во бизнис центарот „Хипериум“ на вториот кат нема компании со такво име.

Тука се наоѓа адвокатското друштво „Папазоски и Мишев“, кое е ангажирано од „Алказар Енерџи МКД ДООЕЛ“ преку полномошно да ја запише компанијата во Централниот регистар. Адвокатското друштво е под капата на интернационалната компанија „Прајсвотерхаускуперс“ (PWC).

На адресата на која е заведена „Алказар Енерџи МКД“ се наоѓа адвокатското друштво кое добило полномошно од компанијата за да ја регистрира во Северна Македонија.

Вработените во македонското претставништво на „PWC“ ни рекоа дека двете компании кои ги бараме само се регистрирани на нивната адреса, но физички со простории воопшто не се таму.

„Инвалл“ повторно во игра преку нова фирма

Токму компанија со ова име пред 15 години требаше да го гради ветерниот парк за производство на струја. А сега како инвеститор истиот енергетски проект го најавува „Алказар Енерџи“.

Инвестицијата која никогаш не заживеа во минатото тргна да ја спроведе шпанската компанија преку подружницата во Северна Македонија - „Инвалл Македонија ДОО Скопје“.

Откако пропадна реализацијата на ветерните паркови на истокот, компанијата во 2015 година и официјално отиде во стечај.

Нејзини сопственици беа шпанската „Инвал Греен Енергу С.Л. Реус“, Стефан Пулејковски и три други лица.

Во истата 2015-та година, кога „Инвалл Македонија ДОО Скопје“ згаснува и заминува во стечај, се формира нова фирма со слично име - „Инвалл Мак ДООЕЛ Скопје“.

Таа е основана од компанијата „АДЦЕХ ДОО Скопје“ на бизнис партнерот на Пулејковски - Ивица Крстевски, а како управител е заведен лицето Игор Диманин.

Но, скоро три месеци пред јавно да се најави проектот за производство на електрична енергија од ветерни паркови во трите општини, доаѓа и до промена на сопственоста на „Инвалл Мак“.

Од 4 април 2024 година, Ивица Крстевски ја продава „Инвалл Мак“ на истата офшор компанија – „Алказар Енерџи Партнерс ИИ Холдко Лимитед“, која е и сопственик на македонската „Алказар Енерџи МКД“.

Сега, со „Инвалл Мак“ управуваат Мигуел Антонио Хигуера Диаз и Пјотр Даниел Волосзченко.

На промоцијата на инвестицијата во Северна Македонија на 25 јуни, извршниот директор на „Алказар Енерџи“, Даниел Калдерон не одговори конкретно на новинарско прашање - која е улогата на Стефан Пулејковски со чие име се поврзуваа нереализираните ветерници од претходно и дали „Инвал Мак“ е дел од конзорциумот на „Алказар“.

Даниел Калдерон од „Алкараз енерџи“ при промоцијата на инвестиција во ветерен парк во Северна Македонија

Иако во тој момент, според документите кои ги обезбеди РСЕ, офшор компанијата на „Алказар енерџи“ во Британија нецели три месеци претходно ја купиле „Инвал Мак“ од Ивица Крстевски.

„Секој пат кога „Алказар“ доаѓа во земји како Северна Македонија, Црна Гора, Јордан... ние имаме локален партнер. Типично, локалниот партнер работи на локалниот развој подолг временски период. Вие треба да ги анализирате земјата, различните технологии. Да, Стефан го спроведуваше тој дел од проектот, тие работи ги завршуваше и сега „Алказар“ доаѓа во моментот кога политичкиот прозорец е исправен, економскиот контекст е поволен, трошоците за технологијата се поволни за да може сето ова да се реализира на одржлив начин“, изјави Калдерон летово.

Според Централниот регистар, од основањето на „Инвалл Мак“ до денеска, Стефан Пулејковски формално воопшто не се појавува во сопственичката структура на оваа компанија.

Во кус разговор за РСЕ, Пулејковски кажа „дека нема никаква функција и позиција во проектот“. Ни посочи за сите прашања поврзани со инвестицијата да се обратиме до „Алказар енерџи“ како сопственик на проектот, бидејќи тој има потпишано договор со компанијата и не може ништо да говори во нивно име и воопшто за инвестицијата.

