На велосипед низ Скопје - како видео игра со совладување препреки

Пешаци на патот, свирежи од возачи на автомобили и дофрлања од граѓани кои тргнале да фрлат ѓубре во контејнерот кој е на велосипедска патека. Ова се дел од препреките со кои се соочуваат велосипедистите низ Скопје и бараат да има ред и за велосипедската инфраструктура

Побрзо, ама понебезбедно на вело-патека низ Центар или побавно, ама побезбедно по кеј? Тоа е дилемата на скопјанецот Дарко Арсовски Петровски, кој секое утро вози велосипед од Влае до Центар, а попатно ја остава ќерка си во градинка.

„Некогаш намерно одлучувам да возам по кеј, свесен дека нема рампи и треба да симнувам и качувам по скали. Додека сум таму бар знам дека мене и на ќерка ми нема да ни се случи ништо додека возиме. Иако тоа ќе ме чини можеби 15 минути повеќе од времето, за дистанца која што треба можеби вкупно 15 минути да се вози“, вели Дарко.

Граѓаните чекаат автобус на дел од велосипедската патека

По патот, сведок е на конфликти со возачи и со пешаци. Во Карпош 3 и 4, забележува, граѓаните мора да се движат по вело патека за да фрлат ѓубре. И во Влае има контејнери на патека, а кај Буњаковец, не се знае кој има предност и дали тука треба некој да фрли ѓубре или велосипедист да помине.

За граѓаните да фрлат ѓубре во овие контејнери мора да поминат по велосипедска патека

„На мостот на Обединетите Нации во Влае, нема велосипедска лента, туку само пешачка, каде минуваат и велосипедисти, а тоа е една од главните артерии за поврзување на градот. Автобуските станици долж цела Партизанска, до Рузвелтова, не се заобиколени, па имаме активни конфликти со други учесници во сообраќајот“, додава велосипедистот.

Велосипедската патека пред мостот на Обединетите Нации во Влае „се претопува“ во пешачката патека

И Ненад од Скопје се чувствува небезбедно движејќи се на две тркала низ главниот град. На моменти, вели дека има чувство како да е дел од видео игра.

„Во поголем дел од градот нема велосипедски патеки или одвоен простор за велосипедисти, а и таму каде што ги има, движењето не е непречено, дали поради неодговорни возачи кои ги блокираат вело патеките, дали поради другите учесници во сообраќајот, пешаци, мотоциклисти кои се движат во просторот предвиден за велосипеди. Поминуваме многу препреки до целта, како да сме дел од некоја видео видео игра“, вели Ненад.

Препреки за велосипедистите во центарот на Скопје

За Илија Деревјов, пак, велосипедската инфратруктура во градот и не е до толку лоша. Нему работата сега му е блиску до дома, но претходно, кога живеел во Волково, а работел во Центар, поминувал по 22 километри дневно на велосипед, во двете насоки.

„Генерално возев по Партизанска каде има вело патеки. Релативно инфраструктурата за велосипед е доста подобрена во Скопје“, смета Илија.

Сепак, некаде нема велопатеки, а некаде ги има, ама исто како да ги нема и има простор за подобрување, забележува тој.

„По Илинденска не се баш згодни велопатеките, има само една и не е добро дефинирана, има и пешаци, не е исцртана, има само знаци дека е велосипедска патека. Накај Чаир, Бутел, да речеме, малку е поризично, бидејќи велосипедските патеки се узурпирани од паркирани возила, нема сообраќајна култура“, вели Илија.

Наместо во отпад, на велосипедска патека

„За да нема хаос, треба да има план и ред“

За да не биде секоја велосипедска патека и лента приказна сама за себе, туку да има ред и унифициран пристап при проектирањето, итно треба да се донесе Правилник за велосипедска структура на национално ниво, велат од „Гоу Грин“.

Ваков аларм пред парламентарните избори во 2020 упати и „На Точак“ – групата ентузијасти кои имаат цел подобро велосипедско Скопје.

„Еве каде сме, работиме на тоа, четири години подоцна. Бидејќи самите институции тогаш не го направија, сега ние го праќаме како целосен предлог. Ја преземавме обврската сами да го напишеме“, вели Дарко Арсовски Петровски, кој е проектен координатор во „Гоу Грин“, но и дел од „На Точак“.

„Од каде да поминам?“, се прашуваат велосипедистите во вакви ситуации

Не е прашање дали недостасува добра лента на Партизанска или пак дека контејнерите се лошо поставени, дали не може да се стави велосипед во воз. Треба да се размислува и делува национално и секогаш кога се носи нов ДУП, се прави нов или се реконструира постоечки булевар, веднаш да се испланира велосипедската инфраструктура, порачува Арсовски Петровски.

Велосипедска патека во скопско Дебар Маало

"Конкретниот предлог го добивме и во овој момент се разгледува неговата имплементација во однос на Законот за урбанистичко планирање како и реалното планирање на велосипедска инфраструктура во однос на постојната патна мрежа", велат од Министерството за транспорт и врски за Радио Слободна Европа.

Од Гоу Грин се надеваат на побезбедна и подобро организирана инфраструктура, а првично на средба во Министерството каде ќе можат да го презентираат и да видат дали надлежните се свесни за итноста на потребата од ваков правилник.