Од „Алказар енерџи“ велат дека ја „препознаваат важноста на силен локален партнер, што е клучен фактор за успешен развој и имплементација на кој било проект во обновлива енергија“.

„Во случајот со штипскиот проект, „Алказар енерџи“ е единствен сопственик на проект. Ние тесно соработуваме со Стефан Пулејковски кој активно се вклучи во развој на проектот во текот на последната деценија и се смета за пионер во областа на обновливите извори на енергија во земјата. Пред преземањето на проектот од страна на „Алказар енерџи“, Пулејковски беше дел од првобитната акционерска група“, одговорија од фондот за РСЕ.

Кој е Стефан Пулејковски?

Ова е втор пат името на Пулејковски (ин)директно да се врзува со изградбата на ветерниците во регионот на истокот.

Во изминатите две децении, македонските медиуми го портретираа Стефан Пулејковски како бизнисмен кој има тесни релации во ВМРО-ДПМНЕ, особено со експремиерот Никола Груевски и поранешниот прв човек на тајната полиција Сашо Мијалков.

Пулејковски беше вклучен во аферата без епилог за тендерот во Националната платежна картичка вреден три милиони евра преку фирмата „Виста процесинг“, доделен од тогашниот министер за финансии Никола Груевски, додека на чело на институцијата беше Владимир Мијалков, помлад брат на ексдиректорот на УБК и прв братучед на Груевски.

„Виста процесинг“ беше во сопственост на поранешниот претседател и генерален секретар на Пливачката федерација на Македонија, Стефан Пулејковски и синот на пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Благородна Дулиќ. Фирмата отиде во стечај само една година откако го добила милионскиот бизнис, па државата немала од што да си ги врати.

Видете и ова: Операторот на кол центарот на МВР дел од предистрага на Обвинителство

Дополнително, името на Пулејковски се врзува и за компанијата „Симболико“, која беше еден од подизведувачите на „Дермалог“ за набавката во 2021 година на Државната изборна комисија за идентификација на гласачите за изборните процеси. За овој случај, Антикорупциска поднесе кривична пријава до Обвинителството за испумпување на пари од државниот буџет.

Како што веќе пишуваше РСЕ, во постапката за читачите на отпечатоци користени при локалните избори, „Дермалог“ и исплатила на „Симболико“ повеќе пари од договореното, односно над 700 илјади евра повеќе од предвидените 1,5 милиони евра од договорот.

Финансиските трансакции во кои имаше увид РСЕ во ноември 2023 година, покажуваат дека дел од парите биле исплатени кон правни и физички лица поврзани со Пулејковски, кој е основач на компанијата во 2007 година и е активен сопственик до 2010-та. Обвинителството уште го истражува овој случај.

Сепак, и пред две децении, но и сега, може да се пронајде и индиректна поврзаност на Стефан Пулејковски, Ивица Крстевски и Мијалкови.

Компании во бизнисот со електрична енергија во кои дел се или биле Стефан Пулејковски и Игор Диманин

До пред една година, Игор Диманин бил управител во компанијата на помладиот брат на ексшефот на тајната полиција Владимир Мијалков - „Васт Енг.“, која е за компјутерско програмирање. Тоа е всушност и единствената фирма во која Владимир Мијалков се појавува неговото име како газда.

Од друга страна, Игор Диманин се појавува и како актуелен партнер и косопственик со Стефан Пулејковски во „Биг ДОО Скопје“.

Компании кои ги поврзуваат Стефан Пулејковски, Игор Диманин и Владимир Мијалков

Инвестиција без утврдена локација за градба

РСЕ дознава дека компанијата „Инвалл Мак“ уште во текот на 2023 година, доставила барање за добивање дозвола за вршење ново мерење на брзината на ветерот во регионот каде е планирана инвестицијата на „Алказар Енерџи“.

Тоа е најмалку половина година уште пред инвестицијата воопшто да ја најави премиерот Мицкоски и пред Ивица Крстевски да ја продаде „Инвалл Мак“ на офшор компанијата на „Алказар енерџи“.

Дека такво барање постои од претходно, во писмен одговор за РСЕ го потврдија и од Министерството за енергетика - компанијата има поднесено целосна документација за добивање на одобрение за мерење на потенцијалот на ветерната енергија.

„За истото барање има добиено одобрение за поставување на мерни столбови на 26 јули 2023 година на потегот на општините Штип и Радовиш. Одобрението е од времен карактер и со важност од три години. Министерството има надлежност во издавање на одобрение за поставување на мерен столб со потребната опрема за мерење. Одобрението не е финално и инвеститорот треба да прибави одобрение и од Агенцијата за цивилно воздухопловство, како и општините каде ќе се поставува мерниот столб“, одговорија од министерството за РСЕ.

Но, ниту министерството за енергетика ниту Владата, немаат одговор на прашањето на кој потег ќе се градат ветерниците во регионот Карбинци-Штип-Радовиш.

Ниту пак, дали опфаќа приватно земјиште или пак доколку е државно, инвеститорот треба да го купи од државата или да плаќа закуп.

„Ова се процеси кои ќе следат во подоцнежна фаза од постапката и за сите утврдени состојби и одлуки ќе ја информираме јавноста“, велат од Владата за РСЕ.

Видете и ова: Кои се инвеститорите што ќе го градат ветерниот парк кај Штип?

Во октомври, министерката Сања Божиновска донела решение со кое е формирана Комисија за овој проект.

„Инвестицијата мора да обезбеди овластување од Владата. Досега до Министерството не е стигнато барање за овластување од страна на инвеститорот, од што произлегува дека проектот е во фаза на прибирање на документација за добивање на овластување“, велат од министерството.

Од „Алказар енерџи“ за РСЕ одговорија дека мерењата на ветрот е се уште во тек, а во моментов се поставени четири јарболи покривање на целата проектна област.

„Развојните активности се вршат според планот и меѓународните стандарди кои „Алказар“ ги применува. Се очекува проектот да достигне подготвеност за изградба до втората половина на следната година“, рекоа од компанијата.

Влезот во земјите од Западен Балкан

Но, не е само инвестицијата во Северна Македонија.

„Алказар Енерџи“, според зборовите на извршиот директор на компанијата Даниел Калдерон има намера преку купување на проекти да достигне вкупен капацитет од 1.000 мегавати во ветро паркови на Западен Балкан, ширејќи го енергетското портфолио и во Србија, ентитетот Република Српска и Црна Гора.

Заедничко за сите овие инвестиции е што влегуваат во инвестиција во земјите со поддршка на актуелните влади.

Инвестиции на „Алказар Енерџи“ во Западен Балкан

Во септември 2023 година, „Алказар Енерџи“ преговараше и со претседателот на Владата на Република Српска, Радован Вишковиќ за влез на тамошниот пазар со струја.

Во тој временски период, компанијата објави дека ги стекнуваат правата за ветерниот парк кој треба да се гради во рамки на проектот „Бијела“, влегувајќи во партнерство со оригиналните гринфилд развивачи на проектот – „Сименс инженеринг“ и „Систем МНЕ“.

Проектот „Бијела“ е дел од црногорската владина национална развојна стратегија за 2040 година.

Во Србија, пак, компанијата потпиша договор со RP Global (РП Глобал) за преземање на правата за развој и изградба на проектот „Целзиус 1“ и управување со тој ветерен парк со планиран капацитет од 200 мегавати. Локацијата е источно од Белград.

Компанијата наведува дека „Алказар енерџи“ го доживува регионот на Западен Балкан како еден од најдинамичните и интересни пазари во Европа.

„Локалните енергетски сектори се на работ на транзиција и бараат значителни инвестиции во производните капацитети за краток временски период. Ние сме посветени да го олесниме овој процес и да донесеме финансиски и технички ресурси, да инвестираме во чисти, одржливи енергетски ресурси лоцирани блиску до центрите за побарувачка“, велат од „Алказар“ за РСЕ.